19.1 C
Скопје
14 јули, 2026
Inbox7.mk
СТАВ

Лидери или поданици – Александар Македонски и првата светска глобализација

Пишува: Никица Корубин

Во време на драматично предизвикување на западната култура и последователно демократијата, под превезот на анти-глобализацијата и суверенизмот, да се потсетиме на зачетокот на “првиот глобализам” кој драстично ја променил историјата и трајно ги поврзал различните култури и народи. До ден денес. Па, иако денес под терминот “глобализација” главно се подразбира економското поврзување, суштината на глобализацијата – од антиката, па до денес, е всушност отвореноста на културите и цивилизациските врски, како предуслов за трговијата (економијата).

Глобализацијата, која се родила на само 250 км од Скопје, тука во нашето најблиско соседство. Во близина на Воден (Едеса) и малата Науса, на 30-тина километри од старата македонска престолнина Еге и новата престолнина Пела, онаму каде што денес се наоѓаат најубавите овошни и лозови насади во регионот на Македонија и Ематија, во соседна Грција, скриена, а толку отворена, се наоѓа “престолнината на космополитизмот” – Миеза.
Во Миеза, и во нејзиниот Нимфеон, еден од најголемите филозофи во историјата на човештвото – Аристотел – ги учел младиот принц Александар и синовите на македонската аристократија, неговите идни генерали и хеленистички кралеви, на сите знаења на неговото време, во класичен хеленски манир, произлезен од Атинската демократија (граматика, реторика, аритметика, ботаника, историја, поезија). Ги учел и ги научил на најголемата мудрост, која ќе биде основа за неговото поведение и прифаќање на туѓите култури, при неговиот хегемонизам и освојување на светот се’ до Индија.

Темелот кој ќе го постави тој и политичкиот систем на македонското кралство, а кој ќе се продолжи почнувајќи од хеленизмот – после неговата смрт – се’ до ден денес, и е всушност најголемиот цивилизациски потфат на зближување на тогаш познатиот свет, на дотогаш невидено ниво. Првата културолошка, цивилизациска, трговска, економска, јазична, политичка глобализација во историјата. И христијанството се родило во тоа хеленистичко опкружување, а неколку века подоцна и исламот во веќе поврзаниот свет.
На тие 3 века хеленизам, се темели Римската империја, која продолжува на истокот како Византија, а на Западот како основа за сите следни “империи” – Обединетото кралство, Франција, Шпанија, Италија, Австро-Унгарија, Германија, САД, Канада – кои низ вековите и сопствената историја ги поминуваат фазите на развој – до републиката, демократијата и денешниот систем на владеење на правото и меѓународниот поредок.
Тоа е симплифицирана варијанта на патот на создавањето на она што денес можеме да го означиме како “западна култура” – која е всушност таргетот на сите турбуленции – од догмата на рускиот империјализам, кој е периферија на изворниот глобализам и неговиот развој – до апсурдното само-дистанцирање и само-укинување на новата американска администрација од сопствениот современ модел на класичниот антички глобализам, односно космополитизам.
За да се знае за што е борбата денес – и секогаш низ историјата – кога цивилизацијата и културата, достигната токму преку отвореноста на косполитизмот – ќе се соочи циклично со културолошката фрустрираност на инфериорност, секогаш скриена позади истите фрази – етничка екслузивност и супериорност, сувереност, традиција, инструирана религиозност и затвореност.
Па, кога следниот пат ќе се повикаме на “знамето од Вергина” да знаеме дека е тоа изворен симбол на кралска династија која имала доблест да учи од најдобрите хеленски филозофи на своето време и својата политичка и воена моќ да ја искористи за првото глобално поврзување на тогаш познатиот свет – и да го отвори патот – за развој на светот каков што денес го знаеме. Александар, првиот познат светски космополит и глобалист – кој и покрај отпорот на своите Македонци, ги прифатил како свои обичаите и верувањата на туѓите култури, на кои Аристотел го научил да им се поклонува како на свои.
И да знаеме дека начинот на живот кој го познаваме, правото на став, слободата и владеењето на правото, меѓународниот поредок и слободното изразување – постојат само во овие “западни услови”. И последователно и нашиот државен, општествен и цивилизациски опстанок. За ова е војната во Украина, и за ова Украина се бори за сите нас и за ова ја заслужува секоја почит и поддршка.

И како иманентно врзани за космополитизмот и глобализмот, и како големи борци за идентитетот, што ќе избереме да бидеме – лидери или поданици? Дали ќе бидеме учениот Александар и неговите другари, втемелувачи на космополитизмот и глобализмот, отворени и бестрашни; или ќе бидеме, како неговите скептични и затворени Македонци, поданици на конзервативизмот и незнаењето? Или крал или поданик, не може и двете. Водиме или следиме? И ако следиме, ги следиме ли идеите на космополитизмот?

Related posts

Најдобрите системи се оние што не бараат херои

admin

Зошто односите со Бугарија “не смеат” да бидат “убави”?

admin

(Не)зрел за колумнист?

admin

Колку чини правдата за моите пари

admin

Гангренозно ткиво

admin

Бранко се појави, навистина се појави: МНОГУ ВРЕВА ЗА НИШТО!

admin