12.8 C
Скопје
19 март, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Понижување во Белата куќа – и што ни кажува тоа?

Студената реалност нè удри во Вашингтон. Зеленски беше принуден да ја купува надежта за опстанок од луѓе на кои не им е грижа за нашата слобода.

Пишува: Андреј Курков

Во Киев се затоплува. Температурата се искачи од -5°C на 4°C. Понекогаш сонцето пробива низ облаците, но тоа не им го крева премногу моралот на Киевјаните. Ова не е време кога луѓето ги бараат првите знаци на пролетта, како што обично прават. Атмосферата во градот и во целата земја е исполнета со нервозна исчекувачка. Но, тоа не беше исчекување за крај на војната или потпишување на мировен договор со Русија – ништо толку конкретно. Всушност, воопшто не беше јасно што точно чекаме, но знаевме дека има врска со Доналд Трамп и со промената на американската политика кон Украина.

Јасноста дојде денес, на оваа морничава театарска претстава во Белата куќа: ракувања, кренати палци, неколку тупаници во воздухот од американскиот претседател, пред Трамп да седне рамо до рамо со Володимир Зеленски за да разговараат за договор – минерали во замена за воена помош – и за да го понижи. Во исто време, сирени за воздушен напад одекнуваа во северна и источна Украина. Наскоро разговорите беа прекинати, а Зеленски замина.

Она што се случи пред ТВ-камерите беше застрашувачко, невидено. Зеленски – сериозен, гневен, очаен – како што и доликува на лидер принуден да ја распродава сопствената татковина. Трамп, претставувајќи се како чесен посредник, изјави: „Јас не сум на ничија страна. Јас сум на страната на светот.“ Треба да бидеш благодарен, му порача на човек кој го гледал својот народ убиен, својата земја освоена и опколена. „Направи договор или ние си заминуваме.“

А потоа стана уште полошо. Зеленски му покажа фотографии од воени злосторства. „Мислам дека претседателот Трамп е на наша страна,“ рече, без вистинска надеж и без очекување дека тоа е точно. Потпретседателот Џ. Д. Ванс го нападна Зеленски за „непочитување“. И Трамп и Ванс вербално го малтретираа пред камерите, бидејќи ова е новата „уметност на договорот“: набиена, агресивна, бесчувствителна, безмилосна.

Но, Украинците веќе немаа илузии дека Трамп има конкретен план за крај на војната. Наместо тоа, тој имаше различни идеи за американското присуство во регионот – идеи што понекогаш се однесуваа на Украина, но често си противречеа меѓу себе и никогаш не беа насочени кон вистинска поддршка за земја жртва на руската агресија.

Изминативе две недели, прашањето за завршување на руско-украинската војна се претвори во прашање за ископ на ретки минерали во Украина. Во Саудиска Арабија, на руско-американските преговори, исто така, се дискутираше за истото – но со фокус на ресурсите во руските територии и во окупираните делови на Украина. Така, овие ретки метали ја истиснаа темата за војната и воената помош од медиумите. Тој простор сега е исполнет со долари.

Постарите Украинци, кои пораснале во Советскиот Сојуз, во оваа ситуација препознаваат слика од советските пропагандни карикатури – Америка како земја на алчни, безгрижни капиталисти, кои се плукаат на сложени проблеми и гледаат само профит.

Ова е егзистенцијална војна, а оваа нова реалност е сурова. Трамп вели дека Зеленски „не е подготвен за мир“, но Украина нема друг избор освен да продолжи да се бори, по која било цена. Помошта што некогаш доаѓаше бесплатно, сега мора да се купи. Ако нема пари, мора да се плати со ресурси. По три години од големата руска инвазија, геополитичките интереси на САД во Украина се заменети со финансиски. Наместо политичарот Бајден, на сцена стапи бизнисменот Трамп.

Американскиот предлог за ископ на ретки минерали во Украина, ако биде реализиран, ќе му овозможи на Вашингтон да потпише сличен договор со Русија и да започне со ископи уште пред да заврши војната. Планот предвидува „инвестициски фонд“ управуван „рамноправно“ од САД и Украина, при што Украина би отстапила 50% од идните приходи од минерали, нафта и гас „за безбедност и просперитет на Украина“. Трамп инсистира дека тоа е „многу фер“.

Дали ваков договор би ја спречил Русија да ја продолжи агресијата? Не! Дали содржи безбедносни гаранции за Украина? Очигледно не. Дали Украина има избор? Спорно.

Во оваа ситуација, Велика Британија и ЕУ стануваат уште поважни партнери за Украина. Додека организира пристап на американските компании до украинските ресурси, Трамп сака на Европа и Британија да им ја префрли одговорноста за безбедноста на Украина и за воената помош во случај на прекин на непријателствата. Со оглед на ова, не е јасно каква корист би имала Украина од ваков договор за ретки метали.

Тврдењето на Трамп дека присуството на американски рударски компании во Украина би било доволна безбедносна гаранција е неосновано. Кинеската државна корпорација COFCO инвестираше во нов терминал за жито и нафта во пристаништето Миколаив, но тоа не го заштити пристаништето од руски ракети – не е во функција од март 2022 година, а регионот изгуби 40% од приходите.

Фактот што Трамп е толку наклонет кон Путин, а толку груб со Зеленски, зборува сам за себе. „Мислам дека ќе си го одржи зборот,“ уверува Трамп. „Го познавам одамна.“

Зеленски покажа храброст, но ние сега сме молители. Трамп и Кремљ јасно ставија до знаење дека Украина не е добредојдена на овие преговори. Како и многу други принципи, и оној на Бајден – „Ништо за Украина без Украина“ – е згмечен. Зеленски беше повикан во Белата куќа за да потпише, но не и да зборува.

Трамп ја оствари својата цел. Ја претвори Украина од субјект во објект. И по ова понижување, некои Украинци се уверени дека ископувањето минерали под негови услови би ја претворило Украина во американска „колонија“. Но, многумина би претпочитале да живеат во американска колонија, отколку во руска – ако тоа е изборот.

Превземено од Гардијан. Андреј Курков е украински писател и автор на „Смрт и пингвин“.

Related posts

Анализа на Дојче веле / „Обама момент”: Првиот премиер Албанец во Македонија

admin

Работите не изгледаат добро во Скопје

admin

Разумна изјава за името на идниот премиер

admin

Како и во 1991, проблемот не е правен туку политички

admin

Решенијата со Бугарија не се на дофат на раката

admin

Што значи победата на Ердоган за Северна Македонија и регионот?

admin