Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, реагираше на денешното оддавање почит во касарната „Илинден“, оценувајќи дека текстот на спомен-плочата содржи, како што наведуваат, непримерен и навредлив јазик од причина што се користи терминот “албански терористи”.
Реакцијата следи откако министерот за одбрана Влатко Мисајловски положи цвеќе и оддаде почит на четворица припадници на македонската армија загинати во 2001 година.
Од партијата тврдат дека формулацијата на плочата, во која се користи етничка одредница, претставува „говор на омраза“ и е несоодветна за институционален контекст.
„Кога државен функционер оддава почит пред натпис што содржи ваков јазик, тоа може да се толкува како навреда кон дел од граѓаните“, се наведува во реакцијата.
Алијансата побара од владините партнери да иницираат промена или отстранување на текстот од спомен-плочата, како и јавно објаснување од страна на министерот.
Во реакцијата се посочува и дека прашањата поврзани со конфликтот од 2001 година остануваат чувствителни и бараат внимателен пристап, особено во мултиетнички контекст.
„Сеќавањето на жртвите е легитимно, но не треба да биде придружено со јазик што може да се смета за навредлив за други граѓани“, се додава во соопштението.

