10.8 C
Скопје
25 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Домашен есап на (меѓународен) пазар не излегува

Пишува: Денко Малески

Водствата на партијата на македонските националисти никако да совладаат некои од основните лекции на демократијата и на меѓународните односи.

За демократијата. Не постои „лева или десна, проевропска или происточна“, туку „само една Македонија“, вели нејзиниот водач. Да каже некој дека не постои „лева или десна“, туку само една Франција, Америка, Англија, Шведска или било која демократска држава, тамошните луѓе би се фатиле за глава во ужас. Зашто, таму каде што нема „леви и десни“ и секакви, нема демократија. Кај нас, пак, со „магичниот“ збор „Македонија“ се минува. Всушност, овие зборови се само лесен обид да се замени комунизмот кој имаше идеолошки монопол врз вистината, со национализам кој полага монопол врз „националната вистина за државниот интерес“. Партијата ВМРО-ДПМНЕ никако да разбере дека е само една од повеќето партии во државата кои ги артикулиреат различните интереси на нашето општество. Оттука непомирувањето со фактот дека, како и во секоја друга демократија, има леви и десни, националистички и либерални, па и проевропски и происточни партии. Убедувањето дека само една партија го дефинира и брани националниот интерес на државата е ископано од историјата за изборни победи денес. Него го симболизира мит кој почива врз четри букви – ВМРО, наспроти историските факти кои кажуваат една комплицирана приказна за оваа организација.

И покрај повикот на зпадните сојузници од НАТО и од ЕУ кон партијата на македонските националисти да гласа за уставните измени, нивниот водач и вели на домашната јавност дека „не постои никаква понуда за брод за кој мора да се качиме за ЕУ„. А, всушност, постои и понуда и брод. Тоа, од јасно да не може да биде појасно, ни го кажа и сенаторот Марфи кој допатува во Скопје да го пренесе ставот на Америка. Понудата, пак, се токму ваквите јавни апели од нашите сојузноци, а бродот е македонскиот парламент. Ако ја обезбеди потребната бројка од 80 пратеници, државата ќе продолжи да се движи кон ЕУ, ако не, бродот ќе остане закотвен во нашето пристаниште. Како и сите овие триесет години независност, забуна во јавноста внесува и тврдењето дека сите партии, па и ВМРО-ДПМНЕ, се за Македонија во ЕУ. Во телевизиска дебата, репликата на политичкиот опонент дека е тоа само „вербално“ е дочекана со брз одговор:„Се разбира дека е вербално, како поинаку да се искаже став?“. Па, има начин и поинаку да се искаже став: со дело. Ако работите против Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за пријателство, вие сте вербално „за“ а во реалноста „против“ НАТО и ЕУ, кои стојат зад сите тие договори. Америка, дури и се закани со ставање на „црни листи“ на поединци кои работат против овие договори.

За меѓународните односи. Во овие меѓународни околности, кога ЕУ и Америка се „во војна“ со Русија, партијата на македонските националисти не треба да „си ја турка среќата предалеку“. Комотната ситуација која ја има како опозиција не е резултат само на фактот дека нема домашна одговорност за водење на државата во екстремно тешки услови, туку и на фактот дека кон владата се врши меѓународен притисок а кон опозицијата се упатуваат меѓународни апели. Но, пораката е една и до власта и до опозицијата: немојте да го укотвите бродот туку пловете кон ЕУ. Имено, можни се турбулентни времиња па најдобро е што побргу да сте засолнети кај вашите европски сојузници. Затоа, од аспект на односите на нашата држава со сојузниците, изборна победа со слогани и акции против продолжувањето на пловидбата на македонскиот брод кон ЕУ е Пирова победа за ВМРО-ДПМНЕ. Имено, таа државна политика не минува кај кај сојузнициуте. А, без нивната поддршка, Македонија е лушпа орев во рабрануван океан. За жал, мислам дека предупредувањето од сенаторот Макарти доаѓа предоцна. Забрефтани во трката за власт, партијата на македонските националисти не размислува што после освојување на власта. Како ќе се спроведат политики кои ја нема поддршката на САД и на ЕУ и ја водат државата во судир со сојузниците. Во тоа најбргу ќе се убеди водачот на оваа партија, претставник на техничката интелигенција кој нема знаења од демократијата и меѓународната политика, а нема ни советници кои би му влијаеле да ги промени своите ставови во слетлината и на новите меѓународни факти. Зашто, во моментот кога би ја превзел одговорноста за водење на македонската држава со политика која ја нема поддршката на САД и на ЕУ, ќе зажали.

Излез? После вака сериозно предупредувања од САД и ЕУ, мислам дека единствен реален излез за државата е опозицијата да влезе во сериозен дијалог со власта за поддршка на „францускиот предлог“. Со каква аргументација би излегла опозицијата пред народот, во таков случај? Со аргументацијата дека партијата не може да оди против нашите сојузници и не сака да ја доведе земјата во конфронтација со нив. На избирачите, ВМРО-ДПМНЕ треба чесно и искрено да им каже дека домашен есап на (меѓународен) пазар не излегува. Сега, а не откога државата ќе ја плати цената на доцнење и откога се ќе стане јасно.

 

 

Related posts

Тешка стратешка грешка

admin

СОМНЕЖОТ Е ОСНОВА НА ПИШУВАЊЕТО

admin

НОВОГОДИШНА: ЗА ГЛОБАЛНАТА И ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА И КУСА ПОРАКА ЗА ПОДОБРО УТРЕ

admin

Платени демократи

admin

ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО 2023 ГОДИНА?

admin

ПРАВЕДЕН ДАНОЧЕН СИСТЕМ ЗА ОДРЖЛИВ, ИНКЛУЗИВЕН И ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ

admin