Повеќе од 30 години Северна Македонија импровизира со идејата да биде држава. И, еве не денес, во овие абсурдни рушевини наречени држава, во оваа пустелија во која секој глуми, а трагедиите се повторуваат.
Пишува: Бардул Заими
Повеќе од 30 години Северна Македонија импровизира со идејата да биде држава. Повеќе од 30 години, неукоста и политичкиот криминал се вгнездени во институциите за носење одлуки преку партиски вработувања и во соработка со криминалните олигархии. Држава заробена од самиот почеток, со фатални метастази во сите институции. Со овие метастази на неукоста и институционалниот криминал, секој од нас може да биде потенцијална жртва, секој граѓанин без разлика. За жал, цело време се хранеше менталитетот на релативизирање или прикривање на оваа криминална логика со други мобилизирачки теми. Логиката “го знам еден” ни донесе трагедии една по друга, како што е и последната трагедија во Кочани.
Целиот овој менталитет за триесет години создаде големо институционално мочуриште, распаѓање на системот и издигнување над ова распаѓање на еден вид политичари кои ја злоупотребија политиката како уметност на доброто владеење, метастазирајќи како менталитет во сите пори на општеството. Со профитни поларизации преку “тешки” теми, кои во нормални услови и во нормална држава би се решиле без големи проблеми, всушност се покриваше корупцијата, криминалот како рак на општеството.
Триесет години во Северна Македонија, самопрогласените политички елити поврзани со илјада нишки со криминалот и корупцијата, урнаа секоја нормалност во функционирањето на институциите. Цело време владееше логиката на “успешни” луѓе, кои може да се дефинираат со стихот на Шекспир “господар на повеќето подлости”. Секоја волја на граѓаните за промена беше фатално скематизирана само со смена на власта меѓу партиите, без да се допре до суштината на работите, до она што значи систем, до она што значи друга логика на управување.
За жал, цело време имавме една голема фарса на промена, додека истите актери, групи со иста логика, беа инсталирани во име на промената и напредокот. Ова произведе општа култура на релативизирање, култура на заборав и на фатално прилагодување кон менталитетот инсталиран како политичка и економска елита во Северна Македонија.
Политиката секогаш остана еден заплеткан и безнадежен коридор, исто како во “Процесот” на Кафка. Со години во Македонија, политиката функционираше низ коридорите со лесни “шепотења”, задушувајќи го институционалниот живот, односно нормалното функционирање на институциите. Од врвовите на “Политичкиот Олимп” се диригираше сé во јавниот живот и во повеќето случаи на граѓаните им се сервираа решенија без суштинска дебата и без неопходно знаење за ситуациите, кои постојано произведуваа институционални блокади и подстандардност.
Долго време во Северна Македонија постои гротескна перцепција за политиката како една “игра” што се игра некаде зад завесите на јавното мислење. Во својата книга, “Крајот на политичката страст”, есеистот од Барселона, Жозеп Рамонеда, предупредува за фаталниот крај на политиката, правејќи аутопсија на сите недоразбирања што се појавуваат околу поимот “политика”, но и враќајќи го во вниманието на јавноста автентичното значење на политиката како витален простор за слобода и граѓанско самоостварување. Меѓу другото, овој автор, со голема интелигенција, укажува дека е создадена погрешна перцепција дека зад завесите на политиката се наоѓаат некои супер-луѓе, единствените достојни да се занимаваат со судбините на другите луѓе. Токму оваа авторитарна перцепција ја создава политиката како недопирлива темна зона каде што навистина се случуваат сите фаталности поврзани со животот на граѓаните.
И ете, тука сме денес, во оваа апсурдна урнатина наречена држава, во оваа пустелија, во која секој се преправа, додека трагедиите се повторуваат. Прилагодувањето на неукоста во институционалниот систем, на некомпетентните луѓе, без достоинство и професионална совест, ја произведе големата пустелија на подстандардите, фаталните потенцијалности врз животите на луѓето.
Време е за коренита промена, за одговорност за сите досегашни трагични случаи, но и за еден ментален катарзис за општествена трансформација, за промена на општествениот модел, од оној феудален со криминални премиси кон моделот на знаењето и одговорноста.