7.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ОД 94 ОБВИНЕТИ ОД СЈО, ЗАД РЕШЕТКИ СЕ МИЈАЛКОВ, ЈАНКУЛОСКА И ТАЛЕСКИ

Укинати пресуди, вратени предмети на повторно судење, петгодишни судски рочишта, намалени затворски казни е исходот од предмети поврзани со аферата за масовното прислушување на над 20 илјади луѓе. Тогашното СЈО поднесе 17 обвиненија против 94 луѓе, а затворска казна денеска одлежуваат десетина, а неколку живеат во азил.

Поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески е последниот функционер кој годинава го премина затворскиот праг во прилепското затворско одделение. Тој од 10 јануари почна со одлежување на правосилната пресуда на „Транспортер“ за противзаконска набавка на превоз на ученици. Ова беше еден од предметите на „Т“ на поранешното Специјално обвинителство, кое беше формирано во 2015 година, по најголемата афера досега за масовно незаконско прислушување.

Екс-градоначалникот на Битола веќе три години помина во домашен притвор, а за одлежување на казната во затвор му остануваат уште четири. Апелација годинава му ја намали затворската казна од осум на седум години. За истиот случај беше осуден и поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, кому Апелација, исто така, му ја намали затворската казна од шест години, на пет и пол. Нему за издржување му остануваат уште две години и девет месеци.

Јанкулоска догодина на слобода, ако нема нова пресуда

Пред него во „Идризово“ започна со одлежување затворска казна и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска која беше осудена за предметот „Тенк“, за набавка на блиндираниот ексклузивен мерцедес. Таа е во затвор од 2020 година, откако Апелација и ја намали затворската казна од 6 на четири години. Тоа значи дека таа следната година би требало да излезе на слобода. Но, против неа се води уште еден случај „Таргет Тврдина“ кој, по последната одлука на Апелација за укинување на пресудата, ќе треба да почне од почеток во Скопскиот кривичен суд. Овој предмет се однесува конкретно на прислушувањето како и за незаконското уништување на опремата за прислушување.

Јанкулоска се жалеше дека е жртва на прислушувањето, а не дека таа била дел од организаторите на ова кривично дело. Со неа обвинети во предметот беа и шефот на Управата за контраразузнавање и безбедност Сашо Мијалков, кој со укинувањето на пресудата се спаси од 12 години затворска казна.

Мијалков преспива во Струга

Полициско спроведување на Сашо Мијалков
Полициско спроведување на Сашо Мијалков
Мијалков засега одлежува тригодишна казна затвор, но не во Идризово, како Јанкуловска, туку во струшкото затворско одделение кое е од отворен тип. Официјална причина за тоа е промената на адресата на живеење на Мијалков, кој од скопјанец се пиша како охриѓанец.

Мијалков од досега одредените 20 години затворска казна, треба да одлежи само три, затоа што лани се спогоди со Обвинителството и призна вина само за случајот „Империја“ каде што заедно со бизнисменот Јордан Камчев беа осудени за измама и перење пари, како и злоупотреба на службена должност.

Камчев излезе од затвор

Откако се спогодија со Обвинителството за организиран криминал, Мијалков на државата и платил 6 милиони евра, додека Камчев требаше да врати 5,2 милиони евра во буџетот. Камчев кој со спогодбата доби една година затвор излезе од струшкиот затвор во ноември по одлежани само 14 месеци од потребните две години кои произлегоа и од пресудата за предметот „Плацеви на Водно“.

Во тој предмет Камчев беше осуден за таканаречената „Белизе шема“ во која заедно со Мијалков, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ му помогнале на Груевски да пушти во оптек 1,3 милиони евра незаконски присвоени партиски пари за купување на плацови на Водно и неколку станови.

Мијалков беше осуден и за незаконската набавка на опремата за прислушување позната како „Трезор“, но затоа што не им била јасна пресудата на судиите од Апелација, оваа пресуда „падна“ и се врати отпочеток во скопскиот кривичен суд.

Падна „режимот на Ѓоко“

Прв кој почна со одлежување на затворска казна е поранешниот заменик министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски. Тој беше првиот кој беше осуден за набавката на мерцедесот,а подоцна и за незаконската набавка 300 возила за полицијата. На социјалните мрежи се шегуваа луѓето дека ако за пет години од судски процеси само тој е виновниот за случувањата во државата, тогаш со смената на власта значи дека паднал „режимот на Ѓоко“.

