17.8 C
Скопје
11 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ОТВОРЕНА РЕЗЕРВА КОН „ОТВОРЕН БАЛКАН“

ЕП препорача резервираност кон секоја иницијатива за регионална економска соработка која не ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан и не се заснова на правилата на ЕУ, како што е „Отворен Балкан“.

Она што досега се кажуваше во дипломатски ракавици, или се премолчуваше, се појави во завчера (23.11) усвоените препораки на Европскиот парламент. Во нив се поздравува значењето на инцијативи како што е Берлинскиот процес, а се препорачува изразување на резервираност во однос на секоја иницијатива за регионална економска соработка која не ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан и не се заснова на правилата на ЕУ, како што е иницијативата „Отворен Балкан“.

Иако секоја соработка во регионот е добредојдена, со ова јасно е потенцирана разликата меѓу двете иницијативи. Кон иницијативата „Отворен Балкан“ (ОБ) досега пристапија само три држави – Србија, Албанија и Северна Македонија, а во Берлинскиот процес (востановен по иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2014 година) учествуваат сите шест земји од Западен Балкан. Сега во регионот, особено во земјите учеснички во Отворен Балкан, со интерес се анализира препораката на ЕП наведена во делот „Демократска и социјално-економска трансформација во земјите кандидати“.

„Резолуцијата и препораката на Европскиот парламент (од 23-ти ноември, која е поврзана со Стратегијата за проширување на ЕУ), а упатена до Советот на ЕУ, Европската комисија и други инстанци, е против регионалната иницијатива ‘Отворен Балкан’, во која се Србија, Албанија и Северна Македонија“, пишуваат медиумите во Албанија.

Дел од нив го пренесуваат ставот на поранешниот албански претседател и претседател на опозициската Партија на слободата, Илир Мета, кој ја поддржал препораката на ЕП.

„Партијата на слободата го поддржува одобрувањето на новата Стратегија за проширување од страна на Европскиот парламент. Ги цениме сериозните резерви кон иницијативите како Отворен Балкан, која, како што одамна нагласивме, не се заснова на правилата на ЕУ. Ревитализацијата на Берлинскиот процес е клучна за новите достигнувања во регионалната соработка и членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ“, оценува Мета.

Албанскиот премиер Рама, српскиот претседател Вучиќ и македонскиот премиер Ковачевски на самит на Отворен Балкан во Белград, 2.09.2022
Албанскиот премиер Рама, српскиот претседател Вучиќ и македонскиот премиер Ковачевски на самит на Отворен Балкан во Белград, 2.09.2022Фотографија: Government of North Macedonia

Соработка, ама и дилеми

„Отворен Балкан“ уште од основањето стана прашање на поларизирани оценки во регионот: за едни беше одлична иницијатива за соработка, за други – проект со сомнителна позадина. Честопати беше акцентирано и прашањето – зошто освен индивидуални и неофицијални изјави на формална поддршка, ЕУ никогаш официјално не се изјасни што мисли за инцијативата. Односно, дека „полесно може да се открие кодот на Да Винчи, отколку ставот на ЕУ за отворен Балкан“, како што коментираше хрватски новинар. Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора беа загрижени дека „Отворен Балкан“ може да е фасада за регионална хегемонија на Србија. Но, дури и некои од нив да се двоумеле дали да се приклучат на „Отворен Балкан“, една изјава на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров во јуни годинава, им го зголеми сомнежот. Критикувајќи ја одлуката да му се забрани прелет на неговиот авион до Србија, Лавров прстот го впери во „бриселските газди“.

„Очигледно не сакале да му пружиме поддршка на Белград и неговата иницијатива за Отворен Балкан, која треба да ги подобри односите во регионот. Сега е јасно дека НАТО и Брисел го сакаат Балканот за себе, сакаат затворен Балкан“, изјави Лавров.

Од друга страна, ОБ навистина ја зголеми соработката меѓу трите земји и меѓусебната помош, особено во време на кризи. Таква беше и пораката што ја испрати македонскиот премиер Димитар Ковачевски од последниот самит на ОБ во септември годинава.

„Од овој самит на Отворен Балкан, заедно испраќаме порака, дека, како држави и како влади, се солидаризираме и преземаме конкретни чекори за заеднички да се справиме со кризата во која се наоѓа Европа и во која се наоѓаат нашите земји. Зимата пред нас, која доаѓа, ќе биде долга и ќе биде најтешка после Втора светска војна, како за нас, така и за целиот свет. Но, ако судам по сите разговори денес, подобро е да ја пребродиме заеднички, отколку секој да ја пребродува самостојно. Тоа е суштината на Отворениот Балкан – поврзување, солидарност, добрососедство, сѐ во функција на подобрување на животот и стандардот на граѓаните“, порача Ковачевски.

