„Со ова неодговорно однесување ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава. Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава.” – Христијан Мицкоски за „Фокус“
Пишува: Сељадин Џезаири
Да се разбереме, можеби и ќе имав разбирање горенаведениот цитат да беше наменет за надворешна потреба, за некој странски медиум. Но со оглед на тоа дека премиерот Мицкоски зборува за домашен медиум, сметам дека шефот на македонската влада како да се нафатил да го одигра „Тешкото” оро за кое очигледно, уште од стартот, му недостасува енергија. Од една страна вели “Прогласувам мораториум на разговори на теми што делат и ги злоупотребуваат етничките прашања, ги повикувам сите лидери да зборуваме за она што решава проблеми, за економијата, образование, иновации”, а од друга страна, пак, додава дека водечката политичка партија на Албанците во Северна Македонија – ДУИ “ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава”, поради што ќе биле преземени “сите неопходни мерки како влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава”!
“Ме уби пресилен збор”, би напишал познатиот српски поет Бранко Миљковиќ. Оти, ценетиот професор секако би требало да знае дека во секое демократско општество, опозицијата, па дури и кога се работи за ДУИ, “е орган на народната сувереност, подеднакво витален како и владата” и затоа “потиснување на опозицијата значи и потиснување на сувереноста на народот” (Гуглиелмо Фереро, италјански историчар).
Легалното делување дури и со барања за ново внатрешно реорганизирање на државата, простете, не може да се преведува како “предизвик зa територијалниот интегритет и суверенитет”, за предизвикување криза во земјата. Секако, има разлика помеѓу државната сувереност со демократски лик и таа со примеси на авторитарност и апсолутизам! Плурализмот на автономните политички заедници е добредојден за новиот поредок на суверените држави, вклучително и за Северна Македонија.
И сосема на крајот: Зошто толку врева за правилото „победник со победник“? Знам дека тогаш кога се случи разделбата помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ (2016) единствениот услов за интегративците беше, поради познатите настани, повлекување на тогашниот македонски премиер и лидер на партијата. Тогаш, неговите најблиски соработници немаа смелост тоа да му го посочат. Па следеше познатиот развој на настаните. Самопрогласување на таканаречениот мораториум за етнички прашања, со укинувањето на балансерот, битката за бадентеровото мнозинство… секако се предизвици, во прв ред за владината коалиција, но и предупредување дека „плашилото“ на ревашизам може да се врати, како бумеранг!