Пишува: Џелал Незири
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше снимен како го паркира своето црвено „Ферари“ пред луксузен хотел во Монте Карло. Рецепционерот го чекаше да ги земе клучевите од неговиот автомобил и да го паркира на безбедно место.
Во позадина се слушаше песната „Money, Money, Money“ на групата АББА од 1976 година. Видеото беше објавено на социјалните мрежи од промотори на неумерен луксуз, по кој овој град е познат. Очигледно Мијалков не знаеше дека е сниман. Во Северна Македонија тој сè уште нема завршено со судските процеси, па затоа не требаше да биде виден надвор од земјата. Неговиот братучед, поранешниот премиер Никола Груевски, ужива во луксузот во Будимпешта. Заедно со Мијалков, тие стекнаа огромен капитал додека ја водеа државата во периодот 2006-2016 година.
Во меѓувреме, поранешниот вицепремиер Артан Груби избега и сега живее некаде на „албанските простори“. Тој беше ставен на „црната листа“ на САД бидејќи во 2023 година, заедно со судијата Енвер Беџети, ја застареа главната постапка против Мијалков – случајот со масовното прислушување. Неколку други предмети против Мијалков застареа со измените на Кривичниот законик од страна на парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ. Додека овие партии сега се не знаат како во опозиција, а Груби е во бегство, Мијалков ужива во капиталот стекнат со „многу труд“ и лукавство.
Не се само овие имиња кои влегоа во политиката како социјални случаи, а денес се на врвот на луксузот. Десетици други функционери се спасија со измените на Кривичниот законик. Стотици други функционери никогаш не се ни истражени. Политиката повеќе не создава олигарси – самите политичари стануваат олигарси.
Оваа состојба продолжува да ја зајакнува вербата дека корупцијата „се исплати“. Тоа ја прави политиката привлечна за ненаситните, кои ја гледаат оваа благородна активност – која ја определува квалитетот на животот на луѓето – како најкраток пат до капитал што овозможува раскошен живот за повеќе генерации.
Граѓаните, пак, свесно или несвесно, ги создаваат овие алчни политичари со своите гласови и активизам. Патриотизмот, етно-национализмот и другите „изми“ се тука за да го замаглат видикот.
Бидејќи ја споменав песната на групата АББА, сакам да го завршам овој текст со два стиха од легендарната песна за парите („Money, Money, Money“):
„Работам цела ноќ, работам цел ден за да ги платам сметките што морам да ги платам
Зарем не е жално?
И сè уште изгледа дека ни денар не ми останува
Толку тажно!
Во моите соништа имам план
Кога би имал богат човек
Никогаш не би работел, ќе го минувам времето забавајќи се…
Пари, пари, пари
Треба да е забавно
Во светот на богатиот човек…“