Пратениците шести ден по ред дебатираат за владината реконструкција, а крајот на расправата не се гледа. За тоа време министерствата за здравство и правда се обезглавени и нема кој да потпише ниту набавка на лекови, ниту пак да се спроведат предмети кои се врзани со рокови како што е екстрадиција.
Набавката на инсулин и на терапија за ретки болести за годинава, набавката на медицинска опрема за потребите на Клиниката за хирургија, Клиниката за гастро, за болницата 8 септември и за Клиничката болница Тетово, се тендери кои ќе чекаат пратениците во Собранието да ја завршат долгата дискусија за да се спроведе реконструкцијата на владиниот кабинет.
Причина за чекањето е тоа што во Министерството за здравство нема ниту министер, ниту заменик министер кој ќе може да ги одобри и потпише овие набавки. Таму до 13 февруари овие функции ги извршуваа Беким Сали кој што чека пратениците да го разрешат, и неговиот заменик Владимир Рендевски, кој сам си поднесе оставка. Сали практично уште е на функција, но во Министерството никој не одговара на новинарите дали тој доаѓа на работа.
Според податоците од Бирото за јавни набавки овие огласи се објавени на почетокот на месецот и до крајот на овој месец ќе треба да бидат потпишани за да стартува набавката и истата да се спроведе.
Слична е ситуацијата и во секторот правда. Откако министерот за правда Никола Тупанчевски и неговиот заменик министер Агим Нухиу на 13 февруари си поднесоа оставки, во ова министерство нема кој да потпише нити завршна сметка која е обврска на сите институции да ја завршат до крајот на месецот, ниту пак да потпише предмети кои пристигнуваат за одобрение од министер а се врзани со рокови, како што е на пример екстрадиција на обвинети или осудени.
Поради оставката на Тупанчевски, земјава остана покуса за една еврообврзница од 600 милиони евра и можност за повисоки камати за нејзиното повторено распишување за кое може да се почека и до еден месец.
Поранешниот потпретседател на Собранието Тито Петковски се чуди зошто Владата во исто време разрешува и министер и заменик министер со што ги остава обезглавени институциите.
„Тука се работи за многу лоша проценка на актуелната влада и владејачките партии кои мислеле дека лесно ќе поминат преку ова без да има послеции, тоа значи дека одговорноста е нивна, тие морале да направат реална проценка во каква ситуација ќе се најде министерството за правда кое не може да одговори на една од основните претпоставки како задолжувањето или министерството за здравство каде може лекарите да не примат плата или да не се набават лекови,“ вели Петковски.
Дебатата во Собранието нема изгледи дека набрзо ќе заврши затоа што уште 20-тина пратеници чекаат ред за збор, а на дневен ред се уште е првата точка – разрешувањето на министри. Според проценките на дел од пратениците дискусијата за владината реконструкција може да трае уште три недели.
За владејачкото мнозинство проблемот е во опозицијата, односно нејзиниот обид да се блокира изборот на нови министри. Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски вели дека тешко може да се предвиди колку ќе трае дебатата, и дека очекува до крајот на неделата пратениците да гласаат за разрешувањата по што би се отворила расправа за избор на министри. А до тогаш според него решението за обезглавените министерства е во опозицијата.
„Решението е опозицијата да се повлече од беспредметната расправа. Нема суштинска расправа во Собранието, џабе трошиме време и пари“ вели тој.
Од друга страна пак, опозицијата смета дека неправедно вината се префрла кон Собранието. Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Миле Лефков вели дека дебата ќе продолжи, но во петокот вечерта ја потсетиле власта дека се додека не се изгласа разрешувањето на Сали, владата има министер за здравство. По завршувањето на расправата за неговото разрешување во петокот, Лефков вели дека собранискиот спикер не го ставил на гласање и го одложи за следната наредна прилика.
„Ова само може да ѝ укаже на македонската јавност дека пазарењата односно „Пазар 3“ реконструкцијата се уште трае и нерационално се обидува да се премостува лостот на вината во Собранието“, вели Лефков.
Петковски проблемот не го гледа во Деловникот каде што не е ограничено со рок колку може да трае дебатата туку во отсуството на политичка култура и отсуство на чувство на припадност кон државата а не кон партијата.
„Тоа е дел од нашата политичка култура, ако веќе една политичка партија отворено кажува дека го напушта парламентаното мнозинство, ја напушта Владата, процедурата налага сите да си поднесат оствка и без расправа на Собрание ќе се констатира нивната оставка. Но, кога тие не сакаат да си поднесат оставка по желба на партијата или по желба на министерот, ете тогаш навлегуваме во овие бирократски лавиринти, кои не можат да ги предвидат сите елементи во процесот на одлучување во Собранието и се доаѓа до апсурдна состојба, да не можат да функционираат одредени сфери во животот заради неефикасноста на Собранието“, вели Петковски.
Во меѓувреме останува да виси и едно од клучните прашања, колкав број пратеници брои парламентарното мнозинство. Премиерот Димитар Ковачевски во своите јавни обраќања тврди дека власта има стабилно мнозинство но не прецизира колку вкупно пратеници брои ова мнозинство.
Лидерката на ДОМ Маја Морачанин најави можен премин во опозицијата доколку не се реализираат нивните барања. По преминот на Алијанса за Албанците во владејачкото мнозинство со 8 пратеници, од власта си заминаа Алтернатива со 3 пратеници и Демократски сојуз со еден пратеник.