Косовскиот премиер Албин Курти пријавил дека има 16,41 евра на својата банкарска сметка, додека неговите заштеди се намалени, а киријата за станот му е зголемена, според неговата годишна имотна изјава објавена од Агенцијата за спречување на корупцијата.
Во извештајот се наведува дека Курти нема значителни промени во недвижниот и движниот имот. Како недвижност е наведена станбена единица во сопственост на неговата сопруга, проценета на 530.000 евра.
Премиерот пријавил 16,41 евра готовина на свое име, додека неговата сопруга има 19.500 евра, со потекло од плата и наследство. Дополнително, пријавени се 2.000 евра заштеди и 50 евра на име на нивната ќерка, добиени од семејството.
Во споредба со минатата година, кога Курти пријавил 1.800 евра заштеди, сегашните податоци укажуваат на значително намалување.
Како обврски, во изјавата е наведена хипотекарна кредитна обврска на сопругата во износ од 160.000 евра. Воедно, месечната кирија за станот што го користат е зголемена од 250 на 350 евра.
Во делот за годишни приходи, Курти пријавил 21.315 евра од плата како премиер, додека неговата сопруга пријавила приходи од 51.000 евра.

