30.9 C
Скопје
16 јули, 2026
Inbox7.mk
КУЛТУРА

Тетово: Изложбата „Pollution Painting“ преку уметност ја отсликува кризата со загадениот воздух

Во Уметничката галерија во Тетово денес беше отворена дводневната изложба „Pollution Painting – Tetovo“, посветена на темата на аерозагадувањето, организирана од Институтот „Макс ван дер Штул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Настанот собра студенти, универзитетски професори, уметници, културни работници, како и претставници од Универзитетот во Бирмингем, кои со заеднички ангажман создадоа уметничка форма инспирирана од еколошката реалност во Тетово.

Изложбата претставува спој на научни податоци, дигитална технологија и визуелна уметност. Преку користење на документарна фотографија и LED светлосни уреди, посетителите можат да го искусат влијанието на PM2.5 честичките – главните загадувачи на воздухот – преку уметнички композиции кои ги претвораат реалните податоци за аерозагадување во визуелно и емоционално доживување.

„Загадувањето на воздухот не е типична тема што ја гледаме во галерии, но оваа изложба го менува тој наратив. Таа говори јасно, силно и ангажирано – и тоа преку уметност,“ рече проф. д-р Беса Арифи, проректорка за меѓународна соработка и истражување при УЈИЕ, која ја прогласи изложбата за отворена.

Проектот, кој се реализира во соработка со Универзитетот во Бирмингем и со поддршка од британската програма за истражување и иновации (UKRI), има за цел преку креативен приод да ја зголеми јавната свест за еколошките последици од загадениот воздух – особено во урбани средини како Тетово, каде проблемот е хроничен.

Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, во своето обраќање им се заблагодари на организаторите и ја истакна важноста на вакви иницијативи во поттикнување на институционален и граѓански ангажман. „Локалната самоуправа останува отворена за соработка со Институтот и академските партнери во креирање долгорочни решенија за намалување на загадувањето“, рече тој.

Директорот на Институтот „Макс ван дер Штул“, проф. д-р Вели Креци, оцени дека проектот покажува како мултидисциплинарниот пристап – преку вкрстување на уметноста, науката и технологијата – може да доведе до опипливи резултати во градењето еколошка свест.

Посебно внимание на отворањето привлекоа студентките Лејла Адеми, Влера Исмаили и Албинота Нуредини, кои зборуваа за своето искуство во реализацијата на изложбата, опишувајќи го процесот како „едукација преку уметност и истражување“, каде креативноста се користи како алатка за активизам.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 29 мај, а организаторите се надеваат дека ќе поттикне дебата за итната потреба од одржливи решенија за проблемот со загадениот воздух во Тетово и пошироко во регионот.

 

 

 

 

Related posts

Вработените во културата останаа без плата пред Велигден, Владата вети исплата следната недела

admin

Хомо на Игор Иванов Изи со уште една висока, десетта, награда на меѓународен филмски фесртивал – Овој пат во Индија

admin

Македонија го одбележува Денот на македонскиот јазик

admin

Пијанистката Илинка Манова изведува дела од македонски автори низ САД

admin

“Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание”

admin

Отворено 65. „Охридско лето“ со настап на американската пијанистка Клер Хуангчи

admin