Ковачевски во септември, на самитот на Отворен Балкан во Белград, порача дека е подобро тешката претстојна зима да се преброди заеднички, отколку секој да ја пребродува самостојно
Ковачевски во септември, на самитот на Отворен Балкан во Белград, порача дека е подобро тешката претстојна зима да се преброди заеднички, отколку секој да ја пребродува самостојноФотографија: Government of North Macedonia

Цело е кога има сѐ

Сепак, главна забелешка на критичарите остана дека „таму не се сите земји од Западен Балкан“.

Софија Поповиќ од European Western Balkans (регионален портал специјализиран зa следење на процесот за европска интеграција нa земјите од Западен Балкан) за српски „Данас“ вели дека задршката на ЕП кон „Отворен Балкан“ не е изненадувачка, со оглед дека и други европски институции во повеќе наврати повторувале дека регионалните иницијативи мора да бидат поинклузивни и скроени според европските правила.

„Тоа е она што на ‘Отворен Балкан’ му недостига од почетокот, со оглед дека некои земји во регионот од различни причини се скептични кон намерите на лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија. Оваа формулација го отсликува она што други функционери на Европската комисија или земји-членки го говорат веќе подолго време, само завиено, во дипломатски речник“, вели Поповиќ.

Наспроти резервите во однос на Отворен Балкан, таа посочува дека членовите на ЕП недвосмислено го поддржале потпишувањето на договорот постигнат во рамки на Берлинскиот процес на почетокот на ноември, како чекор напред кон создавање на Заеднички регионален пазар, кој подразбира исто што и Отворен Балкан, само инклузивно и без дилема дека ќе биде според европските правила.

Дел од аналитичарите оценуваат дека „Отворен Балкан“ не е спротивен на Берлинскиот процес, ниту на заложбите за инклузивност, туку бил oбид да се направи барем нешто во време кога процесот на проширување на ЕУ во регионот беше во драматичен застој. Практично, повикот до сите земји од ЗБ да се придружат кон ОБ никогаш не запре. Албанскиот премиер, Еди Рама, изјавуваше дека е важно иницијативата „Отворен Балкан“ да ги собере не само земјите од регионот, туку и другите земји, и дека таа иницијатива не треба да бара оправдување за своето постоење, бидејќи ќе ја разберат само оние кои имаат визија и сакаат добро за иднината.

Самитот на Берлинскиот процес во Берлин, 3.11.2022
Самитот на Берлинскиот процес во Берлин, 3.11.2022Фотографија: Government of North Macedonia

Соработка прифатлива за сите шест земји

ЕП препорачува „да се зголеми економската конкурентност и социјалната кохезија на Западен Балкан преку структурни реформи и воспоставување регионална економска соработка, која е прифатлива за сите шест земји, стремејќи се кон понатамошно усогласување со стандардите и законите на ЕУ и придонесувајќи во процесот на интеграција во ЕУ“.

Во овој контекст, Европскиот парламент ги поздравува неодамнешните договори на самитот на Берлинскиот процес (на трети ноември годинава во Берлин), особено склучувањето на регионални договори за слобода на движење со лични карти, како и меѓусебно признавање на високообразовните квалификации (за докторите на медицина, дентална медицина и архитектите). Експертите беа согласни дека тоа беше историски самит на Берлинскиот процес, бидејќи тие договори ќе ги изградат темелите на Заедничкиот регионален пазар кој е договорен во Софија во 2020 година, како натамошен развој за Регионалниот економски простор кој беше потпишан во 2017 година во Трст.

А како доказ дека ЕУ е посветена на регионот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, веднаш посочи која дестинација е избрана за следниот самит.

„Следниот самит на ЕУ за Западен Балкан ќе го одржиме во Тирана на 6-ти декември, со цел да го потврдиме нашиот зголемен ангажман во тој регион. Западен Балкан е врвен приоритет за Европската Унија. ЕУ и Западен Балкан си требаат еден на друг“, порача Мишел.

Дел од аналитичарите и натаму сметаат дека „едното не мора да го исклучува другото“, односно дека Отворен Балкан не е спротивставен на Берлинскиот процес. Но засега нема проценки како препораката на ЕП може да се одрази врз ОБ. И Поповиќ не е сигурна за исходот.

„Ќе биде интересно како ќе опстои Отворен Балкан како иницијатива, доколку другите институции во иднина на сличен начин дадат поддршка на Заеднички регионален пазар во однос на Отворен Балкан“, вели таа./DW

Related posts

Бил Гејтс вели дека вештачката интелигенција ќе ги застари Amazon и Google Search

admin

ОТКУПОТ ЗА САЈБЕР НАПАДОТ ВРЗ ФЗО НЕ БИЛ МИЛИОНСКИ

ninja

Законски измени под превез на ЕУ за спас од затвор

admin

ИМА ЛИ РУСКИ ЗАЧИН ВО МАКЕДОНСКО – БУГАРСКАТА ЧОРБА?

ninja

ЕУ формира Совет за олеснување на реформите и растот на Западен Балкан

admin

Над 4.1 милиони украинци се засолнети во ЕУ

admin