8.8 C
Скопје
26 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Јама или јамка!

Ќе бидам по не знам кој пат иронична и ќе кажам дека сепак македонската европска иднина е на стабилни шини, бавно но сигурно патува, се движи кон Европа. Иако со европско знаменце, кое кај нас стана синоним за Див Запад, сепак ќе мораме да направиме уште една голема жртва, како вистински интелектуалци и демократи, и да му објасниме на овој заспан народ дека возот патува сигурно. Брисел или Треблинка, ќе не биде или не! Кога тогаш, некогаш и негде ќе стигнеме! Па рулет е во прашање…

Пишува: Катерина Топалова

Велат дека разочарувањето е лек за мудроста… А разочарувањето пак, кога не вклучува ниту срам ниту загуба, е исто толку добро колку и успехот; зашто му дава исто толку слики на умот, колку и теми на јазикот. Следствено, живеејќи ја нашава секојдневица, чинам секогаш имаме одлична причина да го разврземе и позиционираме јазикот, да бидеме секогаш гласни и јасни, зашто не би можело да има длабоко разочарување таму каде што нема длабока љубов, што би рекол вечно разочараниот Мартин Лутер Кинг, во своите проповеди низ Америка, секогаш во потрага по грст оптимизам.

Затоа, ќе констатирам, навикнавме на дневни политички понуди и пазари кај нас, кои во суштина претставуваат една какафонија од звуци на чие ехо веќе и навикнавме, претворајќи ја оваа наша мила државичка во република на кучиња, чии ужасни лаења и цимолења ги слушаме секојдневно!

Ќе има или ќе нема промена на Устав? Ќе има или ќе нема власта мнозинство во Парламентот? А со тоа, ќе има или ќе нема предвремени парламентарни избори? Рулет игра за народот, во која добивката секогаш ја жнее владетелот или оној што ги поставува условите за игра. Ние, обичниот плебс секогаш ќе мораме да читаме меѓу редови за да знаеме како најдобро и најсигурно да си го позиционираме нашиот јазик во услови на влажни соништа. Небаре така најлесно ќе ја прескокнеме корката леб и ќе го зграбиме колачето… Да поедноставам, ние одамна го имаме прифатено хаосот, но прашањето е дали тој конечно ќе не прифати и нас!?

Имаме Влада во очај, целосно отсуство на државност, државници и суверенитет, неоколонијален статус на држава (читај Бехтел и Енка), субмисивно судство, „Пазар 3“ економија, криминални проекти овенчани со ореол на спас, summa summarum хаотична состојба која ја навјаса нашава република. И што да очекуваме после ова? Видено сценарио… Ќе ни фрлат коска како на кучиња за на крај да се испотепаме и искасаме до гола кожа!? Дискредитацијата денес чинам е во мода!

Глувците први го напуштаат бродот! Додека Владата е сигурна во своето владеење, со исклучок на ненадејната оставка на премиерот, барем досега навикнаваме да ги гледаме приврзоците на власта, како храбро ја најавуваат промената, згрозени од владините игри за промена на Уставот. Ајде нив ќе ги оставам настрана, ама пак кога домашните нема да гласаат за тебе на избори, а ти ударен кандидат со програма која ветува (промена на Устав), тогаш се пали алармот и меѓу агитпропот се активира познатото сценарио „неко меџу нама није наш!“ Саркастично ќе прашам, дали следува период на лов на вештерки?

Не! Во ова владино мнозинство нема да има промена на Устав. Ама затоа во идното ќе има, што би рекле од опозицијата, и конечено кутрите истормозени, навредувани, распнати и жигосани македонски Бугари, ќе го видат сонцето на слободата и за нив ќе има ден, кога низ солзи ќе го дочекаат мигот да се вбројат до Егејците во македонскиот Устав, па да им протече и нив низ ногавици целото не/задоволство грижливо збирано од Сан Стефано па наваму! Или накусо на „бугарскиот воз“ ќе се нашлепаат сите оние подзаборавени елементи и барања, кои сме ги испуштиле низ годините зреење во процесот на конститурање и опстојба, до идното конечно обзнанување на најдемократскиот Устав во Европа, каков што ни една европска демократија нема видено, а нема никогаш и да види! Но за сето ова, во идното парламентарно мнозинство! – како што велат од опозицијата.

Во една ваква состојба на нештата, како низ пушка ми одекнува онаа позната фабула за Епименид и Критјаните. И мислам дека нашиот случај денес целосно се огледува во истиот прочуен парадокс – еклатантен пример на антички софизам.

Епименид Криќанецот им вели на Критјаните: „дека сите Критјани се лажговци“, но бидејќи и самиот Епименид е Криќанец – го прави и тој да биде лажго. Но, ако е лажго, тоа што го кажува е невистинито, и следствено, Критјаните се веродостојни во своите искази; но затоа што Епименид е Криќанец она што го вели тој е точно – дека сите жители на островот Крит се лажговци. Со тоа Епименид и самиот е лажго, бидејќи е жител на островот Крит, а со тоа се што кажува е невистинито… И така можеме да продолжиме наизменично да докажуваме дека Епименид и Критјаните се лажговци или не! Како и нашиве македонски политичари кои секојдневно се подлабоко ни ја сервираат понудата – ЈАМА ИЛИ ЈАМКА! Рулетот ќе покаже чија е владина, а чија опозициска! Во надеж дека ќе ни се насмевме среќата и на нас Егејците, длабоко од некоја бездна! Но да внесам и малку оптимизам – се надевам дека грешам!

Но за нештата да бидат појасни, ќе бидам по не знам кој пат иронична и ќе кажам дека сепак македонската европска иднина е на стабилни шини, бавно но сигурно патува, се движи кон Европа. Иако со европско знаменце, кое кај нас стана синоним за Див Запад, сепак ќе мораме да направиме уште една голема жртва, како вистински интелектуалци и демократи, и да му објасниме на овој заспан народ дека возот патува сигурно. Брисел или Треблинка, ќе не биде или не! Кога тогаш, некогаш и негде ќе стигнеме! Па рулет е во прашање…

А во меѓувреме ние оптимистите ќе продолжиме да учиме англиски, а вие песимистите учете си го рускиот! Запоменете, во оваа рулет игра нема неутрални, таквите ги викаат – депресивни оптимисти! / КДП

Related posts

Балканските фрустрации за „европските брзини“

admin

Европска бајка

admin

2024: Работите ќе се влошат пред да се подобрат

admin

ГРАНИЦИТЕ НА НАШИТЕ УМОВИ

admin

Израелско-палестински конфликт: турската дипломатија заслужува признание и поддршка

admin

НЕЕДНАКВОСТА

admin