8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

СДСМ: ниту демократија, ниту правда, ниту Европа!

Да, накратко, демократија, правда, Европа се трите прашања на кои СДСМ дојде на власт, за по седум години да може да заклучиме дека СДСМ не постигна ниту една од политичките цели, односно не донесе ниту демократија, ниту правда, ниту Европа!

Пишува: Сашо Клековски

Изборите се распишаа на 14 февруари, по некоја случајност, за традиционалистите на Св. Трифун, заштитникот на лозарите и винарите, за новите трендови на Валентајн, денот на вљубените. Камо среќа изборите и изборната кампања да поминат во знакот на тие празници, во знакот на љубовта. Како отпочна одбројувањето до изборите, време е за сумирање на сработеното на власта на ДУИ/СДСМ и најавување на изборните програми на главните партиски ривали. Иако имам посветено многу написи на (не)постигнувањата на власта, односно на неспособноста и корупцијата на ДУИ/СДСМ, тука ќе се осврнам на две-три клучни тврдења на СДСМ: демократија, правда, Европа. Да, накратко, демократија, правда, Европа се трите прашања на кои СДСМ дојде на власт, за по седум години да може да заклучиме дека СДСМ не постигна ниту една од политичките цели, односно не донесе ниту демократија, ниту правда, ниту Европа!

Демократија е нешто со што е полна устата на СДСМ. Неодамна Димитар Ковачевски, доскорешен премиер, изјави дека изборот е меѓу два концепта од кои едниот е за демократија и дека „овие седум години државата од заробена држава стана демократска држава“. Така е тоа во маркетингот на СДСМ, но како е во реалноста? Во светот постои реномирана американска организација „Фридом хаус“ (ФХ), која ги оценува слободата и демократијата во многу земји низ целиот свет. Што вели ФХ за Македонија? Македонија ниту е слободна ниту е демократска. Во показателот за слобода, кој содржи политички права и граѓански слободи, Македонија има 68 од 100 проценти во 2023 година и иако има напредување во однос на 57 од 100 во 2017 година, нема промена на оценката и сега и тогаш тоа значи дека Македонија е „делумно слободна“. Во показателот, пак, за демократија, Македонија има 48 од 100 проценти во 2023 година и можеби ќе звучи неверојатно дека е понизок од 2015 година кога изнесувал 49 од 100. Но како и погоре и сега и тогаш оценката е иста и Македонија е „транзициски или хибриден режим“. За седум години, ДУИ/СДСМ не довеле никаков напредок бидејќи и како пред седум години Македонија е „делумно слободна“ и „транзициски или хибриден режим“. Така што Димитар Ковачевски, најверојатно, помешал демократија со башибозук и хаос, бидејќи напредок има само во башибозукот и хаосот.

Правдата или „нема правда, нема мир“ е пак една од најважните пароли со која СДСМ дојде на власт. Од ветувања за расветлување на вистината во случаи како „Смилковско Езеро“ и „Никола Младенов“, кои не се исполнија, преку рекетарскиот скандал со специјалното јавно обвинителство (СЈО) до избор на јавни обвинители, Судскиот совет, скандалозните измени на Кривичниот законик и многу, многу друг скандали, ДУИ/СДСМ по седум години не го ни спомнува зборот правда. Еден последен пример како СДСМ ги доживува правдата и владеењето на правото. ДУИ/СДСМ носат закон со кои возачките дозволи со РМ престануваат да важат на 12 февруари 2024 година, но за нив е хаос што министерот Панче Тошковски одбива да ги повика полицајците да не го применуваат законот, за СДСМ и Оливер Спасовски решение е арбитрарно да не се применува законот, наместо да се измени законот како што бараше ВМРО-ДПМНЕ. Со таква арбитрарност и несигурност за какво владеење на правото се залагаат ДУИ/СДСМ?

Демократијата и правдата нѐ водат до Европа. Во говорот на Димитар Ковачевски, каде што говори за концептите, говори за два концепта, „концепт за европска Македонија“ и „концепт на изолација“. И секако СДСМ е „концепт за европска Македонија“. Просто неверојатно е дека СДСМ сака трет изборен циклус да биде базиран на Никола Груевски, поранешен премиер од ВМРО-ДПМНЕ, од кој ВМРО-ДПМНЕ се огради, a ДУИ/СДСМ спроведоа чекори за негова амнестија. Една илустрација за разликата, за неодамнешниот инцидент во кој е вклучен полицаец од обезбедувањето на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски се огради и повика на постапување, а министерот Панче Тошковски на учесникот му ги одзеде оружјето и значката, го суспендира и поднесе кривична пријава.

Нема криење, нема забошотување, има спроведување на законот. Назад на Европа, на „концептот на европска Македонија“. Како без демократија и правда може да се зборува за европска Македонија? Без демократија и правда нема ниту Европа. Мантрата за двата концепта на „европска Македонија“ и на „изолација“ е празна и очајна до толку што и самите промотери ДУИ и СДСМ не веруваат во неа. Не само што не успеа да убедат трет партиски субјект да им се приклучи во „фронтот за европска Македонија“ туку веќе се насетува дека ДУИ ќе го остави СДСМ сам. И кој е во изолација?

И за крај, за да ги потврди оценките за „делумна слободна“ и „хибриден режим“, Димитар Ковачевски, како претседател на владејачката СДСМ, во најдобар автократски манир, вината за падот и изолацијата на СДСМ ја пронајде во медиумите. Неговите последни коментари и напади врз медиумите ги остави во неверување дури и пролевите новинари. За тврдењата на СДСМ дека е партија на работниците, а не на капиталот, дадена од претседател на партијата што доаѓа од директорска функција во една од најголемите корпорации во земјава, како и за „поголеми плати, поголеми пензии, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места“ во некоја следна пригода.

Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2024

Related posts

На патот кон ЕУ: Поставени се здрави фундаменти во јавните финансии и функционална пазарна економија

admin

Отворен Балкан, Хроника на една предскажана смрт

admin

НОВОГОДИШНА: ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА

admin

Влада без ДУИ за ДУИ-ветинг

admin

Каков распад од невидена неспособност!

admin

Нашата сила е нашата плодна земја

admin