34.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
СТАВ

ДУИ влегува во нова политичка фаза

ДУИ влегува во нова политичка фаза: поотворена, помодерна и поодговорна

 

Пишува: Али Ахмети

Денес се собравме во еден важен момент, не само за Демократската унија за интеграција, туку и за самото државно патување на Република Северна Македонија.

Овој Конгрес не е само внатрепартиска организациска вежба. Тој е момент на размислување и појдовна точка за следната фаза на нашата држава.

Демократската унија за интеграција не се роди како обична партија.

Ние се родивме од потребата за мир, од барањето за еднаквост и од длабокото убедување дека оваа држава може да биде стабилна само ако е праведна и ако нуди еднакви можности.

Од исклучително тешка фаза за државата, мирот го изградивме преку Охридскиот рамковен договор.

Но сакам јасно да нагласам: Охрид не беше обичен компромис, туку беше и останува визија и заедничка одговорност за градење на евроатлантската иднина на државата, со целосна еднаквост и функционална демократија.

  • Од борба за права, преминавме кон градење институции.
  • Од секојдневни политички судири, преминавме кон државотворност.

Денес, ДУИ е сила што го брани унитарниот карактер на државата, не преку наметнување, туку преку доверба, претставеност и функционална еднаквост.

Времето бара зрелост и одговорност.

Светот денес се соочува со реални ризици за глобалната безбедност: нови конфликти, енергетски кризи, економски притисоци и технолошки трансформации кои го менуваат начинот на живеење и работење.

Нашата држава се соочува со сериозни предизвици: иселување на младите, регионални нееднаквости, пад на довербата во институциите и замор на општеството од бучни и нестабилни политики.

Во ваква реалност, политичките експерименти се ризик.

Популизмот е ризик.

Политиките што ја релативизираат стабилноста се ризик.

Денес, повеќе од кога било, на државата ѝ е потребна политичка зрелост и долгорочна визија.

Зајакнување на унитарниот карактер на државата

Цврсто веруваме дека унитарната држава Северна Македонија се зајакнува само тогаш кога сите граѓани се чувствуваат реално претставени и вклучени во процесите на одлучување.

Единството не се гради со механичко мнозинство и мајоризација.

Единството се гради со двоен легитимитет, со консензус и со меѓусебна почит.

Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само ако се темели на довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки, во духот на Охридскиот рамковен договор:

Прво: избор на Влада со двојно мнозинство (извршен Бадентер)

Предлагаме секој нов владин состав да добие доверба од Собранието не само со мнозинство пратеници, туку и со мнозинство пратеници од немнозинските заедници.

Ова ќе обезбеди двоен легитимитет и вистинска претставеност на сите етнички заедници.

Овој механизам е гаранција за еднакво функционирање на државата и зачувување на меѓуетничката кохезија.

Второ: примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд

Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да се укинуваат во Уставниот суд без двојно мнозинство и меѓу судиите.

Предлагаме измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници да не се носат без меѓусебен консензус.

Ова ќе го заштити интегритетот на законите, ќе ја зголеми довербата во правдата и ќе спречи институционална мајоризација.

Трето: продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа

Предлагаме нова фаза на функционална и фискална децентрализација, со пренос на надлежности во образованието, здравството, локалниот развој и управувањето со јавниот имот.

Бараме финансиска автономија на општините преку правична распределба на даноците.

Овој модел ќе ја зајакне локалната демократија, ќе ја намали сивата економија и ќе го подобри квалитетот на животот.

Овој политички предлог има цел да го консолидира државното единство преку рамноправно меѓуетничко партнерство, фер институции и силна локална власт.

Владеење на правото и доверба во институциите

Без силни институции нема функционална држава.

Без независно судство нема еднаквост.

Нашиот став е јасен: целосен ветинг и сеопфатна истрага без исклучоци, со меѓународен надзор, проверка на имотот, истрага на приватизацијата и на безбедносните служби од 1945 година до денес.

Национален договор за напредок

Денес ни е потребен нов историски договор – не за опстанок, туку за напредок.

Националниот договор за напредок е морална обврска кон идните генерации и визија за држава со достоинство и можности.

Нашиот развојен модел се темели на конкурентна економија, дигитална трансформација, фискална дисциплина, зелена транзиција, модерна инфраструктура и силен човечки капитал.

Европска интеграција – наш неповратен пат

Членството во НАТО и Европската Унија е наш стратешки и неповратен избор.

Реформите не ги правиме за Брисел, туку за нашите граѓани.

ДУИ ќе остане гарант на европскиот курс, стабилноста и мултиетничкиот карактер на државата.

Повик за иднината

ДУИ влегува во нова политичка фаза: поотворена, помодерна и поодговорна.

Ги повикуваме младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат.

Иднината не се гради со бучава, туку со визија.

Не со поделби, туку со еднаквост.

Не со експерименти, туку со државничка одговорност.

Ова е нашиот неповратен пат.

Ова е нашата историска одговорност.

И ова е иднината што ќе ја изградиме заедно.

*Од говорот одржан на V Конгрес на ДУИ, 20 декември 2025 година

Related posts

За резолуциите на ДУИ и “лидерството” – кој ќе “не’ внесе” во ЕУ?

admin

Пет причини за граѓаните да инвестираат во граѓанската обврзница – петка за граѓаните

admin

Стратешкото лидерство клучно за раст и развој

admin

Властољубие

admin

СДСМ на раскрсница: поделба или нов почеток?

admin

Кому му пречи Ленче Ристоска

admin