12.8 C
Скопје
20 април, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Историска заедничка одлука за платите во јавниот сектор: системско и одржливо решение

Пишува: Фатмир Бесими

Првпат од осамостојувањето, утврдено е системско решение за платите во јавниот сектор, кое е во интерес на вработените, чии плати континуирано ќе растат, и во интерес на фискалната одржливост и зачувувањето на макроекономската стабилност во земјава.  Ова е историска одлука за системот на платите во јавниот сектор. Решението кое го донесовме е резултат на подолг процес на преговори и консултации со синдикатите, но и меѓународните финансиски институции. Преговорите имаа свои падови и подеми, но тие самите по себе претставуваат успех, бидејќи се водеа демократски, со цврсти факти и логични аргументи. Обостраната и искрена желба за решение влијаеше кон тоа во процесот да изградиме меѓусебна доверба, чекор по чекор да поставиме темели на едно издржано решение, врз кое понатаму ќе се изгради праведен и одржлив систем во вреднувањето на трудот во јавниот сектор.

На решението гледам како на заеднички успех и на Владата и на синдикатите, кои се наш сериозен партнер во заштитата на правата и создавање на подобри услови за вработените во јавниот сектор, а со тоа и поефикасна и професионална администрација, како и поквалитетни услуги за граѓаните и стопанството. Лично би сакал да им честитам на синдикатите, да оддадам признание на сите кои беа вклучени во овој процес и кои дадоа свој придонес во носењето на оваа значајна реформа. Би сакал да се заблагодарам и на целосната поддршка на премиерот, како и на колегите министри во Владата. Во оваа прилика ќе истакнам дека Владата никогаш не беше „спротивставена страна“, туку менаџер во процесот кон утврдување на оптимален исход. Активно водевме преговори со синдикатите, но ни беше значајно и да понудиме соодветно решение пред Меѓународниот монетарен фонд, за да и тие согледаат дека предлогот има фискална издржаност и дека нема да направи притисоци врз макроекономската стабилност. Имено, оваа криза е специфична по тоа што од една страна високата инфлација е закана за животниот стандард на граѓаните, но од друга страна растот на платите може да предизвика инфлаторна спирала, или притисок за понатамошен раст на инфлацијата преку побарувачката. Притоа, носителите на политиките се пред голем предизвик да балансираат, за да истовремено ја зачуваат макроекономската стабилност и стандардот на граѓаните.

Први сме во светот кои ќе ги индексираме платите во јавниот сектор со просечната плата

Со решението кое го усогласивме заедно со синдикатите, мислам дека го постигнавме тој баланс. Имено, со септемвриската плата годинава, сите вработени во јавниот сектор ќе добијат покачување од 10% на постојните плати, додека со воспоставениот систем за усогласување на минималната плата, во март имаше усогласување од 5% за околу 62.000 вработени во буџетските корисници, односно административни, судски и обвинителски, царински службеници, вработени во МВР и АРМ, здравствени установи, детска грижа итн. Со ова кумулативното покачување е повисоко од стапката на инфлација за минатата година.  На сите вработени во јавниот сектор до крајот на годинава ќе им биде исплатен и регрес (К-15) за 2023 година во износ од 10.000 денари, додека понатаму во општиот колективен договор регресот ќе се дефинира на минимум 30% од просечната нето плата (со исклучок кога во еден од претходните четири последавателни квартали нема негативен раст на реалниот БДП).

Но, ќе нагласам, најважната одлука која ја донесовме минатата недела е системското решение за индексирање на платите во јавниот сектор со просечната плата на ниво на економијата во рамките на номиналниот раст на БДП. Усогласувањето на платата во јавниот сектор од март 2025 година ќе се врши така што просечната плата ќе се множи со коефициент. Со овој чекор ќе добиеме еден реален систем на плати, усогласени со состојбите на пазарот на труд, кој ќе биде праведен и транспарентен за целиот јавен сектор. Имаме транзициски период од околу две години за имплементација на ова решение, што е сосема доволен период со оглед на тоа дека станува збор за крупна реформа и треба беспрекорно да се спроведат сите активности поврзани со неа, вклучително и измена на законската рамка, општиот колективен договор и утврдување на коефициентите.

Ќе напоменам дека најверојатно ние ќе бидеме првата земја во светот која платите во јавниот сектор ќе ги индексира со просечната плата, што ќе обезбеди континуирано прилагодување на платите преку следење на движењата на пазарот на труд и продуктивноста. Околу 20%, или пет земји од еврозоната платите во јавниот сектор целосно или делумно ги усогласуваат со стапката на инфлација, додека само две (Белгија и Луксембург), автоматски ги усогласуваат платите. Кај дел од земјите во ЕУ и регионот се индексира само минималната плата во јавниот и/или приватниот сектор.

Да потсетам дека минатата година поставивме систем за усогласување на минималната плата во јавниот и приватниот сектор, каде индексирањето покрај трошоците за живот, на годишно ниво, се врши и со растот на просечната плата. Целта е покрај социјалниот елемент (трошоците за живот), да се следи и развојниот елемент (растот на продуктивноста). Воспоставен е и систем на усогласување на пензиите по истиот принцип. Во 2025 година, со ставањето во функција на системот за платите во јавниот сектор, ќе биде заокружен овој суштински процес за социјалните и работнички права и односи.

