Премиерот на Албанија, Еди Рама, на завршниот состанок од националното советување со наставниците и родителите за мерките против TikTok и безбедноста на децата во целина, истакна дека социјалната мрежа TikTok ќе биде затворена за сите во период од една година.
Затворањето ќе се спроведе во текот на следната година, а според премиерот, од технолошки аспект ќе бидат потребни 6 до 8 недели.
„Многу е попривлечен „уличниот насилник“ што ние го нарекуваме TikTok. Ние ќе го затвориме TikTok за една година. Имајте предвид дека ги направивме нашите истражувања; од технолошки аспект ќе ни бидат потребни 6-8 недели. Почнувајќи од следната година, и во период од една година, ќе го затвориме за сите,“ рече Рама.
Рама додаде дека во текот на таа година ќе се следи и како другите земји ќе постапат во врска со оваа социјална мрежа.
„Во текот на таа година ќе видиме како ќе постапуваат другите земји, како ќе реагира самиот TikTok. Оваа компанија има корени во Кина. Ако го погледнете TikTok во Кина и во други земји, тие се сосема различни. Насилството, перверзиите, злосторствата, булингот, криминалот, еврата, доларите – сето тоа не постои на TikTok во Кина”, вели Рама.
“Додека на TikTok надвор од Кина има само ѓубре и зло. За што ни треба ова? Тоа е алгоритамот што го поттикнува. Проблем денес не се нашите деца, проблем денес сме ние, нашето општество, TikTok и сите други „токтокови“ што ни ги заробуваат децата, исто како „уличниот насилник“. Овој насилник ќе го избркаме од нашето маало за една година и ќе видиме што ќе направат другите,“ изјави Рама.