Пишува: Батон Хаџиу
Последните избори во Северна Македонија не ги доби ниту една коалиција. Ниту еден лидер. Ги доби една револта. Таа револта имаше многу форми, но еден дух: да ја казни ДУИ. И за таа мисија, албанските граѓани, со или без илузии, го избраа ВЛЕН како инструмент. Не како проект. Не како идеологија. Не како филозофија на претставување. Туку како алатка.
Тоа е суштинскиот проблем на ова обединување: не се роди како нужност да артикулира иднина, туку како потреба да се спречи минатото да продолжи. Тоа го прави силно во моментот, но слабо во структурата. И тоа се гледа најјасно во тензијата внатре во самото ВЛЕН – помеѓу Изет Меџити, кој се обидува трпеливо да го изгради овој проект, и Билал Касами, кој сè уште се однесува како ВЛЕН да е засолниште за личната криза на неговата партија.
Изет Меџити е можеби најсистематичниот политичар на својата генерација. Тој е единствениот што го третираше ВЛЕН како проект за изградба на една нова албанска десница – центар-десница што не се срами од термини како конзервативизам, идентитет, меритократија. Но тој е поосамен отколку што изгледа. Зашто останатиот дел од коалицијата го гледа ова обединување како „случајно здружување“, а не како „национален проект“. Неговиот мир е јасноста на човек што знае што треба да се изгради. Но и тој веќе знае дека гласовите не се дадени за него, туку за надежта дека можеби од оваа групација ќе излезе некој кому може да му се верува.
Друг елемент што ја засилува несигурноста на оваа коалиција е присуството на Билал Касами како доминантна фигура во реториката, но бледа во мислата. Анкетите јасно покажуваат дека перцепцијата за него е нестабилна. Тој се гледа како најслаб во дискурсот, најнејасен во насоката и најзависен од околности што немаат врска со гласот. Тоа е фигура која не може да зборува за иднината, затоа што нема проект. Не може да ја претставува центар-десницата, затоа што не верува во структура, туку во спонтаност. Повеќе од политички лидер, тој се претвори во исплашен администратор кој владее со тишина.
Она што е уште поалармантно е општиот впечаток дека Касами е под влијание на една невладина организација без легитимитет за политичко претставување. Неговото политичко размислување со години го води структура наречена „Еко Герила“, предводена од Аднан Јашари – мрежа што повеќе личи на активистичка група отколку на политички мозок со државничко искуство.
Еден од најзначајните цитати од фокус групите беше: „Касами веќе нема јасен однос ни со Движењето Самоопределување, ни со ВМРО. Тоа покажува дека тој сè уште не е лидер, туку инструмент.“
Сите сигнали покажуваат дека дел од албанската јавност повторно се враќа кон довербата. Не кон формите. Не кон партиите. Туку кон оние што зборуваат јасно. А во овој аспект, никој не бил покохерентен и подиректен во односите со ВМРО и официјална Македонија од Мендух Тачи. Тој никогаш не ги имал ниту гласовите, ниту моќта на другите. Но ги имал зборовите. И денес, кога ВЛЕН молчи во однос на ставовите на Мицкоски, кога не артикулира јасна позиција за европскиот пат, ниту за прашањето на малцинствата, ниту за местото на Албанците во новата држава што се реартикулира – Мендух Тачи останува единствениот со јасни зборови.
Зашто тој не го одвојува идентитетот од претставувањето. И кога Мицкоски ги напаѓа про-ЕУ ставовите, ја релативизира вклученоста на Албанците во државата, ја руши институционалната рамнотежа – ВЛЕН не зборува. А таа тишина ќе има политичка цена.
ВЛЕН може да преживее како коалиција. Но во оваа форма, не може да владее ниту со дискурсот, ниту со умот. Она што е потребно сега е проект на албанската центар-десница, кој јасно се позиционира кон ВМРО, кој гради институционална доверба и не го гледа претставувањето како концесија. Проект што зборува за меритократија, реформи во образованието, културен идентитет со самосвест. Проект што не се плаши да зборува за Албанија и Косово како дел од албанскиот свет, но и за интеграцијата во ЕУ како заеднички пат со Македонците.
Ако нешто покажа оваа анкета, тоа е дека албанските граѓани немаат повеќе трпение за експерименти со празнини. Тие бараат јасност, идеи и веродостојно претставување. И ако ВЛЕН не се трансформира во овој правец, тогаш следните избори нема да бидат за казнување на минатото. Ќе бидат за избор на иднината.
Авторот е искусен косовски аналитичар. Оригиналниот текст е објавен на албански јазик во Albanian Post.

