16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Медиумскиот молк како тренд

Пишува: Џелал Незири

Повеќето диктатори дојдоа на власт преку демократија. Од Хитлер, Мусолини, Сталин, Мао Це Тунг, Пиноче, Тито, Хоџа, Чаушеску, Желев…до Путин, Лукашенко или диктаторите на африканскиот континент, демократијата се користеше само како средство за постигнување на конечната цел. Kако автобус што ќе ги однесе од станицата на демократијата до онаа на диктатурата.

Демократијата е тешко да се негува. Потребно е учество, дебата, различно мислење, избор и внимателно набљудување на секој човек кој се обврзува да му служи на општиот или на државниот интерес. Демократијата значи моќ во рацете на народот. За да се поедностави процедурата за одлучување, народот гласа за свои претставници, овластувајќи ги да донесуваат одлуки во нивно име. Доделувањето на власта на лица избрани од народот често предизвикува уште една несакана нуспојава: корупција. За да се спречи оваа болест, потребни се три работи: ефективни истражни институции, независен судски систем и слободни медиуми. Во овој мозаик, слободните медиуми играат важна улога во заштитата на демократските вредности бидејќи тие се бескомпромисни набљудувачи на работата на сите институции, кои директно и индиректно произлегуваат од волјата на народот изразена на непосредни избори. Но, медиумите можат да бидат злоупотребени од лидери со диктаторски амбиции за да стигнат до нивната последна станица. Хитлер тоа го правеше преку неговиот министер за пропаганда, Џозеф Гебелс, додека Путин денес го прави истото со медиумите спонзорирани и контролирани од него.

И денес, на Меѓународниот ден на слободата на медиумите, медиумите продолжуваат да бидат главниот фактор за одредување на нивото на демократија во една земја. Западен Балкан не изгледа добро ниту во најновиот извештај на Репортери без граници. Освен Северна Македонија (36), која забележа напредок за две места во однос на минатата година, останатите земји од Западен Балкан бележат назадување во сферата на слободата на медиумите. Косово (75), на пример, има пад од 19 земји, додека Албанија (99) – за три места. Албанија е во уште понеповолна позиција од Србија која е рангирана на 98 место, со пад од седум места. Босна и Херцеговина е позиционирана на 81.место, со регрес од 16 места.

Ако се стеснува слободата на медиумите, тогаш ова е првиот симптом дека едно општество е заразено од вирусот на диктатурата. Првата фаза на болеста, односно инкубацијата, се појавува во форма на автократија, а потоа продолжува брзо да се движи кон диктатура. Ако падне слободата на медиумите, тогаш започнува инсталирањето на страв од авторитетот на носителите на власта. Стравот произведува молк што овозможува одземање на власта од народот и нејзино концентрирање во рацете на некоја личност или политички субјект. Ако се достигне оваа точка, тогаш веќе не може да се зборува за демократија. Изборите се претвораат во фарса, само за да се оправда апсолутната власт, додека волјата на народот станува целосно ирелевантна. Во овој момент денеска е Русија, која на последните претседателски избори не само што не гарантираше фер натпреварувачки услови за сите претенденти, туку ја спречи и кандидатурата на вистинските противници на актуелниот претседател Владимир Путин, кој победи со близу 90 отсто на гласовите.

Од мапата на Репортери без граници во однос на слободата на печатот произлегува дека Русија и земјите од Истокот се далеку од демократските вредности. Водени од автократи и диктатори, овие земји се синоним за угнетување, неизвесност и темнина. Од друга страна, како најслободни земји ги имаме скандинавските држави кои се на врвот на листата. Како модел за успешно спроведување на демократијата се зема Данска, каде што слободата на медиумите е неприкосновена, корупцијата речиси и да не постои, а развојот на земјата е стабилен. Во своето дело „Политички поредок и политичко распаѓање“, Френсис Фукујама ја нарекува Данска идеална демократска земја и бара одговори за тоа како недемократските земји можат да се ориентираат кон овој модел.

Но, освен слободата на медиумите, квалитетот на демократијата го одредува и квалитетот на образованието. „Демократијата е добра само колку и образованието што ја опкружува“, рекол Сократ од античка Грција, која се смета за лулка на демократијата. Во меѓувреме, американскиот претседател Френклин Д. Русвелт рекол: „„Демократијата не може да успее ако оние што гласаат не се подготвени да изберат мудро. Вистинската одбрана на демократијата е образованието“. Во свет каде сè оди на интернет, кога медиумите се повеќе се користат како оружје во хибридни војни наместо како средство за информирање, реформите кои го подобруваат квалитетот на образованието сега се императив. Медиумското образование, но и демократскоto, е само сегмент од една посеопфатна реформа, која образованието ќе го направи бранител на слободата на медиумите, а со тоа и на демократијата како систем на владеење.

Related posts

Матна вода

admin

ШТАНЦАЊЕ ДИПЛОМИ ЗА ФУНКЦИОНАЛНО НЕПИСМЕНИ

admin

ЗОШТО НЕ СЕ НАЦИОНАЛИЗИРА ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР?

admin

2022 КРИЗНА – НО И ГОДИНА НА ЗНАЧАЈНИ РЕФОРМИ ВО ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ

admin

Дали ќе поминат уставните измени и што ако не поминат?

admin

АМЕРИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА МАКЕДОНСКИ АРАМИЛУК

admin