Пишува: Трифун Костовски
Почитувани читатели, во денешната колумна , редовно посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе се осврнам на битноста од местото и улогата на првиот човек во институцијата Народна банка, гувернерот, за стабилноста на системот.
Доаѓањето на господинот Славески како Гувернер на Народна банка, предизвика големи дискусии во јавноста. Вообичаено, поделеноста ,, за” или ,,против” дојде до израз. Колку и да се крева прашина ,,фаќаат страни” факт е дека господинот Славески е изгласан од парламентот. Во наредните 7 години ново изгласаниот гувернер ќе ја води оваа престижна институција од витално значење за нашата држава. Најдобронамерно и јавно му укажувам на гувернерот Славески, при носење на одлука за стечај на било која банка треба длабоко да размисли, да премери па да донесе таква радикална одлука, бидејќи последиците може да бидат катастрофални за клиентите, акционерите, и за целото стопанство. ,,Десет пати мери, еднаш сечи” е народна мудрост токму за носењето праведни одлуки.
Со големо внимание го следев гостувањето на господинот Славески во емисијата „САМО ИНТЕРВЈУ„ на Канал 5 телевизија.
Од домаќинот, новинарот Гоце Михајловски беше покренато прашањето околу стечајот на Еуростандард банка. Речиси пет години пишувам колумни со цврсти аргументи во кои се гледа тенденциозноста на екс- гувернерката Бежоска да се однесе Еуростандард банка во стечај, притоа прескокнувајќи ги инструменти кои ѝ стоеја на располагање за стабилизација на банката. Очигледен беше и дрскиот однос кон нас акционерите, а уште подрзок односот кон потенцијалниот инвеститор кој беше спремен за влез во банката.
Денес сите клиенти, правни и физички лица на банката, се обештетени, а средства во стечајната маса на банката има и сѐ уште ќе се собираат!
Има ли поголем доказ дека стечајот никогаш не требало да биде применет во Еуростандард банка. Нема!
За ваквиот чин институцијата која ја донела оваа одлука мора да одговара.
Новоизбраниот гувернер Славески треба да навлезе во суштината за стечајот на Еуростандард банка. Неговата лична комуникација со екс-гувернерот Бежоска не смее да биде пречка вистината да излезе на виделина.
Очигледно гувернерот Славески е добро информиран дека 6-7 години наназад, пред стечајот на Еуростандард банка, истата била под специјални контроли од Народна банка за нејзината адекватност.
Ново избраниот гувернер Славевски мора да направи длабока анализа за причините по кои Еуростандард банка беше однесена во стечај. Ги повторам по не знам кој пат.
Согласно законот за банки, Народна банка има на располагање инструменти со цел да се обезбеди функционалност на банкарскиот систем.
Тоа се:
1. Редовни мерки
2. Вонредни мерки
3. Администрација
4. Стечај
Народна банка во случајот со Еуростандард банка ги користеше само редовните мерки. Вонредните мерки беа занемарливи, бидејќи Народна банка не одзема лиценца за членство на ниту еден учесник од Надзорниот, Управниот и директорскиот тим на банката.
Народна банка го прескокна инструментот администрација, што во снова значи преземање на банката под контрола на Народна банка и во период од 1 година да се утврди дали банката има право на живот или да се носи во стечај.
Госпоѓата Бежоска го искористи само последниот инструмент за казнување на нас акционерите, а уште повеќе ги казни клиентите, правни и физички лица, вработените во банката и експозитурите. Најголема казна добија Македонски пошти.
Македонски пошти изгубија 80 илјади пензионери и приходи за услугите од платниот промет којшто на републичко ниво изнесуваше 24%. Македонски пошти изгубија 7 милиони евра годишен приход само од банкарските трансакции.
Госпоѓата Бежоска, којашто денес си заминува од функцијата со чисто досие, треба да одговара пред лицето на правдата. Причините за ваквиот мој став се следни:Цела година пред стечајот на Еуростандард банка, Народна банка, госпоѓата Бежоска го одзема правото за работа со правни и физички лица. Со одземено право за работа со правни и физички лица, банката беше ставена на одстрел. Токму во тој период госпоѓата Бежоска нѐ присили да се споиме со Комерцијална банка . Во моментот кога ја одбивме нејзината желба, изврши притисок врз моето семејство да се продаде осигурителната компанија Еуролинк и средствата од продажбата да се вложат во банката со цел истата да се докапитализира.
Ние, како семејството го направивме тоа, меѓутоа очигледно намерите на госпоѓата Бежоска биле многу подлабоки и тенденциозни.
Инсистираше по секоја цена да обезбедиме странски инвеститор. Истиот го обезбедивме. Ги задоволуваше сите критериуми за влез во банката.
Цели 3 месеци молевме за прием на потенцијалниот инвеститор, меѓутоа наместо госпоѓата Бежоска да разговара со потенцијалниот инвеститор, таа носи одлука за стечај на Еуростандард банка, на ден 12 август 2020 година.
Со должна почит, Ви се обраќам господине Славески, дека стечајот го обзнанува после завршените предвремени парламентарни избори без конституирано собрание и влада на Република Македонија. Со еден збор кога владее беззаконие.
За госпоѓата Бежоска ништо не значеа 97 дена вонредна состојба од пандемијата Ковид-19, кога ни беше одземено правото со уредба од Техничката влада на Оливер Спасовски за забрана на присилна наплата на доспеани побарувања.
Во периодот на вонредната состојба, Техничката влада предводена од Оливер Спасовки носи две уредби со сила на закон. Првата објавена на 24 февруари 2020 година во Службен весник, со која се забранува носење во стечај на правен субјект минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба. Со исто таква уредба, објавена во Службен весник на Македонија, оваа иста влада на 29 мај 2020 година ја укинува забраната за носење во стечај правни субјекти, што значи по завршувањето на вонредната состојба стечајот може да настапи веднаш.
Единствен правен субјект кој отиде во стечај веднаш после пандемијата Ковид-19, беше Еуростандард банка.
Господине Славески, ваша е обврската да го расчистите овој предмет. Вашата претходничка во интервјуто дадено за неделникот ФОКУС на 3 септември 2020 година , обзнани дека целта на притисокот кон нас акционерите е да прибере повеќе пари во банката со цел да ги обештети клиентите, правни и физички лица. Евидентно е дека госпоѓата Бежоска заталкала на ова место. Нејзините одлуки се неразбирливи за банкарскиот свет.
Да биде уште појасно, по налог на госпоѓата Бежоска ова интервју е симнато од веб страната на Народна банка.
Останувам непоколебливо одлучен во мојата борба за вистината. Мојата вистина е и колективна вистина. Му посакувам среќа на новиот гувернер, новата надеж и за мене и за Македонија.