Пишува: Проф. Д-р Драган Даниловски
Секоја зима, респираторните вируси, особено грипот, SARS-CoV-2 и RSV, вршат огромен притисок врз здравствените системи низ Европа. Во една типична сезона, грипот предизвикува до 50 милиони симптоматски случаи и од 15.000 до 70.000 смртни случаи годишно.
Засегнати се сите возрасни групи, иако децата имаат највисоки стапки на инфекција и честопати се првите што ја фаќаат болеста и ја шират во своите семејства. Се проценува дека до 20% од населението заболува од грип секоја година.
Симптомите се добро познати: висока температура, кашлица, болки во мускулите и коските, замор, главоболка, воспалено грло, поретко дијареја и/или болки во стомакот, мачнина и повраќање (пред сѐ, кај деца).
Кај деца и постари лица може да се јават и компликации — пневмонија, отежнато дишење, влошување на хронични состојби. Секој алармантен симптом треба да биде причина за јавување кај лекар.
Вирусите на грипот припаѓаат воглавно на два типа: грип А (најваријабилниот, одговорен за повеќето сезонски епидемии и сите познати пандемии на грип) и грип В (кој циркулира речиси исклучиво меѓу луѓето).
Постојат многу различни поттипови на грип А, во зависност од тоа како се комбинираат нивните протеини: хемаглутинин – H и неураминидаза – N. Поттиповите што моментално циркулираат кај луѓето се H1N1 (вклучувајќи ја пандемиската варијанта од 2009 година, која сега е сезонска) и H3N2. Овие поттипови можат да варираат во секоја сезона поради мали мутации или т.н. антигенски „дрифт-ови“.
Грипот Б има две лози: B/Victoria и B/Yamagata.
Варијабилноста на вирусот на грипот е причината зошто вакцините се подготвуваат секоја година со мешавина од три (или четири) вируси што циркулирале претходната година.
Оваа сезона на грипот на северната хемисфера започна неколку недели порано отколку во претходните години. Јапонија, на пример, бележи невообичаено голем број случаи уште од октомври.
Во Европската Унија грипот се појави, исто така, невообичаено рано. Во Шпанија, на пример, епидемискиот праг веќе е надминат неколку недели порано од очекувањата.
Во Македонија бројот на заболувања слични на грип сѐ уште е во рамките на вонсезонска активност. Иако се регистрирани првите случаи на грип (поттип A/H1N1), активноста сè уште е на спорадично ниво.
Друга нова специфика оваа сезона е појавата на поттипот A/H3N2, поточно, варијантата A/H3N2 (subclade К), (во понатамошниот текст „потклада K“).
Иако поттипот A/H1N1 доминираше оваа година на јужната хемисфера, „поткладата K“ се појави дури пред крајот на тамошната сезона.
Потоа, ваквaта мутирана варијанта („поткладата K“) стана сѐ повеќе доминантна и на северната хемисфера: во Обединетото Кралство и Јапонија речиси 90% од примероците од грип сега се „потклада K“. Се чини дека САД и Канада следат сличен тренд.
„Поткладата K“ сега е детектирана на сите континенти. Таа сочинува една третина од сите вируси A/H3N2 анализирани помеѓу мај и ноември 2025 година во светот, а речиси половина во ЕУ.
Во Македонија, засега, не е регистриран поттипот A/H3N2, вклучително и „поткладата K“.
Појавата на „поткладата К“ во поттипот A/H3N2 не изненадува, бидејќи секоја сезона вирусот еволуира (преку мутации) за да му „избега“ на нашиот имунолошки систем, повеќе или помалку успешно.
Мутациите во оваа нова „потклада“, по сѐ изгледа, не влијаат на ефикасноста на антивирусните лекови, ниту пак се поврзани со зголемена вирулентност или сериозност на болеста.
Меѓутоа, поттипот A/H3N2 не беше доминантен вирус во последните сезони – тоа беше А/Н1N1. Ова неизбежно довело до помал имунитет кај населението поради подолго отсуство на изложеноста кон поттипот A/H3N2.
А како последица на тоа, за очекување е бројот на случаи да се зголеми.
Покрај тоа, познато е дека сезоните во кои доминирал поттипот A/H3N2 секогаш имале тенденција да бидат потешки, со помала ефикасност на вакцините и појава на потешки симптоми кај ризичните лица, во споредба со сезоните во кои доминирал поттипот A/H1N1.
Што со вакцините?
За создавање на вакцини против грип, се користат податоци од претходната година за да се предвиди кои соеви на вирусот најверојатно ќе бидат најраспространети во текот на следната година. Вакцината за оваа сезона е дизајнирана да заштити од две варијанти на A/H1N1, инфлуенца В и варијанта на A/H3N2 што ѝ претходи на новата „потклада K“.
Според некои анализи, „поткладата К“ покажува дивергенција (се разликува) од варијантата на H3N2 употребена во вакцината.
Сепак, податоците за ефикасноста на вакцината спрема „поткладата К“ во реалниот свет, во моментов, се ограничени. Доколку се покаже дека ефикасноста на вакцината е намалена, може да се очекува појава на повеќе случаи на грип.
Мониторингот во тек на оваа сезона е клучен за да се утврди колкава заштита обезбедуваат вакцините.
Сепак, дури и покрај доминацијата на помалку вакцино-компатибилната варијанта, „поткладата K“, се очекува имунизацијата, сепак, да обезбеди заштита од тешки заболувања и хоспитализација. Затоа, таа останува суштинска јавноздравствена алатка.
Во моментов, ризикот за општата популација се чини дека е умерен, но поголем е за луѓето кои се под висок ризик да развијат потешки симптоми (пред сѐ, децата под 5 години, оние над 65 години, со хронични болести, бремените жени или оние кои се имунокомпромитирани).
Затоа, иако „поткладата K“ изгледа не е повирулентна, фактот дека сезоната на грип на северната хемисфера е почната неколку недели порано и дека најраспространетата варијанта е „поткладата K“, сугерира дека ова ќе биде потешка сезона, со поголем број хоспитализации и поголем притисок врз здравствените служби.
Не е јасно дали и колку „поткладата K“ ќе доминира кај нас — и дали ќе предизвика значително полоша сезона од просечната. Малку е веројатно да нѐ одмине.
Поради сите овие причини, вакцината се препорачува за сите кои ги исполнуваат условите.
Понатаму, сезоната на грип оваа година почна порано, а потребни се 2-3 недели по примањето на вакцината, одбраната против вирусот да стане целосно активна. Што значи, препорачливо е вакцината да се прими што побрзо.
Конечно, важно е да се нагласи и важноста на миењето раце, носењето маска ако се сомневаме дека сме заразени и – многу важно, ако сме болни – останувањето дома во изолација додека не стивнат симптомите! За да се спречи ширењето на инфекцијата наоколу – особено врз оние кои се најранливи.
Тука не зборуваме за рестрикции, туку за култура на здраво однесување.

