Заменик-премиерот за добро владеење и доскорешен претставник на Алијанса за Албанците (АзА), Арбен Фетаху, реагираше на извештаите на телевизијата Алсат за наводни несогласувања меѓу него и коалицијата ВРЕДИ, оценувајќи ги како инсинуации и повикувајќи ја медиумската куќа да претстави конкретни факти.
„Во врска со извештајот на Алсат за наводни несогласувања меѓу мене и ВРЕДИ, јавно ги повикувам медиумот и неговите извори да излезат со конкретни факти и да ги разјаснат овие инсинуации. Нека излезе вистината и нека ѝ се објасни на јавноста какви ‘несогласувања’ постојат“, рече Фетаху.
Тој додаде дека неговиот евентуален несогласувачки став се однесува на моделот на двојно раководство на коалицијата ВРЕДИ, што според него претставува суштинска разлика во политичкиот пристап.
„Овој став не е само мој како Арбен, туку колективна и единствена одлука на Алијанса за Албанците (АзА), вклучувајќи ги и пратеничката Муса и министерот Алиу, кои јавно го оцениле моделот како неприфатлив“, рече Фетаху.
Фетаху истакна дека својата политичка кариера ја водел според принципи и лични убедувања, а не според моментални интереси или краткорочни пресметки. Тој се осврна на својот десетгодишен ангажман во АзА, вклучувајќи го и учеството во владата на СДСМ.
„ВРЕДИ ми должи лично, но најмногу должи на секој активист и гласач на Алијанса за Албанците. Без нашата посветеност, денес ВРЕДИ нема да постоеше. Без нас, ДУИ ќе се врати на власт без никаква дилема“, нагласи Фетаху.
Инаку, според извештај на Алсат, Арбен Фетаху и Фатмир Лимани ќе продолжат да бидат дел од извршоата власт, и покрај тоа што во партиските структури на ВРЕДИ го изгубиле политичкиот потенцијал. Според медиумот, функциите ги извршуваат со согласност на премиерот Христијан Мицкоски, но без координација со коалицијата.
„Во моментот сме во процес на создавање на ВРЕДИ и не се дискутира за реконструкција на владата или разрешувања. Кога ќе се отвори таа тема, ќе ја разгледаме во рамките на ВРЕДИ и со коалициските партнери“, изјавија од ВРЕДИ.
Минатиот месец, премиерот Мицкоски се спротивстави на барањето на Билал Касами за разрешување на министерот Лимани, истакнувајќи дека тој е мандатар и дека ја формира владата. И покрај дебатите и критиките, Лимани остана на функцијата. Последниот јавен настап на Лимани во Тирана, на ифтар со Еди Рама и истовремено со средба на претставници на ВРЕДИ со Мицкоски, предизвика внимание на социјалните мрежи.

