7.8 C
Скопје
11 декември, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Со штитот или на него

Пишува: Никица Корубин

Кој е “сонот” на македонските партии, кој се провлекува речиси цела година во кулоарите на “јавноста”? Или прецизирано, кој е сонот на двете најголеми македонски партии, кои толку се соживеа со идејата излезена од “итроманаскиот арсенал” за македонска коалиција без “албанскиот товар”, што заборавија на целта: почеток на преговорите со ЕУ. Односно, се обидоа (или обидуваат) преговорите со ЕУ да ги монополизираат, ако веќе опструкцијата на опозијата не успее.

Суспендирањето на парламентарната демократија со работен наслов “македонска коалиција”, со попатно дезавуирање и загрозување на стабилноста на државата, преку лаконското “како ги зезнавме Албанците”, како да флуктуира некаде “под површината”. Јавно, поделбата е јасна, про-европски vs анти-европски, но што се случува во позадината? Дали и таму е исто толку јасно, кој всушност ги блокира уставните измени и колку тоа има врска со калкулациите на домашната партократија, а колку со калкулациите на омилениот сосед?

Во напливот на суптилна, брутална и селективна албанофобија, потегот на ДУИ, односно “предизвикот со оставките”, иако јавно се однесуваат на уставните измени, дали всушност “под површината”, ја превенираат, да не кажам стопираат “итроманската игранка” за македонска дупла пост-изборна коалиција? Односно, според шпекулациите, коалиција во два мандати, што всушност го прави исходот од изборите беспредметен, изборите излишни, а уставното уредување де факто суспендирано? Дури и како идеја е монструозно, замислете како реализација? Сериозно разнишување на државата, до нејзино целосно “интегрирање”, ама каде? Во ЕУ сигурно не, па изборот останува стеснет, слично како што напрасно се стесни и “Отворен Балкан”. Со тоа што ние останавме “во тесното”.

Таа магла, кој е за што, односно кој всушност суштински и искрено е за ЕУ, полека се дига. Но, на површината останува мешан состав, иако гласноста на “лидерот на опозицијата” не може да се избегне, за него работи 24/7 цела “јавност”, со дневните беседи за “идентитетската катаклизма” во јавниот етер. Без прашања и без поговор. И од медиумите, но и од позицијата. Таа суптилна нормализација во јавниот говор, на лагите и манипулациите, таа пропаганда “по учебник”, чудно и мистериозно останува непредизвикана од никого. Како улогите да се поделени.

Во претставата “купување време”, ама за што? И кога хипотетички ќе се купи сето време, што ќе остане после тоа? Кога ќе се избегне “бугарскиот диктат”, дали на сцената ќе остане “српскиот диктат”, познат како “Отворен Балкан”? И дали нему или на нашата партократија и треба “македонска коалиција”? И кому тогаш всушност му пречат Албанците сега, и Бугарите по потреба?

На чиј диктат, односно на чија “голема идеја”?

Кога Спартанците, во големата војна што хеленските народи ја воделе со Персија, ја повеле битката кај Термопилите, во 480 год. п.н.е заедно со сојузнците, тие однапред знаеле дека ќе ја загубат. Идејата, била да се успори огромната персиска војска, со саможртвата на извонредните спартански воини. Оделе во војна за да победат или да загинат. Со штитот, или на него да бидат донесени. Битката ја загубиле, војската ја успориле, но војната ја добиле. Но, тоа било војна за одбрана и преживување.

За што е “битката” што ја води опозицијата, “на патот од кој нема враќање”, помогната од целата “јавност”, распослана низ сите сфери на општеството? Од ЕУ ли е “нападната” државата, или од системот и правилата на ЕУ е нападната “нивната” присвоена и наследена држава? На сите структури кои глумат Спартанци, а всушност калкуланти. Калкулациите се со сите нас, за лични и државни интереси, ама не на државата Северна Македонија. Затоа што само кај нас, историјата се повторува како пародија. И иако мислат дека се “со штитот или на него”, тие всушност се под нечиј “туѓ штит”. Сигурно, не македонски или за македонски интерес, за интерес на државата, општеството и граѓаните.

Инаку, за нашите “занесеници” во минатото, македонски крал во тоа време е Александар Први (Филхеленот) Дошол во служба на персиската војска, а работел во интерес на првите соседи, Хелените и одиграл голема улога и во битката кај Термополите. И повеќе знаел што е интерес за неговата Македонија, отколку што било кој лажен патриот било кога ќе знае што е добро за нашата Северна Македонија.

Текот на настаните и духот на времето, го дефинираат патриотизмот. А, кому всушност му се потребни “патриоти”, кога флагрантно “се промашува” суштината: кого и што “бранат” нашите локални “Спартанци”, и кога ќе престанат да бидат поданици, и ќе станат автономни и независни? Каква што е и државата, само кој да примети.

(Превземено од Фејсбук профилот на авторката)

Related posts

Мерко е на црна листа, кому му е редот

admin

Another BRICS in the World

admin

По Бањски Манастир – освестување и пресек: Принципиелни или територијални решенија  

admin

На патот кон ЕУ: Поставени се здрави фундаменти во јавните финансии и функционална пазарна економија

admin

Еуростандард банка vs функционерите, луѓе без совест

admin

Херои и убијци

admin