Со проектот „Технолошки парк“ бил запознаен и поранешниот премиер Зоран Заев. Тој уште во 2019 година, преку писмо упатено до предлагачите на инвестицијата, дал позитивна оценка на предлогот и се заложил за негова реализација
Предлогот за изградба на филмски студија и технолошки парк во Скопје на американски и балкански инвеститори и филмаџии, влегол во радарот на внимание на американската амбасада. Поранешниот премиер Зоран Заев го поддржал проектот уште во 2019 година. Владината комисија, пак, 18 месеци размислува каков одговор да даде за проектот.
На информацијата дека претставници од групацијата „STP Capital Partners“, кои се носители на инвестицискиот проект, имале разговори со претставници од американското дипломатско претставништво, од амбасадата ни потврдија дека се во тек со споменатите инвестициски намери.
„Како и со другите можности за економски развој од висок профил во Северна Македонија, го следиме напредокот на многу потенцијални инвестиции, вклучително и проектот Технолошки парк – Скопје и студијата ‘Стоун бриџ’“, ни одговорија од Амбасадата на САД.
Се среќаваме со кој било бизнис или инвеститор со седиште во САД во широк спектар на индустрии кои ја сметаат Северна Македонија како пазар во развој со потенцијал за економски растАмбасада на САД
Од таму велат дека остваруваат средби со потенцијални инвеститори од САД, кои би сакале да вложат на македонскиот пазар.
„Се среќаваме со кој било бизнис или инвеститор со седиште во САД во широк спектар на индустрии кои ја сметаат Северна Македонија како пазар во развој со потенцијал за економски раст“, одговорија од амбасадата на САД, за Гласот на Америка на македонски јазик.
Македонската јавност за проектот дозна лани, кога американскиот актер Џон Малкович преку видео-порака најави изградба на филмски студија од холивудски калибар во Скопје. Тој студијата ги именува „Стоун бриџ“, според Камени мост во Скопје. Нивната изградба, како што најавуваат иницијаторите за инвестицијата, би требало да чини околу 50 милиони евра.
Сепак, како што ни објасни Ерик Брнс, соосновач на проектот „Стоун бриџ“ студијата се поврзани со поголем проект, наречен Технолошки парк Скопје (Skopje Technology Park).
Носител на целокупниот инвестициски пакет е групацијата „STP Capital Partners“, чиј претседател е Андреас Карас, а како директор се јавува Иван Видаковиќ. Висината на таа инвестиција, како што вели Брнс, е до 400 милиони евра во прва фаза.
Најпопуларниот лик во проектот, американскиот актер Џон Малкович, пак, е вклучен само во проектот за филмските студија. Тој е амбасадор на студијата „Стоун бриџ“, но и бизнис партнер. Во игра се и актерите Доналд Варен Мофет и Метју Дилон, кои во проектот имаат слично учество како Малкович.
За побрза реализација на бизнис идејата, групацијата во јануари 2022 година официјално доставила барање до македонските власти за проектот, во кој се обединети филмските студија и технолошкиот парк, да добие статус на стратешка инвестиција. Но, како што тврдат од групацијата, македонските власти до денес не им дале ниту позитивен, ниту негативен одговор.
„Тоа што разочарува е што после сето ова време Владата никогаш не рече „не“, никогаш не ни одговори и не рече ни се допаѓа проектот, но сакаме да го смените ова или тоа или нешто друго, што ние секако би биле отворени да го разгледаме. Тие, едноставно не рекоа ништо“, ни изјави Ерик Брнс, како соосновач на проектот за филмските студија.
Според Законот за стратешки инвестиции, проектите што имаат потенцијал за стратешка инвестиција ги оценува Комисија што ја формира владата.
Во Законот стои дека: „Комисијата во рок од 30 работни дена од денот на поднесување на целокупната документација за добивање статус на стратешки инвестиционен проект ги оценува поднесените документи и врши техничка, финансиска и правна процена на досието на проектот“.
Според истиот закон доколку се утврди дека документацијата не е целосна, Комисијата ќе побара од стратешкиот инвеститор да ги дополни сите неопходни документи и податоци. Но, како што велат предлагачите на проектот, такво барање не стигнало до нив.
Доставивме прашање до македонската влада, кои се причините што и покрај законски утврдениот рок, сè уште нема одговор за проектот и дали истиот би добил позитивна или негативна оцена. Одговорот од владата и натаму е дека проектот сè уште се разгледува.
