12.8 C
Скопје
14 октомври, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

За извештајот до скрининг процесот за Северна Македонија

Од Институт за општествени и хуманистички науки, Скопје

Интерсекторскиот приод е сѐ уште практично отсутен во планирањето на политиките, тоа станува очигледно од самопрезентацијата на земјата како и од одговорите на Комисијата во Извештајот од скринингот за С. Македонија, издаден во јули 2023.

Правда, судство, органи на прогон или полиција како и администрација се чинат третирани во нашиот државен систем како поими кои се разбираат апстрактно, неповрзани со конкретни сектори на економска и општествена пракса. На пример, прашањето дали има корупција, не е прашање само на прогон, не е само прашање каде одговара Министерство за правда и/или МВР, ами и прашање на економско-општествени пракси на кое треба да одговорат сите сектори, особено најранливите. Според Извештајот од скрининг процесот,  меѓу најранливите сектори се наоѓаат токму здравство, образование и локална самоуправа.[1]

Во поглавјето „Јавна администрација“, Извештајот го цитира Членот 41 од Европската повелба на темелните права, кој се однесува на правото на Граѓанинот на добра администрација. Со ова Извештајот јасно дава на знаење дека демократските институции се нешто што се конкретизира на најосновно ниво, и дека формално демократски систем (постоење парламентарна демократија) не е доволно за една земја да се нарече демократска во согласност со Европската повелба на темелните права. Во овој дел јасно се нагласува дека администрацијата мора да е во служба на Граѓанинот и тоа подеднакво и хармонизирано низ сите сектори. [2]

Извештајот, за жал, дава јасна слика дека, сепак, секој од секторите се однесува како „универзум“ сам за себе. Така, како да не постои свест дека за добра администрација не е доволно добро работење на Министерството за информатичко општество и администрација туку дека тоа важи за конкретен сектор и интерсекторските тематски целини (според Кластерите). Да го погледнеме овој цитат од Извештајот:

Отчетност – Организацијата на јавната администрација е ефикасна и ефективна на сите нивоана владата. Органите на јавната администрација се отворени и транспарентни и применуваат јасно дефинирани внатрешни и надворешни механизми за одговорност. Силните надзорни тела ги штитат правата на граѓаните и јавен интерес. Испорака на услуги и дигитализација – Јавната администрација ги сместува корисниците во центарот и испорачува висококвалитетни и лесно достапни услуги онлајн и офлајн на сите луѓе и бизниси. [Наш курзив] Дигитализацијата овозможува одлуки водени од податоци, ефикасни и ефективни процеси, како и квалитетни и достапни услуги.[3]

По самопрезентацијата на земјата на тема јавна администрација, и после воведот во поглавјето на Комисијата кој погоре го цитираме и парафразираме, оценката на Комисијата е дека е нужно повисоко ниво на интероперабилност и дигитализација во функција на операбилноста помеѓу секторите. Интероперабилноста има своја дигитална верзија и дефиниција но и правна, а вторава е подлога на правата (истовремено покажувајќи до кој степен правото, политиките на институциите и дигитализацијата се нераздвојни процеси). Во својот Толковник на поими, Европската унија вака ја дефинира правната интероперабилност: „ Правната интероперабилност е да се осигура дека организациите кои работат под различни правни рамки, политиките и стратегиите се способни да работат заедно.“[4]

Наша забелешка на Извештајот и оценките на Комисијата е дека никаде не се споменува Управниот суд и неговата улога во заштитата на правото 41 од Повелбата на темелни права цитирано погоре, односно загрижувачкото потфрлање на Управниот суд да испорача правда. Со години наназад, според извештаите на Народниот правобранител, Управниот суд нема донесено безмалку ниту една пресуда која ефикасно би решила случај во кој поединец или компанија ја тужи државата од аспект на административна правда.[5]

Интерсекторскиот пристап овозможува конкретизација на Темелните вредности на Европа, бидејќи го овозможува правото на добра администрација, го издига Граѓанинот на прво место штитејќи го од злоупотреба на институциите, и гарантира мобилност, како физичка така и дигитална. За жал, очигледно е дека во Северна Македонија интерсекторскиот пристап отсуствува од градењето политики: за корупција се зборува како да е само прашање на компетенција на секторот правда, иако самиот Извештај јасно наведува дека здравство и образование се едни од најранливите сектори во поглед на прашањето на корупција.

Истото станува јасно и кога ќе се погледне темата образование која се јавува под поглавјето Економија – очигледно е дека Северна Македонија инвестирала во вокациско образование, и другите нивоа под терцијалното иако Кластерот 3 јасно покажува дека високото образование е клучно бидејќи европскиот влог во глобалната економска компетитивност е – иновацијата. Впрочем, кластерот се нарекува Компетитивност и инклузивен развој, а образование и наука се едни од главните теми/области на кластерот. Затоа и самиот Извештај нагласува дека фактот што оние што се стекнале со високообразовни дипломи немаат конкретни практични вештини покажува нужност од реформи во секторот,[6] а тоа значи негово приближување до новата стратегија на Европската истражувачка област – каде доминираат фокусот на влог во истражувања, трансформација на високообразовни установи во истражувачки установи (односно, универзитети) и посветеност на длабока, интегративна интердисциплинарност како основа на иновациската компетитивност. Според наше гледање, преоден чекор кон овие реформски цели во научната и високообразовна дејност, како интегрален дел од Кластерот посветен на економскиот развој, може да биде неформалното високо образование (во согласност со основите на Еразмус повелбите 2021-2027) кое овозможува индивидуализиран приод кон потесно остручување кое не е понудено како дел од задолжителните наставни програми.

____________
[1] Directorate-General for Neighbourhood and Enlargement Negotiations, Screening Report: North Macedonia (24 July 2023) https://neighbourhood-enlargement.ec.europa.eu/screening-report-north-macedonia_en, accessed on (Brussels: 15 August 2023), 50.

[2] Ibid., 22.

[3] Ibid.

[4] Legal Interoperability, Joinup EU, available at https://tinyurl.com/rren9had, accessed 19 August 2023

[5] Cf. Context Watch 2020, commissioned by the Swiss Embassy in Skopje, produced by the experts of ISSHS headed by Gordan Georgiev.

[6]  Directorate-General for Neighbourhood and Enlargement Negotiations, Screening Report: North Macedonia, 103.

#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

Related posts

Олигарси против ЕУ?

admin

Нација во шок!

admin

НОВОГОДИШНА: ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА

admin

Медиумското известување за неплаќањето струја во Слупчане: Енергетика претворена во етно-политика

admin

Гордост

admin

План за раст на Западен Балкан и побрза интеграција во ЕУ

admin