-3.2 C
Скопје
14 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИКУЛТУРА

Пијанистката Илинка Манова изведува дела од македонски автори низ САД

По цели 22 години, Манова се врати на Охридско лето, каде имаше свој настап заедно со руско-американскиот виолинист Игор Пикајзен. Вели дека огромно задоволство ѝ причинува кога во САД организира концерти каде се презентираат македонски уметници.

Илинка Манова е успешна македонска пијанистка, која живее и твори во САД. На фестивалот Охридско лето, годинава настапи по цели 22 години, откако во 2001 година имаше свој настап на фестивалот. Во катедралната црква Света Софија сцената овој пат ја делеше заедно со руско-американскиот виолнист Игор Пикајзен. Вели дека голема е честа да се настапува на еден од најпрестижните фестивали во Европа.

„За мене голема чест е да се вратам дома и да настапувам. Отсекогаш ми е многу топло на срцето кога настапувам пред мојата домашна публика. За Игор ова е една многу голема симболика, со кого се познаваме подолго време, а имаме настапувано заедно во Њујорк и Женева, бидејќи неговиот дедо е еден од најпознатите виолинисти на светот, легендарниот Виктор Пикајзен, кој настапуваше на Охридско лето во 1975 година“, вели Манова за „Гласот на Америка“.

За црквата Света Софија, која важи за место со извонредна акустика и низ која во изминатите шест децении поминале најпознатите светски уметници, вели дека е престиж да се настапува овде.

Ја прашавме Манова, како е да се биде македонски уметник во САД. На своите настапи во странство свири и дела од македонски композитори.

На ниту еден уметник патот не е лесен, но секогаш уметникот си наоѓа едно катче во светот каде твори. Но, не треба да заборавиме од каде сме и секогаш да се враќаме во родниот крај

„Мене патот ме поведе прво од музичкото училиште во Скопје, од каде на 16-годишна возраст заминав за Нови Сад, па во Германија. Од таму професор кој го запознав на италијански натпревар во Сент Гален ме покани да бидам негова ученичка на Менхетен на школата за музика и така во 1996 година се преселив во Америка. Од тогаш живеам таму. Ги завршив сите степени на едукација, а сега го пишувам и последниот докторат. Пресреќна сум зашто можам да настапувам и пред македонската публика, а исто така и во светот да свирам наши македонски композитори, да бидам организатор на концерти во САД, каде презентирам македонски уметници. Една од тие беше Ева Богоевска во 2017 година. Патот не е лесен. На ниту еден уметник патот не е лесен, но секогаш уметникот си наоѓа едно катче во светот каде твори. Но, не треба да заборавиме од каде сме и секогаш да се враќаме во родниот крај“.

Манова е добитничка и на повеќе награди, меѓу кои прва награда на 29-от меѓународен натпревар за уметници во Њујорк, по што следи нејзиниот соло рецитал во „Карнеги хол“ во 2001 година и државната награда на поранешна Југославија на натпреварот за млади музичари во Сараево. Настапувала во Тајван, во зградата на ОН во Њујорк, во престижните „Стенвеј“ и „Меркин хол“, како и во други концертни сали во САД и низ Европа.

Пресреќна сум зашто можам да настапувам и пред македонската публика, а исто така и во светот да свирам наши македонски композитори

„Тоа е поодамна, но особено драга ми е наградата што ја добив како награда да настапувам во Карнеги хол со солистички концерт. Тоа беше за мене круна на моето образование и едукација и сега се почесто настапувам со моите пријатели и колеги. И тоа е многу убаво, кога сте на сцена со врвни уметници и свирите камерна музика“, вели Манова.

Таа е директорка на непрофитната организација „Арт Ахимса“ која преку уметностите промовира ненасилна култура.

„Тоа значи дека преку музиката ние се обидуваме да одржуваме концерти и работилници за деца во училишта кои немаат можност да се запознаат со класичната музика, дури и луѓе кои се наоѓаат во затвор или во болница или луѓе кои се осудени за некакви насилства. Преку музиката им овозможуваме да имаат еден попродуховен мир. И тоа е еден мој доброволен дел преку музиката“.

За Манова, Македонија располага со исклучително квалитетни музичари и таленти, кои работат и со успех творат низ целиот свет.

Related posts

Таравари од Њујорк гаси искри во Скопје

admin

Излегувањето од државата ќе биде невозможно по 12 февруари доколку не бидат заменети документите

admin

Мојот пријател Рудичка

admin

Иран започна одмазднички напади против Израел

admin

Бугарија ќе изгради 2,5 км. до РСМ најдоцна до 2030 година

admin

Кампанја на Фондацијата на УЈИЕ: Економско зајакнување на жените – предуслов за развој

admin