„Проектот Скопје технолошки парк има поднесено апликација за стратешка инвестиција. Има оперативна група која ги разгледува апликациите, односно дали ги исполнуваат условите пропишани со Законот за стратешки инвестиции. Доколку добие статус на стратешка инвестиција истата ќе помине на владина седница и јавноста ќе биде информирана“, стои во одговорот што ни го доставија од Владата.
Ковачевски: Предлогот се разгледува
Сличен став искажа лично и премиерот Димитар Ковачевски, кој одговарајќи на новинарски прашања кон крајот на минатиот месец рече дека предлогот и натаму е во рацете на работна група.
„Сè додека нема оценка за сите аспекти на можната, предложена идеја за инвестиција, тогаш Владата не може да носи одлука“, рече Ковачевски.
Поддршка од поранешниот премиер Зоран Заев
Со проектот „Технолошки парк“ бил запознаен и поранешниот премиер Зоран Заев. Тој уште во 2019 година, преку писмо упатено до предлагачите на инвестицијата, дал позитивна оценка на проектот и се заложил за негова реализација.
„Кабинетот на премиерот ќе го поддржи Технолошкиот парк Скопје (СТП) да стане главен двигател за економскиот развој во Северна Македонија“, стои во писмото од 2019 година, а во кое Заев додава дека проектот „може да послужи како мост со Соединетите Држави, како и да помогне во забрзувањето на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“.
Во изјава за Гласот на Америка, Заев истакна дека и натаму има позитивен став за проектот.
„Додека бев на позицијата, бев во тек. Не знам до каде се работите денес на таа тема. Сепак, мојот став е позитивен за проектот. Технолошки парк што доаѓа од приватниот сектор е десетпати поефикасен, отколку тоа да го прави државата. Државата нема доволно можност за менаџирање на таквите зафати, додека приватниот сектор, особено ако се работи за странска инвестиција може да биде иновативен и да донесе побрз развој“, ни изјави Заев.
Тој додаде дека технолошките паркови се покажуваат како места за брз развој на претприемништвото, на образованието, каде, како што вели, би дошле млади и иновативни луѓе.
„Особено е значајно што во тој проект се вклучени лица од САД, па истиот може да ја засили врската со американските бизниси“, рече Заев и посочи дека била одредена и локација кај Визбегово, на територијата на општина Карпош.
Политичка сценографија во приказната за филмските студија
Во приказната неодамна се вклучи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На крајот од минатиот месец, лидерот на партијата, Христијан Мицковски се појави на прием во винарницата „Камник“ што беше организирана во чест на Џон Малкович.
На приемот беа претставниците на групацијата што го дава предлогот за филмските студија и за технолошкиот парк, како и лица од домашната бизнис сцена.
Мицковски, кој на вечерата седеше на иста маса со Малкович, тогаш на „Фејсбук“ сподели и заедничка фотографија американскиот актер.
„На вечера со Џон Малкович и разговор за развојните проекти и филмските студија. Македонија мора да фати чекор со глобалните текови, нашата борба е да се развиваме во секој можен сегмент“, напиша Мицковски под тогашната објава на „Фејсбук“.
Од Групацијата најавија дека сепак се решени да го реализираат проектот, без да чекаат одговор од Владата за можниот статус на стратешка инвестиција.
„Одиме напред со проектот, па дури и без статус на стратешка инвестиција. Одлучивме дека нема повеќе да чекаме, ако владата не сака да ни даде одговор. Се надевам дека ќе ни одговорат и дека ќе речат „да“. Доаѓаме во мир, сакаме ова да успее за сите“, рече сосопственикот Брнс во разговор за Гласот на Америка.
Можни локации: Кисела вода или Карпош
Тој ги посочи и општините Кисела вода и Карпош, како можни локации за изградба на филмските студија.
Градоначалникот на Кисела вода, Орце Ѓорѓиевски потврди дека се воделе разговори за можно лоцирање на инвестицијата на нивна територија.
Според замислите во проектот, филмските студија „Стоун бриџ“ треба да се простираат на површина од 10 хектари, да имаат сцени за снимање филмови, за продукција на музика, за медиуми и да бидат со еколошки сертификат.
Технолошкиот парк, пак, во себе треба да содржи објекти за еден американски универзитет, студентски кампус, центар за кибернетска безбедност, бизнис инкубатори. Но, планирани се и објекти за сместување и за живеење. Тие, како што се тврди, треба да сочинуваат околу една четвртина од содржините во целиот комплекс.