8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Нашата сила е нашата плодна земја

Пишува: Перо Костадинов

Земјоделството, како еден од најголемите сектори во државата по учество во БДП е клучна гранка за развојот на целото стопанство и централен фокус на нашата држава за одржлив развој.

Предизвиците со кои се соочивме изминатите години, дополнително ја нагласија потребата од здрава, безбедна и разновидна храна од домашно производство. Доколку обезбедиме доволни количини квалитетна и безбедна храна за домашните потрошувачи и создадеме производи со додадена вредност за пласирање на странските пазари, ќе овозможиме и подобар животен стандард на земјоделецот, а со тоа и на останатите граѓани во општеството.

За достигнување на оваа цел, потребно е правилно поставување на приоритети и план кој опфаќа структурни реформи и капитални инвестиции. Нашата држава годините наназад системски ги подобрува состојбите и е на вистинскиот пат. Се инвестира во огромни капитални проекти, се зајакнува достапноста на фондови и максимално се департизираа процесите.

Претходните денови заврши изградбата на исклучително важен капитален проект на југот од нашата држава, кој го зајакнува земјоделството како стопанска гранка и директно влијае на енергетската независност на државата. Тоа е изградбата на браната „Конско“. Се работи за најголемиот водостопански проект изграден во последниве 20 години, но и најголем инфрaструктурен проект во последниве 50 години во овој дел од државата. Проектот вреден 40 милиони евра ќе ги снабдува со вода за наводнување Гевгелија, Богданци и околината, како и дојранскиот регион. Браната ќе овозможи развој на земјоделството, руралниот туризам, спортскиот и рекреативен риболов, а ќе добие и енергетска вредност преку производство на електрична енергија.

Друг капитален проект во нашиот крај е системот „Јужен Вардар“. Се работи за круцијален проект за јужниот дел од државата. „Јужен Вардар“, донесе вода за најмалку илјада земјоделци од валандовско кои обработуваат над 2000 хектари земјоделско земјиште. Системот носи вода во атарите на населените места Удово, Јосифово, Калково, Пирава и значително го поттикнува локалниот економски развој преку еколошко земјоделско производство.

Со инвестиција над 24 милиони евра, беше изграден цевковод од 9 километри со шест пумпни станици и дистрибутивна мрежа од 90 километри. За кратко, започнува и реализацијата на третата фаза која комплетно ќе ја заокружи нашата котлина со нов и современ систем за наводнување.

Во меѓувреме, земјоделците независно формираа земјоделски задруги и самите управуваат со системот, без ниту еден земјоделец да е ускратен од правото, да учествува во формирање и управување на новите задруги.

За процесот да биде целосен, претходните години беа донесени и редица мерки за поддршка на производствени капацитети во земјоделството, како и мерки за осовременување на процесот на обработка на земјоделските производи. Една од мерките беше и грантот за новите винарии.

Инвестирано е во десетици нови семејни винарии и производствени капацитети. Лозарите, кои со години произведуваат убаво домашно вино, добија можност, да создадат мала професионална семејна винарија и своето вино, произведено од сопствено грозје, да го продаваат слободно и легално.

Денес, имаме рекордна бројка регистрирани мали семејни винарии, кои може да се сретнат насекаде низ државата. Секоја една мала винарија, која ги исполнувала условите, добила грант поддршка за набавка на опрема. Резултатите и бројките се јасни. Денес имаме вкупно 255 регистрирани винарски визби во државата.

Стануваме препознатливи во Европа, организирани сме и предводиме по квалитетот на виното, пред цел регион. Новите мали винарии, се доказ за можноста да напредуваме доколку сме добро организирани и фокусирани на заедничкиот успех. Македонско вино, на европскиот пазар, како врвна вредност.

Сето она што е создадено до сега, е нашиот потенцијал во иднина. Имаме огромна можност за развој. Со силно земјоделие и успешен земјоделец, го гарантираме опстанокот на сопствената татковина на долг рок. Преку дополнителен развој на оваа гранка, особено во делот на органското производство и здравата храна, ќе успееме. Нашата сила е нашата земја. Заедно, обединети за повисоки цели, можеме да ја оправдаме одговорноста кон наредните генерации.

Related posts

Мојот другар Тахир

admin

Граѓански обвзници: Придобивка за граѓаните и економијата

admin

Цццц… неверојатно! Преку “таквото” веќе!

admin

Влада без ДУИ за ДУИ-ветинг

admin

Мерко е на црна листа, кому му е редот

admin

СДСМ: ниту демократија, ниту правда, ниту Европа!

admin