Американскиот претседател повторно попушти откако се соочи со нов, моќен противник во трговската војна со тарифи
Став на Telegraph
Тврдењето на Белата куќа дека тарифната политика на Доналд Трамп е мудар план чиј гениј наскоро ќе стане очигледен, претрпе уште еден удар викендов. По повлекувањето на првичните давачки на увозот од десетици земји – со исклучок на Кина – за да избегне пазарен колапс, претседателот објави дека смартфоните и компјутерите ќе бидат ослободени од тарифи, вклучително и оние од Кина, бидејќи токму од таму потекнува поголемиот дел од нив.
Причината за ова најново повлекување е фактот што американските потрошувачи се соочија со дуплирање – или повеќе – на цените на омилените технолошки уреди и масовно ги празнеа продавниците пред да стапат на сила новите давачки. Тоа ќе предизвикаше недостаток и уште поголем раст на цените кога ќе се воведеја тарифи од 125 проценти.
Понатаму, овие технолошки производи ќе бидат ослободени од сите тарифи, вклучително и основната стапка од 10 проценти, за која претседателот инсистираше дека ќе остане во сила без разлика на сè. Исклучокот се однесува и на други електронски уреди и компоненти, како што се полупроводници, соларни ќелии и мемориски картички.
Основната логика зад тарифната политика беше дека преголем дел од стоките што се консумираат во Америка се произведуваат во странство, а поскапувањето на увозот треба да ја поттикне домашната индустрија. Дополнителна цел беше прибирање средства за намалување на даноците.
Но, со исклучување токму на производите што требаше да бидат таргетирани, се поткопуваат и двете цели. Сега се сугерира дека ослободувањето од тарифи ќе биде само привремено, што дополнително ја зголемува неизвесноста што произлегува од оваа политика.
Со толку многу промени, тешко е да се разбере вистинската намера на Трамп, иако неговите сојузници продолжуваат да инсистираат дека политиката функционира. По кој критериум? Претседателот вели дека политиката „внесува многу пари“ во Америка, но ако целта е да се обесхрабрат потрошувачите да купуваат странски производи, тогаш тие приходи ќе се намалат со падот на увозот.
Целата оваа конфузија барем ја потврдува ставката на претседателот дека неговата земја премногу се потпира на странска – особено кинеска – продукција.
Белата куќа соопшти дека претседателот „јасно стави до знаење дека Америка не може да се потпира на Кина за производство на критични технологии како полупроводници, чипови, смартфони и лаптопи“. Но, ќе бидат потребни години за да се изградат фабрики што би ги замениле тие производи, а во меѓувреме, цените на гаџетите што Американците ги сакаат, би експлодирале. Како што не можеше да го надмудри пазарот на обврзници, така Трамп сега сфаќа дека има уште еден моќен противник: американскиот потрошувач.