24.8 C
Скопје
9 јули, 2025
Inbox7.mk
СТАВ

Студентски “српски свет”

Пишува: Никица Корубин

Текстот иницијално го објавив на 13.02.2025 година, и за жал е сликовит приказ на она што видливо и без “маска” ќе се случи неколку месеци подоцна, на вчерашните “студентски” протести во Србија.

Единствената различна финеса е новата кованица за “српскиот свет – српски интегрализам”, кој директно ја таргетира и Северна Македонија.

Во очекување на “бурата од реакции” на бранителите на идентитетот, и оние “конзервативните”, но и оние “либералните”.

————————————————

Студентски “српски свет”

Ако нешто, деновиве, може најдобро да го опише изразот “надвор од допир со реалноста” – иако конкуренцијата е голема – се, за жал, студентските протести во Србија, кои траат повеќе од три месеци, со ист и засилен интензитет. Иако, основната теоретска идеја е благородна и нормална – владеење на правото и функционирање на институциите – односот на таа идеја кон внатре, во самата држава и надвор, кон регионот и светот, е длабоко ирационална. И на иста, речиси идентична линија со познатиот комплекс на грандиозноста и месијанството на, жаргонскиот и метафорички “небески народ”. Претворена во “спектакл сам по себе”, и само-задоволувачки за себе. А, во суштина, длабоко во канџите на хегемонизмот на идејата на “српскиот свет”.

Иако, иницијалната каписла, е трагедија како резултат на еден површен, корумпиран, нефункционален и заробен систем во пракса; суштинската позадина е внимателно градениот систем, низ годините и децениите, на супериорноста и супремацијата на “српството” на се’ и над се’. И во кралството, и во федерацијата и последно, и во регионот на државите кандидати за ЕУ од Западен Балкан. Концептот на Отворен Балкан, е само, прикриена форма на експанзивната, и кон надвор – надвор од самата Србија – манифестација на “српскиот свет”. Бидејќи “српскиот свет” и постои, за да биде поголем од самата Србија. Политички, територијално, културолошки, религиозно.

Оттаму, демократската успешност на актуелните студентски протести, за вистинска реформа не на системот самиот по себе, туку на менталитетот на разбирање на систем на демократија и владеење на правото – (ќе)зависи од односот кон иманентноста на “српскиот свет”. Дали тие бараат замена или промена? Ако бараат полесна, камуфлирана варијанта на “замена” тогаш ќе немаат никаков проблем со концептот на “српскиот свет”. Но, ако бараат вистинска, радикална “промена”, тогаш “српскиот свет” сам по себе е проблем. Бидејќи тој ја проектира Србија (и српството) надвор од Србија. А, најмалку се занимава со суштината на самата Србија, конзервирајќи ја во замислен “центар на светот”, по нивен терк, кој природно бара форма на авторитарност. За регионот се подразбира.

Како практично, тоа изгледа? Велат дека сакаат владеење на правото и функционални институции, ама не кажуваат каде тоа го има – а, тој модел е модел на западната демократија и конкретно земјите од ЕУ. Но, дали студентите бараат продолжување на суштинските преговори на Србија за членство во ЕУ, како врвен приоритет и прво барање? Апсолутно не. Велат дека сакаат институциите да почнат да ја работат својата работа, ама не им пречи кога истите тие институции, носат заедничка декларација со дел од БИХ (Република Српска) на тој начин директно, загрозувајќи нечии други институции на нечии други граѓани, во некоја друга држава. Се спротивставија ли на мешањето на нивните институции во рушењето на интегретитетот на соседната БИХ? Апсолутно не.

А, “гревот” кон БИХ огромен. Тие илјадници жртви во војната во БИХ, во Сребреница, не беа ли “достојни” жртви, па да имаат барем дел од третманот на жртвите од трагедијата во Нови Сад? Зарем најпрогресивниот дел од една држава, студентите, не треба да има друг, похуман однос кон геноцидот во Сребреница, различен од оној на институциите кои тие бараат да си ја работат својата работа? Дали стоејќи пред затворените врати на нивните храмови, побараа и од СПЦ да се грижи за верниците во Србија, наместо да “упаѓа” и се меша во афтокефалноста на црквите во Црна Гора и Северна Македонија? Или религија не ги интересира.

Велат протестите се мирни и мирољубиви, ама осуда за агресијата врз Украина нема. Политика не ги интересира. И на крајот, како што самите велат, ќе го чуваат сопствениот устав, како што тој го чува “Косово и Метохија”. А, Косово посебна држава, во кои ретко кој и бил. Тешко е да се излезе од затворената матрица на “српскиот свет”. Па, што всушност тогаш тие бараат? И како воопшто ја перципираат Србија во меѓународниот правен поредок? Кој е реперот за промена, за подобро? Подобро да се брани “Косово и Метохија” во уставот? Подобро да се негира геноцидот во Сребреница, и да се избегнува соочување со минатото? Повеќе да се оддалечи Србија од ЕУ и тој вредносен систем, за кој наводно се борат?

Ако немаат одговори и здрав однос кон тешките прашања, и студентите, а криејќи се позади нив и целото општество; немаат право да се жалат и да ламентираат за нивната изолација и отсуство на помош од демократскиот запад. Тие самите, со ваков затворен, месијански и латентно историско-милитантен однос на негување на легенди, и поглед и кон себе и кон регионот, произведуваат такви политичари и такви институции.

Тие самите треба да се променат, за да бараат промени. И затоа овие студентски протести во Србија, се далеку од било какво “македонско сценарио”. Немерливи по зрелоста и јасната цел, кое нашето, далеку по-еманципирано општество во тој поглед, го има(ше) за себе. Но, со интензитет кој може да предизвика хаос и анархија, без јасна идеја за управување со европска држава. Ако, не ја допрат суштината, Александар Вучиќ уште долго ќе биде, далеку “најевропскиот” политичар, кој ја разбира политиката, на кој ќе се потпира меѓународната заедница.

Related posts

“Во Косово” или “на Косово”, каде е “избегана” вистината?

admin

Канал 5 и популарната „Само вистина“ тоа не го заслужија 

admin

Казна за Еуростандард банка

admin

Етногенезата на едно интервју

admin

Историска заедничка одлука за платите во јавниот сектор: системско и одржливо решение

admin

Што ќе ја дестабилизира државата?

admin