16.8 C
Скопје
22 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Неформална империја

Една помалку позната форма на колонијализам е „Неформалната империја“. Што значи тоа – дефиниција? Неформалната империја се однесува на ситуација кога моќна држава врши значајно влијание и контрола врз работите на друга држава без да воспостави формално колонијално владеење. Оваа контрола може да се постигне преку економска доминација, политичка манипулација или воен притисок, притоа ефикасно поткопувајќи го суверенитетот на целната државност на помалата земја т.е да ни диктираат услови без да воспостават директно владеење.

ПишуваКатерина Топалова

Низ страниците на историјата, приказната за народите заробени од синџирите на нивниот молк и економската зависност од помоќните држави е трагична и предупредувачка приказна. Доколку државата се доведе до ваква состојба на целосна надворешна зависност, целосно трул и корумпиран систем со нефункционално обвинителство и судство, каде што затворите се празнат од амнестии – како евентуален излез за решавање на колективни општествени проблеми, кои пак на виделина исфрлаат разно-разни политички зделки пред кои занемуваат институциите на системот, тогаш морам да констатирам дека македонското општество е контаминирано општество, доведено  до степен на распаѓање.

Прашањето кое најчесто се врти во главите на загрижените граѓани е следново: како македонскиот народ стигна до точка каде што тажните лелеци и пискотници се пресретнуваат со рамнодушност, а не со бес? Што го принудува општеството да молчи, дури и да биде соучесник, пред сè поради преголемиот криминал кој ни се сервира секојдневно пред очи?

Овој феномен, често вкоренет во темните поглавја на колонијализмот, историски оставил неизбришливи лузни на идентитетите и културите на голем број народи. Така се среќаваме и сме сведоци на ужасните последици од самоцензурата и потчинетоста, каде што привлечноста на економскиот просперитет често ги замаглува сенките на деструкцијата, кои не надвиснале. Па во една Грција политичката номеклатура сè уште не нарекува Македонија, во зависност од моментот и климата, за разлика од „нашиве“ фунционери кои се натпреваруваат кој повеќе ќе изговори „Северна“ во една реченица! Чиниш синхронизирани со колонијалистите, кои за да ја одржат Преспа во живот, не само Чебрен и сопствената покуќнина ќе ја дадат под концесија, со една единствена цел: продолжување на економската зависност која ќе го диктира нашиот избор и иднина, а ќе обезбеди финансиска сигурност на мала група луѓе, кои на најбезобразен начин и без грам достоинство ќе се обидат до крај да претаат во песокот, пред живата кал да ги проголта со се златниците!

Економската подреденост често го придружува падот и на политичката и на економската автономија и сувереност. Кога една земја интензивно се потпира на друга за економска помош, било да е тоа преку трговија, финансиска помош или инвестиции, ќе биде изненадена кога на крајот ќе увиди дека политичките избори се предмет на влијание или дури и контрола на подоминантната држава. Е токму таков е примерот со Македонија?! Им се насмевна фортуната на Бехтел и Енка, а ние ќе бидеме побогати за уште три казино компании! Нејсе… Па треба човек да си ја проба среќата! Само во сиромашни држави како нашата, коцкањето и лотаријата се меѓу најзастапените дејности!

Ваквото надворешно влијание, стимулирано од внатрешни фактори, пројавува различни форми со различни импликации, вклучувајќи отстапки во политички прашања (тука сме неприкосновени), небалансирани трговски договори (читај златно јајце за поединци) и во екстремни сценарија – воени интервенции (дежа ву небаре почеток на македонското сценарио од 2001 година, арно ама деновиве на Косово). На крајот на краиштата, ваквата ситуација секогаш резултира со ерозија на суверенитетот на нацијата и државата, притоа загрозувајќи ја нејзината способност да донесува одлуки во свој најдобар интерес. А кај нас веќе одамна други ги носат, а  нашите политичари се само извршители и измеќари на нечии влажни соништа.

Една помалку позната форма на колонијализам е „Неформалната империја“. Што значи тоа – дефиниција? Неформалната империја се однесува на ситуација кога моќна држава врши значајно влијание и контрола врз работите на друга држава без да воспостави формално колонијално владеење. Оваа контрола може да се постигне преку економска доминација, политичка манипулација или воен притисок, притоа ефикасно поткопувајќи го суверенитетот на целната државност на помалата земја т. е да ни диктираат услови без да воспостават директно владеење.

Економската зависност и енормната политичка корупција која е видлива во сите пори на општетсвото, како и континуираните долгови го лишија македонскиот народ од правото да одлучува за својата иднина, свесно правејќи државата да се потпира на нејзините колонијални господари за егзистенција.

Самиот систем кај нас е аминуван токму од  некогашните колонијалните сили со една единствена цел – искористување на ресурсите, кои ја овековечија културата на корупција, притоа слабеејќи ги институциите, поткопувајќи го владеењето на правото и на за на крај да не остават самите да си ги изгаснеме светлата во државата. И покрај тоа што замижуваме на целиот овој геополитички процес насочен кон малите општества и држави, ние со петни жили се обидуваме да му дадеме легитимитет на Мицкоски во онлајн судирот со Груевски или пак да му ја скроиме капата на Ковачевски, враќајќи го Заев на бел коњ?! Кој со кого шурувал и кој кого поддржувал? А во меѓувреме онаа кутрата полицајка којашто се удри самата во пајакот, дознавме дека се иселила од Македонија во Германија! Општество – гротеска!

Македонската приказна на крајот ќе заврши како приказна за предавство, економска привлечност и висока цена на тишината. Низ историски објектив, ги гледаме последиците од самонаметнатите окови и императивната потреба да се ослободиме од циклусот на зависност пред да биде предоцна.

Related posts

Тонеме длабоко за срамот да нема од каде да избие

admin

Претседателката Силјановска-Давкова и објави војна на Грција

admin

ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО ЕВРОИНТЕГРАЦИСКИОТ ПРОЦЕС

admin

Македонската економија индиректен заложник на кризата во Украина

admin

Словенија сака да замине, а Србија ја турка

admin

ДРАМА ВО МАКЕДОНСКИТЕ МЕДИУМИ

admin