8.8 C
Скопје
27 март, 2025
Inbox7.mk
СТАВ

За двојните стандарди и советот на Албин Курти

Пишува: Никица Корубин

“Северна Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија која не се дистанцира ни од Милошевиќ, ни од Путин. Вака Северна Македонија ќе биде што поблиску до зачленувањето во ЕУ, а нашиот регион на Балканот ќе биде побезбеден. Поради ова ние треба да и помагаме и ќе ја поддржиме Северна Македонија, порача Курти.” – 11.08.2023, Тетово

Овие зборови на косовскиот премиер Албин Курти, изговорени пред точно една година, при неговата неофицијална посета на Северна Македонија, како гостин на градоначалниците на Тетово и Чаир, сега во неформалната владеачка коалиција ВЛЕН; од денешна (нивна и севкупна) перспектива, звучат како невкусна шега. Иако се гола вистина.

Единствената дилема е дали лидерите на ВЛЕН не го слушале добро како опозиционери тогаш, што говорел Албин Курти, па воопшто не го послушале и примениле советот како власт сега; или пак Албин Курти денес заборавил на своите зборови изговорени тогаш. Судејќи според кажаното денес, не само што “заборавил” што кажал тогаш, туку речиси целосно го променил сопственото мислење, во инаку непроменети околности.

“Сега (ВМРО-ДПМНЕ) се во коалиција со албанските партии, со албанската коалиција. Меѓу нив е и еден пратеник од движењето „Самоопределување“, член на движењето „Самоопределување“, Беким Ќоку од Струга и мораме да им дадеме време да се консолидираат во влада. Не верувам дека се загрозени достигнувањата на Албанците, но верувам дека се настојува не толку доброто наследство што го нашле на власт да им се припише на оние што го нашле, а не на оние што го создале, оцени Курти.” – (06.10.2024, интервју за Албанско-американски културен центар “Струга”)

И оваа изјава, во дадениот контекст на фаворизирање на односите кон Србија, на сметка на влошување на односите со Бугарија (и Грција), не би била на никој начин проблематична и спорна, и во делот на “не толку доброто наследство што го нашле на власт” (Отворен Балкан на пример) и во однос на потребното “време да се консолидираат во влада”; доколку владата во која се консолидираат не го прави токму тоа на кое самиот премиер Албин Курти предупредувал пред една година. Како истото тоа, тогаш било лошо, а сега е прифатливо за него и од негова перспектива?

А, за нас многу поважно, “заборавиле” и самите пратеници и министри од ВЛЕН на зборовите на Албин Курти. Не само што не ја отпочнаа процедурата, владина или собраниска сеедно, за излегување од Отворен Балкан, не само што не ја иницираа и отпочнаа процедурата за уставни измени, туку веќе формално сме одделени во евроинтегративниот процес од Албанија, го премолчаа целосно наменското заладување на односите со Бугарија и ширењето на говорот на омраза, вклучително и наменското проблематизирање на односот со Грција; така што од трите наведени земји во изјавата на Албин Курти од лани, остана само неговата, Косово .

И тука доаѓаме до апсурдната ситуација во која самиот (не)свесно се постави Албин Курти, со очигледната “амнестија” која им ја пружа на ВЛЕН, во толку потребното оправдување на нивното нечинење во владата при очигледната блокада на државата со неотпочнување на преговорите со ЕУ. Купување на време. Но, за што и кому е потребно ова време? И ако Албин Курти има своја “сметка” за интересите на сопствената држава, која е сметката на власта, владата и парламентот, чии претставници се и ВЛЕН за нивната и наша сопствена држава, Северна Македонија?

Хипотетичкото прашање, со морална дилема, дали на косовскиот премиер, би му се допаднал неговиот совет да го примени на сопствената држава и да ги прави отстапките кон Србија, која според неговите зборови “не се дистанцира ни од Милошевиќ, ни од Путин”, на сметка на интеграцијата во ЕУ? Зошто тогаш, наеднаш, за само една година, променети стандарди за Северна Македонија? Неговата интелигенција, способност и умешност, го говорат спротивното.

Но, последиците на неговото совршено свесно оправдување на очигледното, слично на оправдувањето на Западот кон постапките на неговиот немезис Александар Вучиќ, го нарушува неговиот толку потребен за регионот и граѓаните, кредибилитет, европејство и модерност во политиката. Иронија на животот. Разочарувањата се луксуз во денешно време.

Но, во едно барем може да биде задоволен косовскиот премиер Албин Курти. Оваа негова најнова изјава, наиде на одличен прием кај нашата “јавност”, па немаше ниту една реакција за негово “мешање во внатрешната политика”, каква што беше медиумската хистерија и соблазнување од пред една година. Овој совет наменет за ВЛЕН, многу добро им легна и на сите други партии, структури и кланови. А, тоа е само одличен лакмус, за вистинитоста на изјавите од типот: “евроинтеграциите ни’ се приоритет”, “ние сме за ЕУ” или секогаш актуелната “реформите да ги направиме дома”.

Но, на крајот што е виновен Албин Курти, што никој, не го слушаше пред една година, а ниту сега за да може, последователно на (не)постапувањето: “Северна Македонија да биде што поблиску до зачленувањето во ЕУ, а нашиот регион на Балканот да биде побезбеден.” Ако ние не се грижиме за нас како членка на ЕУ, за безбедноста на регионот како членка на НАТО, зошто тој би се грижел за нас, повеќе од нас самите?

Related posts

За убиството на Косовскиот полицаец

admin

Браво за Макфакс, си ја постигна целта

admin

Зависноста на Владата на Мицкоски од предизборната пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ веќе е проблем на нацијата

admin

Зелена конкурентна економија за подобар квалитет на живот

admin

Гордост

admin

Терор врз Израел и слободна Палестина

admin