Пишува: Марта Маркоска
Гласот, досега, чинам не беше забележуван како достоен и релевантен фактор за препознавање на карактерот на личноста, но, еве, можеби е време да подразмислите на оваа тема. Анализирајте ги гласовните фреквенции со кои луѓето се обраќаат на некој аудиториум. Земете ги за пример големите лидери од неславната историја на кој начин им се обраќале на луѓето кога зборувале за нивните идеологии и споредете ги со денешните. Не велам дека секој ќе знае што да препознае во гласот на другиот, но за секој случај, прочитајте го подолниот текст. Иако е напишан во 2022, сметам дека секогаш ќе биде актуелен.
Гласот на луѓето оддава многу сублиминални пораки за кои и самите говорители се ретко свесни и во себе содржи толку многу карактеристики на личноста. Во гласот може да се детектираат: љубомора, понизност или надменост, лажливост или искреност, лицемерие, двоумење, несигурност или самоувереност, среќа, тага, загриженост, лутина, бес, пркос, цинизам, сарказам, добронамерност или злонамерност – всушност, во гласот може да се детектира сиот спектар на човечки психички состојби и расположенија. Гласот кажува многу за карактерот на личноста, па и за душата (душевната состојба) на личноста. Не мислам овде на тоа како човек го употребува вокабуларот или колку е вешт во конструкцијата на речениците, бидејќи тоа е одлика на многу фактори – пред сѐ дали разговарате со некој од исто или различно говорно подрачје; одлика на образованието на таа личност, на писменоста, на прочитаните книги и во најголема мера на интенцијата што тој човек ја има за она што сака да ви го каже. Во крајна линија, развиените или неразвиените грлени способности се исто така талент на една личност таа да се изрази гласно, а талентот е нешто што го поседуваме од раѓање. Затоа и не може секој да биде пејач/ка …иако, се докажало дека во голема мера дури и пеењето може да се навежба и е работа на соодветен тренинг. Како и со сѐ останато, талентот е помалиот процент, другото е работа на себе. Гласот на личноста, меѓудругото, кажува многу за хормоните што преовладуваат кај една личност – тестостеронот или естрогените, затоа некои имаат имаат нежни, пискави гласчиња, некои, пак подлабоки, помашки, или во широкиот спектар на музички категории: сопран, мецосопран, алт, тенор, баритон, бас. Но! Во текстов сакам да посветам внимание на артикулацијата на гласот, на бојата на гласот, не на неговиот дијапазон. Гласот сепак има и генетска предиспозиција на чие подобрување, исто така, може да се влијае со вежбање, со дисциплина, тренинг и работа на себе.
Гласот е една од најмоќните алатки на личноста при заведување. Сигурно сте забележале дека гласот на човекот може да ве привлече или одбие. Некоја личност на прв поглед дури и да ви е физички привлечна, може да ве одбие кога ќе ви прозбори, не заради содржината на кажаното, туку заради вибратото во тонот. Нечии гласови ви се едноставно неподносливи, а не знаете ни зошто. Тоа е заради вашата интолеранција на одредени фреквенции, а некои пак ви се толку мили и би можеле со часови да ги слушате затоа што тој глас кај вас лачи хормони на среќа, задоволство, возбуда и ја буди вашата меморија за убавите работи доживеани со таа личност. Содржината на кажаното си е башка, но во овој текст внимание му посетувам само на гласот како човечки феномен да ги артикулира своите мисли. Гласот на некој човек може до таа мера да ве привлече или одбие без оглед на неговите лични умствени, интелектуални капацитети или на неговите физички карактеристики.
Гласајте за луѓе што имаат убави, меки, милозвучни гласови; што зборуваат питомо и нежно; што не врескаат и не се караат.

