13.8 C
Скопје
10 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Демократската тиранија

Македонија е пример дека човештвото сè уште не може да изнајде механизам за одржлива „ограничена демократија“. Типичен пример за она во кое се најде Македонија на т.н „европски пат“, во битка со Атина, Софија и Брисел. Три волци и една овца, седнати на маса, ќе одлучуваат што има за вечера?! Кога би бил жив Езоп, од нашиов случај би запишал фантастична фабула, која ќе се раскажува со милениуми после нас, се разбира третирајќи не како животни, во негов стил.

Пишува: Катерина Топалова

Судејќи по изјавите на главните политички чинители во државава, следниве две недели најверојатно ќе бидат најжешките летово. Процеси и рокови, математики и пресметки… Дали во периодов што следува, историјата олицетворена во преспанското сценарио, повторно на брутален начин ќе ни се повтори или конечно ќе смогнеме сили да ја надминеме тиранијата со сите нејзини пипци на владеење, демонстрирајќи зрелост и одлучност во носењето политички одлуки, без разлика на нивната тежина?!

Да се потсетиме! Што во суштина се случи со Преспанскиот Договор и недемократското менување на уставното име во македонскиот Парламент?! Поука од сета таа „демократска тиранија“ е дека истата таа демократија во суштина никогаш не трае. И таа има свои маани, недоследности и пороци. И таа знае да се повреди и истроши. Сите теоретичари на „демократијата“ се согласни дека „нема демократија која не извршила самоубиство“. Па така и македонската. Оставајќи денес простор да живееме и создаваме иднина, генерирана од процеси типични за тиранија (во вистинска смисла на зборот). Токму македонскиот случај со Преспа, ја исфрли на површина сета кревкост и лицемерност на демократијата, притоа откривајќи една груба заблуда, имено дека демократијата не е форма на тиранија?! Она што веќе одамна е апсолвирано кај теоретичарите на уредувањето е дека демократијата е или мнозинска тиранија ( во случајот со Македонија на првите) или пак е олигархиска амеба со печат на популизам (во случајот со Северна Македонија на другите)?!

Но каде е поединецот – индивидуата, каде сме ние обичните во сета оваа игра на тронови?! Чинам дека во периодов ќе бидеме ставени повторно на едно големо искушение, каде што на тест ќе биде изиграно сето наше достоинство?! Да ја следиме идиотската идеологија на еден центар aka. личност или пак да ја следиме идиотската идеологија на мнозинството. Избор кој ќе изискува тешки последици!

Дали беше тоа Платон? Кој рече дека добронамерната диктатура е најдобрата форма на владеење? Гласајте за мене и на секоја чинија ќе има чоколадо! Нејсе!

Во недостиг на реформи, институционална ерозија, биполарност на власта надвор од унитарниот карактер на државата, клекнато обвинителство и масакрирано судство, целосна анархија на политичката сцена, во која и од месечината е видливо дека премиерот нема контрола над Владата и процесите и дека некој друг ги влече конците зад камерите, станува сосема јасно дека легитимитетот на таквото владеење е со изминат рок и секој нов ден на една ваква политика на владеење ќе биде огромно измачување и за нив како власт, но и за нас како плебс. Сето ова како увертира на една нова тиранија во подготовка – најавените уставни измени! Искрено се надевам дека грешам и ваквите прогнози ќе бидат само едно déjà vu на онаа преспанска лакрдија во Парламентот, која целосно не соблече пред демократскиот свет, но и ја разголи и европско – американската демократија, заедно со нашата.

Демократијата умира штом мнозинството од населението сфати дека не може да гласа за „нештата“ кои го засегаат и поединецот и колективот или пак дека таквите одлуки не се почитуваат. Македонија е пример дека човештвото сè уште не може да изнајде механизам за одржлива „ограничена демократија“. Типичен пример за она во кое се најде Македонија на т.н „европски пат“, во битка со Атина, Софија и Брисел. Три волци и една овца, седнати на маса, ќе одлучуваат што има за вечера?! Кога би бил жив Езоп, од нашиов случај би запишал фантастична фабула, која ќе се раскажува со милениуми после нас, се разбира третирајќи не како животни, во негов стил. Го пишувам ова и се присетувам на Орвеловата, „Фарма за животни“, па се вклопуваме секаде каде што има простор за исмејување или извлекување сериозни пораки – како не треба!

Создавањето, нивото и присутноста на граѓанското општество ја одржува жива приказната за успешно владеење. Секоја отсутност од таквиот концепт се чини е поразителна, како во нашиот случај. Но, зошто е тоа така? Имајќи ја предвид авторитарната историја на Македонецот и над Македонецот, во која камшикот и чизмата играле главна улога, ќе биде тешко да се направи политички, па и општествен баланс на она што во суштина значи „помеѓу“ демократија и тиранија. Го живееме, неуспешно! Македонија, за жал, стана синоним во светски размери, за тоа како се убива еден демократски сон. Или што би рекол Винстон Черчил: „Најдобриот аргумент против демократијата е петминутниот разговор со просечниот гласач.“

Related posts

Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и меѓуетничките односи

admin

Дете уби дете

admin

ЗА ПОЛИТИЧКАТА ДИОПТРИЈА НА ЕДЕН СТРАНСКИ НАБЉУДУВАЧ

admin

Албанците ќе завладеат со Македонија?

admin

ДЕНОТ НА ЖЕНАТА: ПОМАЛКУ ЛИЦЕМЕРИЕ, ПОГОЛЕМА СОЛИДАРНОСТ

admin

Фиктивна приказна

admin