Во изминатите 5 години платите во јавниот сектор континуирано растат

Наша цел како Влада е платите да растат, како во јавниот така и во приватниот сектор и тоа да биде придружено со раст на продуктивноста и на бруто-домашниот производ. Во изминатите пет години, имајќи ги предвид барањата и потребите во јавниот сектор, имаше повеќе покачувања на платите. За цела администрација, покрај годинешниот раст на платите во март и септември, и во 2019 година имаше покачување на платите за јавниот сектор. Во образованието во изминатите 5 години секоја година има раст на платите и тоа за основно и средно образование во 2018, 2019, 2020, 2022 и 2023 и во високото образование 2021, 2022 и 2023 година (за 18% годинава). Кај детската и социјалната заштита по 10% и 15% имаше покачување на платите во 2019 и 2022 година. Во истиот период и вработените во културата добија покачување на платите за 20% и 18%. Вработените во судството лани добија покачување од 15%. Вработените во АРМ во 2018 и 2022 година добија покачувања за 10% и за 2.000 денари. Вработените во здравството, исто така во три наврати во изминатите пет години добија покачување на платите за 10%, 25% и 5%. Покачувања имаше и во МВР, ДЗР, ИПА структурите и други јавни области и управи. Би сакал да постетам и дека три од изминатите пет години беа кризни години, со повеќе глобални кризи кои се преклопуваа, како пандемијата, енергетската криза, нарушувањето на синџирите на добавување и високата инфлација.

Раст на платите во изминатите 5 години има и во приватниот сектор, што најдобро се огледа преку податоците за просечна плата, која во изминатите 5 години е повисока за 50%. Иако ефектите од инфлаторната криза кај читателот можеби ќе предизвикаат негативни чувства кон овој навод, сепак ќе истакнам дека овие серии на податоци покажуваат позитивни трендови во нашата економија, кои по завршување на кризата ќе бидат уште поизразени. Ќе посочам и дека структурните промени не се случуваат преку ноќ и нивните ефекти се одложени, но истите ќе бидат видливи на среден и долг рок.

Оптимизација за поголема ефикасност и ефективност на јавниот сектор

Јавниот сектор, особено државната администрација може и треба да биде важен чинител во тие промени. Јавниот сектор е служител на приватниот сектор и негова должност е да обезбеди услови за развој и конкурентност на приватниот сектор. Приватниот сектор треба да има потпора во јавниот, а не истиот да му претставува терет. Оттаму, покрај систем на достојно вреднување на јавните работници, неопходно е да се направи оптимизација. Тоа би значело функционална анализа за оптимално искористување на капацитетите и унапредување на квалитетот на услугите кои ги нуди јавниот сектор. Ефикасноста и ефективноста од спроведувањето на стратегиите и политиките, до редовните јавни услуги мора да се подобри значително во одделни јавни сектори и за тоа веќе има стратегија и се работи на тоа. Оптимизацијата, исто така ќе вклучи и рационализација, односно постигнување на оптимален број на вработени во јавниот сектор што ќе значи и помал финансиски товар за буџетот, а притоа ефикасноста и ефективноста на јавниот сектор ќе биде поголема. Рационализацијата нема да значи отпуштања на вработените, туку добро поставена програма со поволни и атрактивни мерки за трансфер на вработените во приватниот сектор, каде што веќе се чуствува потребата на пазарот на труд за поголем број на работна сила, која пак од друга страна влијае врз конкурентноста и растот на економијата.

Остануваме на патот на фискална консолидација и одржливост

Би се осврнал и на фискалниот дел, кој е еднакво значаен, бидејќи фискалната одржливост е предуслов за стабилноста и економскиот раст и развој. Ќе потенцирам дека иако ќе зголемиме една голема ставка во буџетот, односно платите во јавниот сектор за 10%, ќе се држиме до определбата да останеме во рамки на дефицитот кој го планиравме со Буџетот за 2023 година, како и да се задржиме на патот за постепена фискална консолидација. Со транзицискиот период за спроведување на реформата на платите во јавниот сектор, ќе може да се оптимизираат и реструктуираат трошоците во буџетот, без притоа да се повреди неговата развојна компонента. Владата веќе има донесено мерки преку Планот за фискална одржливост, со кои ќе се влијае и на приходната и на расходната страна, а со цел намалување на јазот или дефицитот.

Би сакал да истакнам дека континуиран успех и резултати се возможни само ако постои добропоставена стратегија и систем за спроведување на таа стратегија. Така е и во економијата, како и во секоја општествена сфера. Без разлика дали има криза или економски раст, нашата економија за да се приближи до целта – европскиот пат и стандард, потребно е во континуитет да се работи на структурните реформи кои ќе ја подобрат конкурентоста и ќе придонесе за побрз раст и развој.

 

Сосема за крај, да потенцирам дека економијата е наука за најоптимална распределба на расположивите ресурси во насока на креирање на додадена вредност и максимизирање на придобивките од тоа, како и обезбедување на одржливост на тој процес. Ова може да ги потсети економистите на „Парето оптимумот„. Со обезбедување на целта, креирањето на додадената вредност, се зголемува благосостојбата, повисок национален доход, а со тоа и распределбата ќе биде се поголема. Наша заложба како Влада е развој, за подобар стандард и подобри услови за живот за граѓаните. И затоа ја посветив оваа колумна на ова решение, кое во секојдневните конверзации се маргинализира на „покачување на плати или не„. Суштината на преговорите не беа дали да се покачат платите или не – платите ќе растат заедно со растот на економијата – преговорите беа за фер и системско решение кое ќе биде одржливо, или Парето оптимум како што е познато во економската теорија, односно максимизирање на новата создадена вредност со расположивите ресурси.

Related posts

НОВОГОДИШНА: ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА

admin

Зошто посетата на Курти во Северна Македонија беше грешка?

admin

Канал 5 и популарната „Само вистина“ тоа не го заслужија 

admin

Браво за Макфакс, си ја постигна целта

admin

Со штитот или на него

admin

Мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен криминал

admin