14.8 C
Скопје
26 април, 2024
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУ

Марина Тунева: Политичкиот клиентелизам е присутен на медиумската сцена

Марина Тунева е познат експерт за медиуми и комуникации. Таа била прва извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Доктор по студии на културата, чија дисертација е на тема „Улогата на комуникациските стратегии во мултикултурните општества: студија на случај Охридски рамковен договор“. Магистрира на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофски факултет во Скопје, а заврши постдипломски студии по дипломатија на Универзитетот во Малта. Тунева дипломира на интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Во 2021 година се стекнува со сертификат за успешно завршена „Distinguished Humphrey Fellowship Program” за медиуми и информации од Бирото за развојни и културни прашања на американскиот Стејт департмент.

„Политичките случувања како што се изборите, референдумот, промената на името на државата, како и спорот со соседна Бугарија беа плодна почва за многу кампањи за ширање влијанија, а и дезинформацции. А во политички и етнички поларизирана држава како Северна Македонија, ваквите влијанија неретко ескалираат во говор на омраза, закани и вербално насилство меѓу спротивставените групи. Сето тоа ја поткопува демократијата и социјалната кохезија“, вели Тунева во интервју за Инбокс7.

Инбокс7: Имате ли било какви сознанија, информации или барем индикации за странски влијанија во македонскиот медиумски простор?

МАРИНА ТУНЕВА: Имајќи ги предвид континуираните драматични случувања на домашната политичка сцена во последните неколку години, несомнено е дека идентитетските прашања сè уште имаат најсилен потенцијал за ширење влијанија и дезинформации од различен вид преку различни извори, вклучувајќи ги и медиумите. Политичките случувања како што се изборите, референдумот, промената на името на државата, како и спорот со соседна Бугарија беа плодна почва за многу кампањи за ширање влијанија, а и дезинформацции. А во политички и етнички поларизирана држава како Северна Македонија, ваквите влијанија неретко ескалираат во говор на омраза, закани и вербално насилство меѓу спротивставените групи. Сето тоа ја поткопува демократијата и социјалната кохезија. Самата геополитичка положба на земјата ја прави подложна на влијанија од странски фактори и центри, кои најмногу се насочени против нејзините цели за интеграција во ЕУ. Високи политичари јавно ја посочуваат Русија како еден од изворите на такви влијанија на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. На пример, во интервју од минатата година претседателот на државата Стево Пендаровски спомена дека Русија продуцира исклучително сериозни хибридни закани кон целиот Балкански регион, а особено политичка пропаганда и кампања на дезинформации. Тој истакна дека нивната комплексност и интензитет се исти како оние во 2018 година, за време на референдумот по Договорот од Преспа. Ваквите кампањи се засилени од домашни актери и медиуми кои ги следат сопствените политички агенди и интереси. Голема улога во ова особено имаат некои интернет портали и социјалните мрежи, било поради нивниот потенцијал да стигнат до голема публика или поради клиентелистичкиот однос со политичките центри на моќ. Врз основа на истражувањето на Глобсек од 2021 година во врска со подложноста на земјите од Централна Европа и Западен Балкан на руско и кинеско влијание, Северна Македонија е рангирана како најотпорна од земјите од Западен Балкан, но сè уште е ранливо и поларизирано општество со антагонистички политички блокови. Додека мнозинството од населението сè уште го поддржува зацртаниот процес на пристапување кон ЕУ, сепак значајна улога имаат и ставовите на симпатизери на авторитарното владеење на Кремљ и Пекинг. Ваквите ставови се зајакнати преку информативниот простор и подложноста на медиумите на влијанија

Инбокс7: А за странски капитал во македонски медиуми како ТВ, радио, интернет портали?

МАРИНА ТУНЕВА: Според Анализата на медиумската сопственост во 2021 година, странски лица (правни и физички) се јавуваат како сопственици на четири радиодифузери од коишто една локална радио станица е во сопственост на Меѓународниот славјански универзитет.

Инбокс7: Каков е вашиот став за фактот што некои сопственици имаат повеќе медиуми под свое „владеење“ и дали таквата состојба негативно влијае врз професионалноста на редакциите и новинарите?

МАРИНА ТУНЕВА: Самото „владеење“ со медиумите на таков начин, за жал, во нашиот контекст значи и голема веројатност за нарушување на медиумскиот кредибилитет и квалитет во информирањето. Тоа е многу „лесен“ начин за влијание врз уредувачката независност, особено поради одредени комерацијални или политички интереси на сопствениците на медиумите. Тоа неретко значи дека медиумите кои имаат слична идеолошко-политичка ориентација објавуваат информации, а и дезинформации на координиран начин, а потоа содржината се засилува со групи и влијателни профили на социјалните мрежи.

Инбокс7: Какво е Вашето мислење во однос на фактот што највлијателните македонски медиуми, телевизиите, се во сопственост на поединци кои поседуваат и други крупни бизниси а некои од нив имаат и „свои“ политички партии, колку тоа македонското новинарство го прави зависно, а новинарите неслободни во остварување на дефинираните професионални новинарски стандарди?

МАРИНА ТУНЕВА: Лошо е што ефектот од тоа честопати е (зло)употреба на медиумите како средство за мобилизација, а не како средство за информирање, но и како платформа за ширење на оркестрирана пропаганда од еден политички центар. На тој начин се стеснува просторот за критичките медиуми. Политичкиот клиентелизам е присутен на медиумската сцена откако сопствениците на медиумите станаа свесни дека можат да ги користат своите медиуми за остварување на нивните политички и деловни интереси. Некои од највлијателните медиуми со години жестоко ги бранеа владините политики. Во периодот 2008-2016 година медиумската сфера беше целосно политички доминирана, додека критичките гласови беа замолчени. Откривањето на скандалот со прислушувањето доведе до промена на Владата која се обврза на системски промени во медиумската сфера. Медиумската клима малку се подобри, но одредени реформи, за жал, сè уште не се остварени.

Related posts

Др. Алон Бен Меир: Ќе мора да се случи нешто од огромни размери на Блискиот Исток за да се промени оваа динамика

admin

Таравари: Ако не победиме на изборите, ќе се повлечам од политиката

admin

Демири: Во предизборие нема промени во здравствениот систем

admin

Бејџан Илјаз за КДП: Процентите од пописот се нереални, ниту ги прифаќаме ниту ги признаваме

ninja

Пешевски од ССМ: Нема цена што ќе натера градежен работник да работи 60 часа неделно

admin

Алиу: Балансерот за етнички вработувања треба да се замени

admin