4.8 C
Скопје
21 февруари, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

За изненадувањата и очекуваното

Додека нашите лидери се расправаат за тоа дали можат да најдат заеднички јазик за било што, прозорецот на можности за брз пробив кон ЕУ ќе се затвора, особено после 2024.

Пишува: Петар Арсовски

За поголемиот дел од јавноста беше вистинско изненадување дека лидерите на двете најголеми политички партии можат да седнат во една просторија и да се договорат за било што, па дури и за тоа колку е часот. За наша среќа, зашто пак инаку ќе бевме премногу изненадени, наративите брзо се вратија на очекуваните стари позиции, и се закопаа таму. Имајќи предвид какви сѐ изненадувања се случуваат во регионот и во светот, се плашам нашава локална сцена да не стане дел од поголеми геостратешки поместувања, кои можат да направат да немаме време да бидеме премногу изненадени.

Во последниве недела дена, имаше неколку значајни настани кои мислам дека ќе влијаат на периодот пред нас. Првиот беше овој мини-бунт на членовите на Вагнер групата, кои, во рок од четири дена, од фронтални позиции во Украина, се преместија безмалку на предградијата на Москва, од сојузници станаа непријатели на режимот, па повторно се смирија и се упатија… не знаеме каде (Белорусија секако не е крајно решение за нив). Овој лупинг на балансот на воената и политичката моќ во Русија секако беше изненадување. Она што е уште поинтересно, е релативно млаката реакција на Путин на овој бунт. Во слично сценарио, Ердоган, на пример, уапси илјадници луѓе во рок од 24 часа, и не се симна од телевизија со остри пораки дека „ќе летаат глави“. Путин, во своето обраќање, реагира релативно млако на една од поголемите кризи во Русија од почетокот на војната. Ова е индикација дека а) приказната не е завршена, б) бунтот не е наивен и најверојатно има и јавна поддршка, па Путин мора да се пресметува за тоа колку брзо и агресивно ќе го враќа својот нарушен авторитет, и в) дека работите веројатно ќе се комплицираат воено за Русија на фронтот, имајќи предвид дека таму токму Вагнер беше ударната тупаница. Ова секако значи дека ќе има дополнителни поместувања на воено и политичко поле во Украина и Русија, и дека можеби овој конфликт доаѓа до својата драматуршка кулминација и перипетија. Како ова влијае на нас?

Грција (и Европа) вртат кон десно 

Второто изненадување беа резултатите на изборите во Грција. Се разбира, не е изненадување победата на Мицотакис, ниту лошиот резултат на Сириза и ПАСОК – тоа беа очекувани сценарија, особено после резултатите на првиот круг избори, кои само ја зајакнаа предноста на Неа Демократија и разликата во рејтинзите со неговите конкуренти. Вистинското изненадување е појавата на радикални партии, и нивниот исклучително добар резултат врз целото политичко милје. На крајното лево, поранешниот член на Сириза, Зои Константинополу, доби 3,1% или 8 места во парламентот. На крајното десно, уште повеќе: Спартанците, со поддршка од затворениот член на Златна Зора, Илиас Касидаирис, добија 13 места со 4,7% од гласовите, потоа про-Руската Солуција доби 4,5% или 12 места, и крајно религиозната Ники 3,7% односно 10 места.

Заедно, крајно десните радикални партии во Грција добија 35 места, односно скоро 15% од гласовите. Ваквиот исход, иако е чиста победа за Мицотакис, ќе го помести политичкиот центар во Грција кон десно. Добриот резултат на радикалната десница, која е поголемиот предизвик и ривал на Неа Демократија во овој момент, ќе направи Мицотакис да мора да се занимава со прашања како миграција, позицијата кон Турција, забрана за абортус, улогата на религијата во образованието, па дури и санкциите кон Русија. Тоа за нас не е добра вест, бидејќи ќе ја направи политичката сцена во Грција подложна на популистички и антагонистички наративи.

Ова нѐ води до третата варијабла, а тоа е подемот на десниот спектар на политичката сцена во Европа воопшто. Десните партии поминаа исклучително добро во Финска и Шпанија, анкетите им даваат солидна предност во Германија и Полска, а италијанската премиерка Мелони веќе станува европски играч. Овие тенденции значат дека центар-десните партии, на ниво на Европа, сѐ повеќе ќе гледаат коалициски сојузници во крајното десно одошто кон центар. Ова уште повеќе, што следуваат избори за Европарламентот во 2024, на кои целиот спектар ќе се помести на десно, па треба да очекуваме дека политичкиот наратив и во Европа, имајќи ги предвид најверојатните коалиции, ќе стане многу поскептичен за проширувањето, многу по интроспективен, и многу поавторитарен.

Непријатно изненадени 

Што тоа значи за нас? Во основа, додека нашите лидери се расправаат за тоа дали можат да најдат заеднички јазик за било што, прозорецот на можности за брз пробив кон ЕУ ќе се затвора, особено после 2024. Ова ќе ги направи домашните процеси, неопходни за продолжување на ЕУ патот- читај уставните измени-итни и геополитички важни. Продолжениот конфликт, па дури и засилен, во Украина, ќе значи дека притисокот за евроинтеграција ќе кулминира пред 2024.  Поместувањето кон десно во Грција, ќе значи дека Мицотакис, ако останеме надвор од ЕУ процесот, нема да може, во името на медениот месец на Преспанскиот договор, толку многу да ни помага, и во ЕУ, и со своето однесување дома, па и придобивките од Преспа ќе бидат под прашалник. Највеното поместување на европската политичка сцена кон десно, ќе значи дека сегашниот апетит за проширување, со можност за забрзана интеграција, ќе има рок на траење- до 2024. После тоа, оние најави кои веќе скромно ги гледаме во официјалните пораки на земјите основачи на ЕУ, ќе станат официјална политика.  После изборите во ЕУ во 2024, скоро е сигурно дека официјалниот наратив на Брисел ќе се врати на „прво реформи, после проширување“. Токму затоа се последните иницијативи за промена на моделот на одлучување од консензуален кон мнозински – тоа е всушност најавен обид да се спречи доминацијата на „банана – членките“. Тоа е логично, ако се има предвид колку проблеми Европа има со нив во последните неколку години, каде мора да се наддава за консензус за секое важно прашање, а кои на секоја кривина, ја третираат ЕУ како банкомат.  Ваквата промена, која сигурно ќе следи после 2024, ќе значи отворање на повелбите на ЕУ – процес кој трае најмалку 5 години.

За нас, прашањето е дали таа реформа ќе ја дочекаме внатре, во преговорите, со пристап до структурните фондови, или надвор, самоблокирани, чекајќи нов прозорец на можности.За потоа, да не се чудиме ако повторно бидеме непријатно изненадени.

 

Извор: Дојче веле

Related posts

Отворен став до Рамадани и политичарите во Македонија!

admin

ЕКОНОМСКАТА ОДИСЕЈА: ПРЕДИЗВИЦИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ, НА ПОВИДОК СВЕТЛА ПЕРСПЕКТИВА

admin

Мојот пријател Рудичка

admin

СДСМ протуѓеризација

admin

Рефлексија за финансиите и економијата во време на повеќекратни кризи: најтешкото е зад нас

admin

Отворен Балкан, Хроника на една предскажана смрт

admin