17.8 C
Скопје
14 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Тонеме длабоко за срамот да нема од каде да избие

Парафрза на Вонегут, како делче од маестралната „Човек без земја“Па колку и да бидат корумпирани, алчни и бездушни нашите влади, нашите корпорации, нашите медиуми и нашите верски и добротворни институции, музиката сепак ќе биде прекраснo и возвишено нешто!

ПишуваКатерина Топалова

Непредвидливи економски услови, зголемена несигурност, нискиот квалитет на живот и нефункционалноста на системот се главните двигатели и поттикнувачи на миграцијата, којашто е особено изразена кај младите генерации… И сево ова е доволна причина да се напуштат сопствените огништа, домови и татковина во потрага по подобри услови за живот. Поконкретно, земјите со висок степен на корупција ги поттикнуваат и охрабруваат миграциските процеси. Гледајќи ја ваквата слика имаме сериозна должност и обврска да се запрашаме, каде е Македонија во таквата приказна? Кон каде води работата? Дали сценаријата за нашиот опстанок, без разлика на која вера и етникум припаѓаме се катаклизмични!?

Можеби корупцијата и не е директен двигател на миграцијата, иако може да ги поттикне миграциските желби кај луѓето. Сепак корупцијата е индиректен фактор за миграција и двигател на принудното раселување… Корупцијата има безброј манифестации. Истакнати примери вклучуваат поткуп, проневера, злоупотреба на јавни средства, непотизам, трговија со влијанија, изнуда и злоупотреба на јавните пари на граѓаните. И не треба да заборавиме дека миграцијата и корупцијата си влијаат едена на друга, бидејќи токму корупцијата е таа којашто ја обликува миграцијата. Секојдневни главоболки – некако навикнавме на следниве поплаки: „Заморени сме од постоечкиот систем“, „третирани сме неправедно“, „ништо не функционира“, „само во оваа држава го има ова“ итн…

Да, точно е! Останува констатацијата дека луѓето секогаш мигрирале и ќе се иселуваат и во иднина, барајќи подобри услови за живот. Ако некогаш во Југославија миграцијата го подразбирала токму тоа – „подобри услови за живот“, миграцијата била и останала актуелна, особено кај оние слоеви од општественото живеење кои се наоѓале на најнискиот степен на развој, со прилично ниски примиња и степен на образование. Па така, европските, австралиските и американските фабрики се полнеле со свежа работна сила, претежно од руралните и посиромашните делови на Југославија. Но таков не бил случајот со средниот или побогатиот слој од популацијата?! Денес живееме во време кога токму оваа група на луѓе е предмет на миграција. Што се случило во меѓувреме што довело до таква состојба?

Да истакнам, тука воопшто и не ги вбројувам елитите. Тие си имаат свој засебен систем на миграција, особено кога нивните коруптивни зделки, канали и дилови ќе испливаат како отпад во јавноста, па ќе се најдат пред некаков морален суд, зашто оној постојниот очигледно има сериозен церебрален застој. И токму во ваквите случаи се активираат т.н транснационали врски. Во превод, мистериозна појава на двојни, тројни или незнајни пасоши и документи, кои треба да ја стартираат транснационлната мобилност или експресно распоредување на своето богатство, правејќи го недостапно, па дури и подготвување за брзо излегување од државата доколку се наѕира кривично гонење. Но сведоци сме и на случаи кога дел од елитите  профитираат од корупција и ги испраќаат своите семејства и пари во странство како заштита од промена на богатството.

Затоа денес состојбата е повеќе од драматична! 40% од младите се мотивирани да ја напуштат земјата токму поради корупцијата со сите нејзини пипци… А од минатогодишното истражување на оваа тема, досега сигурно половина од овој процент ја имаат веќе и напуштено Македонија. По сѐ изгледа дека свесно се доведовме во ситуација да ни се испразни државата… Реалноста е сурова и истата таа ќе ја промовира идната работна сила увезена од далечените Индија, Пакистан или пак Непал, којашто меѓу другото ќе ја збогати и така преголемата и шаренолика културната разновидност кај нас. Ќе бидам помалку и иронична,  и така планираме да го отвориме Уставот, па не е лошо таксативно да почнеме да ги вбројуваме и нив во делот на конститутивни народи?! Секој со својата мака и ѕвезда!

Нема ден, да не се разбудиме со нов корупциски скандал или пак да посведочиме  продолжение, нова разврска од претходниот, којашто изгледа уште пострашно одошто сме очекувале. Анемичен, умртвен систем кој како сома чека да се распадне сам од себе… Закопани сме в земја, но од ден во ден тонеме уште подлабоко, за да нема од каде да ни излезе срамот. Што си е сигурно си е сигурно! Ако ништо друго може ќе дочекаме да биде објавен Договорот со „Бехтел и Енка“, како мала извојувана победа  на моралниот суд! Но, да, тука немавме индиции за коруптивен скандал?! Затоа, кога некој легнува во кревет со Владата, мора да ги очекува болестите што таа ги шири – што би рекле авторитетите од САД, од калибарот на Рон Пол.

А кога сме веќе кај Американците, мала парафрза на Вонегут за крај, како делче од маестралната „Човек без земја“: Па колку и да бидат корумпирани, алчни и бездушни нашите влади, нашите корпорации, нашите медиуми и нашите верски и добротворни институции, музиката сепак ќе биде прекраснo и возвишено нешто! /KDP

Related posts

Со Западот или против него, уште еднаш

admin

САД и ЕУ во регионот: Тактички партнери и стратешки ривали

admin

ШТО НЕ НИ КАЖА ГЕРМАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ

admin

Нуклеарен армагедон: Земјата ќе биде запалена а бетонот ќе се топи

admin

На Полска повторно и се заканува тиранин. Овој пат Европа не смее да го тргне погледот

admin

БАЛКАНОТ КАКО ПОЛЕ НА АБСУРДНОСТА

admin