12.8 C
Скопје
16 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ПО ИЗБОРОТ НА АБАЗИ, ТУПАНЧЕСКИ ВЕЛИ „СТОИ ПРАШАЊЕТО“ ЗА ГЕНЕРАЛЕН РЕИЗБОР ВО ПРАВОСУДСТВОТО

По изборот на Ислам Абази за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК), министерот за правда Никола Тупанчевски потсетува дека изборот го направиле самите обвинители на непосредни избори – модел кој би требало да ги отстрани надворешните влијанија.

„Стои тоа прашање како Дамолков меч, дали треба да се направи таа филтрација, ние зборувавме и за ветингот но да не заборавиме дека во нашиот систем во моментот има институции кои се занимаваат со квалитетот на работата и на обвинителите но и на судиите. Кога станува збор за надминување на состојбите во нашата држава треба да се потенцира дека не е главниот проблем во новите закони. Сепак главниот проблем треба да се лоцира во однос на капацитетите и во однос на начинот на кој се правораздава“, истакна Тупанчески.

При гостувањето во вечерашното издание на емисијата „360 степени“, првиот човек на ресорот правда кажа и дека станува збор за сериозна функција каде се постапува по комплексни предмети и дека поради тоа, на такво место, би требало да биде човек кој има сериозно искуство и капацитет да ги менаџира предметите. Тупанчески не кажа дали Абази е или не е вистинскиот човек, но додаде дека за краток временски период ќе се утврди дали е избран вистинскиот човек. Но дури и тогаш, додаде министерот, треба да се почитува волјата на обвинителите.

„Дефинитивно ова е избор на јавните обвинители. Секогаш знам холистички да гледам на нештата. Во еден изборен процес, пред се се работи за избор на јавен обвинител или за претседател или пратеник секогаш треба да се гледа пошироката слика. Тоа зборува и за избраниот, но и за субјектите кои го направиле изборот“, вели Тупанчески.

Никола Тупанчески изјави и дека лично не го познава Ислам Абази. За изјавата на заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, кој веднаш по изборот му честиташе на Абази на социјалните мрежи, Тупанчески вели дека тоа не е официјална изјава на министерството.

„Ќе мора да кажам и да направам одредена ограда во однос на неговата изјава. Тоа не е изјава на министерството за правда, туку на заменик министер кој честиташе и морам да кажам во таа негова изјава јас го видов она што јас би го направил кој и да биде избран на тоа место, забрзување на истрагите итн. Таа флоскула и таков тип на зборови кои имаат генерално значење“, кажа Тупанчески.

Веднаш по изборот на Ислам Абази за прв човек на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, во јавноста се појавија фотографии каде тој е сликан со функционери од владејачката ДУИ. Имајќи предвид дека за избор на шеф на ОЈО за ГОКК обвинителите гласаа сами и на непосредни избори, беше во најмала рака чудно што релативно непознатиот Абази доби голем број на гласови од штипското и битолското апелационо подрачје, а победи и меѓу обвинителите во републичкото обвинителство.

Сите овие елементи беа доволни за Абази да биде прогласен за „човек на ДУИ“. Тупанчески вели дека во секоја професија има луѓе кои заслужуваат да бидат дел од таа професија, но и луѓе кои не заслужуваат. Сепак, набрзо потоа повтори дека моделот на избор е таков што јавните обвинители добиле шанса да се изјаснат на непосредни избори, со што би требало да се отстранат надворешните влијанија.

„Навистина се работи за сериозна функција каде се постапува по комплексни предмети. Ако го земете Законот за јавно обвинителство и надлежностите на јавниот обвинител тогаш навистина на такво место би требало да биде човек кој има сериозно искуство, меѓутоа истовремено човек што ќе знае во вистинска смисла на зборот да ги менаџира случаите кои се однесуваат на комплексните предмети. Се работи за избор на јавнообвинителската фела и тој избор беше транспарентен, а какви ќе бидат резултатите или дали имало некакви девијантности или дистурзија на она што значи избор и доверба во тој јавен обвинител сепак да не заборавиме 163 обвинители практично својот глас за колегата кој може да ја оценуваат неговата стручност“, вели Тупанчески.

За тоа дали успешно се остранети сите надворешни влијанија, Тупанчески вели дека треба да се остави на времето да покаже дали навистина ова е вистинскиот модел за избор на јавен обвинител./360stepeni

Related posts

СДСМ и ДУИ со заеднички претседателски кандидат, но дали кандидат – Албанец?

admin

ЌЕ ИМА ЛИ ПРЕМИЕР АЛБАНЕЦ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 100 ДЕНА? КОВАЧЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА ДОГОВОРОТ СО ДУИ Е ТРАНСПАРЕНТЕН

admin

Димитров: Треба да утврдиме државни позиции за патот напред

admin

ДЕЛ ОД ОПШТИНИТЕ „МУВА“ НЕ ГИ ЛАЗИ ЗА ШТЕДЕЊЕ

ninja

Зеленски: Се случува контраофанзива на Украина, пренесете му на Путин дека моите генерали се оптимисти

admin

КОВАЧЕВСКИ – М-НАВ ПОСТАПИ ДОБРО СО КОНКУРСОТ ЗА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ

ninja