Движењето ЗНАМ соопшти дека одлуката на пратеникот Миле Цеков да ја напушти пратеничката група и да делува како независен пратеник не претставува изненадување, оценувајќи дека тој подолг период се оддалечувал од партиските принципи.
„Подолг период беше јасно дека пратеникот политички и вредносно се оддалечува од принципите, програмските определби и државотворната визија на Движењето ЗНАМ“, се наведува во соопштението.
Од партијата истакнуваат дека нивното делување се темели на „чесност, одговорност и заштита на македонските национални интереси“, додавајќи дека овие вредности не се предмет на политички компромиси.
ЗНАМ го критикува Цеков дека неговите актуелни позиции се во спротивност со претходните ставови, оценувајќи ги неговите обиди да се претстави како принципиелен како „несериозни и неубедливи“.
Во соопштението се посочува и дека неговите ставови за внесување на Бугарите во Уставот се една од причините поради кои повеќе не се вклопува во политиките на партијата.
„Причините за оваа одлука се лично негови. Дали станува збор за политички калкулации, клиентелизам или нешто друго, ќе покаже времето“, велат од ЗНАМ.
Партијата додава дека ќе продолжи со својата политичка мисија, додека на Цеков му посакува успех во понатамошното делување како независен пратеник.
Заминувањето на Цеков дополнително ја намалува бројноста на пратеничката група на ЗНАМ во Собранието.

