Пишува: Владимир Вељковиќ
Сите досегашни студентски протести што со месеци се одржуваат, кои уживаат широка општествена поддршка и кои изведоа десетици илјади граѓани на Србија на улиците, поминаа мирно. Меѓутоа, режимот на Вучиќ упорно се обидува да им припише потенцијално насилен карактер. Бидејќи, според домашниот узурпатор Вучиќ, во Србија е во тек „обоена револуција“.
Така, во пресрет на 15 март, кога е закажан големиот собир во Белград, медиумите под контрола на режимот порачаа: „Паравоени формации подготвуваат државен удар“ (Политика). Понатаму, истите некогаш угледни весници пишуваат дека „полицијата на приодите кон главниот град запленила големи количества ножеви, палки, секири“. Потоа: „Шестмина уапсени терористи“ (Информер); „Разулавени хулигани прават хаос кај Пионирскиот парк“ (Ало) – сè во ист дух.
За публиката со интелектуални претензии, Политика објави долг интервју со Александар Дугин, идеологот на воинствената Путинова Русија: „Нова обоена револуција би довела до распад на Србија.“ Првата „обоена револуција“, замислете, се случила на 5 октомври 2000 година, кога граѓаните на Србија ја бранеа победата на изборите од 24 септември истата година.
За Дугин, секој недемократски режим е вреден за внимание и поддршка: „Апсолутно не ме чуди што протестите се одржуваат и во Унгарија, Словачка и Грузија, земји што го чуваат својот суверенитет“, односно во држави во кои режимите ревносно ја поткопуваат изборната демократија, угледувајќи се на Русија.
Придонес кон режимската кампања даде на свој начин и Синодот на СПЦ: „Слушаме гласови за можни судири во нашиот народ и тоа нè загрижува“, па секој да стори сè што е до него за да се зачува мирот и „насилството да биде отфрлено“. Гласовите што ги слуша Синодот се шират преку режимските таблоиди, а никому друг не му паѓа на памет дека ќе се случи нешто поразлично од она што го гледавме досега – уште еден величествен протест на српската младина и граѓаните против неодговорниот и назаден режим.
Соопштението е зајакнато, како што и прилега, со наведување зборови од Светото писмо: „Како што сакате да ви прават вам луѓето, така правете им и вие ним“ (Лк 6, 31). Па, како сакаме да ни прават нам луѓето, и како тогаш, врз основа на тоа, да им правиме ним? Сакаме да не нè дезинформираат, да не ни пренесуваат лажни вести и да не шират паника во врска со избивање на судири.
Патријархот и Синодот реагираат на ист начин како и досега. Имено, кога во 2021 година Вучиќ изведе насилници против граѓаните што протестираа против Рио Тинто, патријархот и тогаш повикуваше на мир. Истото го прави и сега, кога само една страна зборува за судири, државен удар и повикува на насилство – имајќи предвид дека за вакви нешта радикалите секогаш биле надлежни. /Pescanik.net