Нему Апелација му ја намали затворската казна од 9 на пет години со што вкупната казна затвор за двете пресуди изнесува 8 и пол години. Поповски во Идризово влезе во 2019 година, заедно со уште еден жител на затворското одделение, бизнисменот Сеад Кочан, кој доби 4 години и 8 месеци затвор за незаконски добиениот тендер во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина за РЕК „Битола“.

Кочан треба на почетокот на следната година да излезе на слобода.

Kонфискацијата на неговиот имот заглави во „процедури со стечај“, но и со смена на тројца владини функционери, шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми и државниот правобранител Фехми Стафа.

Апелација со месеци чувала предмети

По укинувањето на пресудите за „Таргет Тврдина“ и „Трезор“ вниманието на стручната јавност се сврте кон Апелација, каде што ревизијата на Судскиот совет покажа дека предмети со месеци се држеле во фиока. Според извештајот на Судскиот Совет апелационите судии освен овие два предмети во фиока го чувале и предметот „Транспортер“, и тоа три години. Со тоа му се овозможило пролонгирање на правосилност односно одложување на затворската казна на актерот и градоначалник Талевски, кој во тоа време добивал плата од Театарот додека му траел домашниот притвор.

Предметите кои произлегоа од аферата за незаконско прислушување во скопскиот суд влегоа во 2017 година, и голем дел од нив се уште траат. Според податоците од невладината организација „ Сите за правично судење “ половина од нив барем еднаш се вратиле од почеток. Најчестите причини за тоа биле истечени законски рокови за закажување рочишта или смена на судии поротници.

Половина предмети вратени на повторно судење

Поради навршување на 60 години на поротник, се вратија на почеток најголемиот и првиот предмет на СЈО „Титаник“ со 21 обвинет, „Талир“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ со перење нелегално стекнати пари, и „Тендери“.

Статистиката на Коалицијата „Сите за правично судење“ покажува дека околу половина од одложените рочиштата се должат на одбраната, најчесто затоа што не дошол обвинет, адвокат или, пак, тие имале барање до судот.

„Титаник 2“ ќе застари додека Апелација да одлучи

На пример пет и пол години до денеска поминаа откако обвинението за изборни измами под името „Титаник 2“ влезе во судот. Апелација во 2019 ја укина пресудата и предметот во 2020 почна одново. Судот уште еднаш ја донесе истата пресуда во предметот, како и во март 2019, со речиси преполовени затворски казни.

Пресудата пристигна во јануари 2023 година, но додека да одлучи по втор пат Апелација за жалбата на одбраната, можно е судиите пред себе да имаат застарен предмет. Со ова Мијалков и соучесниците Мендух Тачи, лидер на ДПА и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анита Стефановска може да се спасат од две годишната затворска казна.

Од почетокот на година во судот се одржаа 10 рочишта и тоа со изведување на материјални докази и распити на сведоци што значи дека судските процеси се стигнати до половина.

Станува збор за предметите „Тотал“ – во кој обвинет е поранешниот уредник на Сител Драган Павловиќ Латас за даночно затајување, „Моќник“ – против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и „Тарифа“ против вработени во ЕЛЕМ за оштета од половина милион евра. Ова се дел од предметите кои почнаа од почеток.

Груевски во азил, Канческа по петти пат чека судење

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска објавува документи за истрагата „Тендери“ на СЈО
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска објавува документи за истрагата „Тендери“ на СЈО

Меѓу нив е и примерот со случајот „Траекторија“ за кинеските автопати, кој почна во 2017 година и е со само тројца обвинети, бидејќи Никола Груевски побегна, нема абер да заврши. Во меѓувреме, на Груевски и му застаре делото. Тој пресудите за неговите предмети ги чита од медиумите, затоа што ноември 2018 година побегна од земјава и доби азил во Унгарија.

Надвор од македонската територија се и двајцата разузнавачи кпо побегнаа од земјава а беа дел од УБК и предметите за незаконското прислушување.

Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милеска вчера повторно седна на обвинително столче во скопскиот кривичен суд откако предметот „Тендери“ по петти пат врати отпочеток . На 13 март 2018 година беа дадени воведните зборови во случајот, но и по точно пет години нема првостепена пресуда, туку судењето постојано почнува одново.

Related posts

Џемаил Даути смирува: Нема да има нови поскапувања

admin

АНКЕТА: БУГАРИЈА Е ЗАКАНА, А ЕУ Е НЕФЕР И НАДМЕНА

ninja

Се стега ли обрачот околу Вучиќ?

admin

Петковиќ: Опозициските профитери од Белград се подготвени да застанат на страната на Курти

admin

ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ВАДИ ОД КАЛ НЕПЛАЌАЧИТЕ НА СТРУЈА

ninja

Мицковски се сретна со Гир

admin