Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги завршува првите 100 дена од својот втор мандат, соочувајќи се со предизвици што ја принудија Европската унија да го забрза процесот на реформи во одбраната и економијата.
Според Политико, победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД доведе до неизвесност во трансатлантските односи, доведувајќи ја во прашање иднината на НАТО и американската поддршка за Украина во војната со Русија. Покрај тоа, заканите за нови царини од 25% и предупредувањата дека Вашингтон можеби нема да ги брани сојузниците кои не инвестираат доволно во одбраната, ја натераа ЕУ да преземе итни мерки.
„Правецот отсекогаш беше јасен, но сега чувството на итност е многу поголемо“, изјави фон дер Лајен на прес-конференција во неделата.
Остварени ветувања
1. Чиста индустриска стратегија
Фон дер Лајен вети иницијатива што ќе ја декарбонизира европската индустрија и истовремено ќе ја направи поконкурентна. Планот, наречен „Чист индустриски договор“, беше објавен на 26 февруари (88-ми ден) и вклучува мерки за намалување на цените на енергијата, обезбедување суровини и создавање побарувачка за нискојаглеродни производи. Сепак, финансирањето останува нејасно, бидејќи предложениот фонд од 100 милијарди долари главно се базира на веќе постоечки средства.
2. Акциски план за сајбер-безбедност во здравството
Комисијата ја објави стратегијата на 15 јануари (46-ти ден), предвидувајќи техничка поддршка, систем за рано предупредување и брзи тимови за одговор. Но, клучниот проблем останува финансирањето, бидејќи не се предвидени нови средства за спроведување на мерките.
3. Иницијатива за „фабрики за вештачка интелигенција“
На 11 декември (11-ти ден), Комисијата објави дека ќе финансира седум центри за суперкомпјутери со 1,5 милијарди евра. Но, набрзо по ова, администрацијата на Трамп најави инвестиција од 500 милијарди долари во развојот на вештачка интелигенција, што ја принуди ЕУ да ги ревидира своите планови. На 10 февруари, фон дер Лајен предложи мобилизирање 200 милијарди евра, вклучително и 20 милијарди евра за изградба на четири „АИ гигафабрики“.
4. Политика за млади
Фон дер Лајен најави дијалози со младите во првите 100 дена. Шеснаесет од 28-те комесари ги одржаа средбите помеѓу 93-тиот и 97-миот ден, додека тројца – вклучувајќи го и еврокомесарот за правда – своите средби ги закажаа за 10 март, последниот ден од рокот.
Нереализирани или делумно реализирани ветувања
1. Белата книга за одбраната
Фон дер Лајен вети дека ќе претстави документ што ќе дефинира инвестиции за зајакнување на одбраната. Иако планот за кредити од 150 милијарди евра за воена опрема беше претставен на 4 март (91-ви ден), Белата книга официјално треба да биде објавена на 19 март – што значи дека рокот е пробиен.
2. Визија за земјоделството и храната
Комесарот за земјоделство, Кристоф Хансен, на 19 февруари (81-ви ден) претстави стратегија која има за цел подобрување на условите за фармерите и поправедни синџири на снабдување. Но, според критичарите, иницијативата останува без доволно средства за нејзино спроведување.
3. Политика за проширување на ЕУ
Фон дер Лајен вети „темелна ревизија“ на правилата за проширување, особено во контекст на пристапувањето на Украина. Иако некои предлог-мерки за забрзување на интеграцијата на Украина беа најавени, целосната анализа сè уште не е објавена.
Европската комисија продолжува со спроведување на започнатите реформи, но неизвесноста околу американската политика и внатрешните буџетски ограничувања ќе бидат клучни фактори што ќе ја дефинираат успешноста на овие иницијативи во наредните месеци.

