5.8 C
Скопје
29 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

УЧЕБНИЦИ И НАТАМУ НЕМА, ЌЕ ИМА САМО НОВ ЗАКОН

Учебната година за три месеци ќе заврши, а учениците се уште немаат добиено учебници по англиски јазик. Ниту учебниците за трето и шесто одделение по новата програма за следната година не стигнаа до учениците. МОН најавува нов закон, но наставниците се сомневаат дека тоа е решение.

Учебникот по историја во кој беа откриени низа грешки во лекциите се уште не е повлечен. Ваквите пропусти, но и многу други што се појавија годинава, МОН планира да ги решава со нов закон за учебници.

Она што е предвидено да се постигне со новиот закон е да се скратат роковите за да нема доцнење на учебниците, но и да се постават повеќе филтри при изработка и одобрување на содржината на учебниците.

„ Ќе се внимава на грешки и нелогичности, како и на тоа да нема навредливи содржини од родов или било каков друг аспект. И затоа, законското решение ќе треба да ги стимулира, особено професорите од педагошките факултети и експертите, да се вклучат во процесот“, велат од МОН.

Изработката на законот е се уште во почетна фаза. Се прибираат предлози и забелешки од експертите. Министерството очекува наскоро да биде објавена и првата нацрт верзија.

Нов закон не е решение

Според дел од наставниците, нов закон нема да ги реши проблемите со учебниците. Македонија никогаш не страдала од закони, колку што страда од лошата примена на законите, смета наставникот по историја Васко Гичевски и додава дека грешки во учебниците нема да се спречат со формирање на нови комисии, тела и филтри.

„И сега има филтри кои треба да се поминат, проблемот кај нас е што не се практикува законот и се ставаат на пример рецензенти за 15-20 дена да направат рецензија на учебник, што не е можно да се направи, учебниците се прегледуваат шаблонски, а никој не задира во суштината на нештата“, вели Гичевски.

Додава дека потребен е многу посериозен пристап во изработката на учебници, но и дека треба да се слуша мислењето на експертската јавност.

„Кога цела стручна јавност „се дигна“ против новата концепција, МОН одлучи на сила да ја продолжи. Се додека нема слух МОН за практичарите кои со години едуцираат деца и кои што не се дојдени случајно со политички договор да раководат со министерство, тогаш би имале напредок. Вака само претураме од шупливо во празно, бидејќи само формираме тела и комисии кои што само чинат дополнителни пари, се прават дополнителни филтри, а јас сум сигурен дека и покрај сето тоа, повторно ќе има грешки, бидејќи колку и да е добар законот, ние ќе најдеме начин да го заобиколиме“, вели Гичевски.

Учебникот со грешки и натаму се користи во училиштата

Учебникот по историја за петто одделение , во кој беа откриени низа грешки во лекциите и натаму се користи во училиштата. Никој не се пријавил на повторениот оглас за рецензија, па учениците и натаму учат од овој учебник, додава Гичевски.

„Заглавен е во лимбо , се уште го користат погрешниот, а еве веќе помина многу време, но се уште нема никаков одговор за тоа“, вели Гичевски.

МОН вината ја префликај авторите и рецензентите на учебникот, за кои рече дека требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за одобрување на учебници.

Нова програма – стари учебници

И додека некои ученици учат по учебници со грешки, други оваа учебна година воопшто не добија учебници. Учебници по англиски јазик се уште нема, а неизвесно е дали воопшто ќе стигнат до крајот на годината со оглед на тоа што се уште се во фаза на изработка.

Навременото почнување на процедурите за учебници треба да биде приоритет во новите законски решенија смета Мирослава Павлова Аневска од Асоцијацијата на наставници по англиски јазик ЕЛТАМ. Во меѓувреме вели, наставниците по англиски јазик предаваат по нови програми, а со стари учебници.

„Гледаме од старите учебници што можеме да искористиме за остатокот од програмата бараме содржини од Интернет и тоа е оставено на проценката на наставникот дали одредена содржина е соодветна за новата наставна програма. Она што сметам дека треба задолжително да се има предвид е ран почеток на постапките за одобрување на учебници за секоја учебна година, ако започна постапката во септември 2022/2023 тогаш учебниците да се користат за следната учебна година, значи една година однапред да се започнат процедурите за да бидат навремено доставени учебниците до училиштата“ вели Павлова Аневска.

Дополнително, и учебниците за трето и петто одделение кои од следната учебна година треба да бидат според новата концепција се уште не се ниту почнати да се пишуваат и да се печатат.

Дали тоа значи дека и следната година овие учебници ќе доцнат? Од МОН велат дека „се заложуваат сите предвидени учебници, пред 1 септември да бидат изготвени и во целосен тираж дистрибуирани до учениците“.

Наставниците се согласни дека сите овие проблеми во образовниот систем ќе остават последици врз квалитетот на наставата.

„Тоа лошо се одразува на децата, за нас можеби е минливо, но тоа е цела една генерација каде ефектот од тие лоши учебени години ќе го видиме после десет години, кога ќе се види тоа незнаење“, оценува Гичевски.

Минатата учебна година заврши без сведителства за учениците, бидејќи тендерите доцнеа, новата учебна година започна без учебници, а од почетокот на првото полугодие почнаа дојавите за бомби што резултираше со масовно губење на настава.

Related posts

НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПОТРОШУВАЧИ КАКО ПОМОШЕН ЛЕК ЗА КРИЗНОТО ПРОФИТЕРСТВО И НЕЧЕСНИТЕ ТРГОВЦИ?

ninja

Опаѓа поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, а само 24 отсто од нив ги поддржуваат уставните измени

admin

Сарацин во Скопје – продолжува дипломатската офанзива

admin

Премиерот Ковачевски најави оставка

admin

Кој кому му служи за изборите?

admin

Мицкоски за упадот во М-НАВ: Во нормална земја бандитите или ќе беа уапсени или ликвидирани

admin