Северна Македонија ќе воведе дигитализирани патеки за лекување, системи за приоритетно упатување и тријажа, мултидисциплинарни медицински тимови и пилот-проект за теледерматологија како дел од Националната стратегија за дигитално здравје 2026-2030, изјави министерот за здравство Азир Алиу на состанокот на високо ниво на Иницијативата за мали земји за Европа на Светската здравствена организација во Рига.
Говорејќи пред министрите и здравствените експерти од европските земји, Алиу оцени дека дигиталната трансформација на здравството не треба да се сфаќа како технолошка модернизација сама по себе, туку како средство за подобрување на квалитетот на здравствените услуги.
„За нас, дигиталното здравство не е цел сама по себе. Тоа е инструмент за подобра грижа. Кога податоците го следат пациентот, лекарот има поцелосна слика, пациентот добива побрза и побезбедна услуга, додека системот станува поорганизиран и поодговорен“, рече Алиу.
Состанокот во главниот град на Латвија е посветен на предизвиците со кои се соочуваат малите европски држави, вклучувајќи го недостигот на здравствен кадар, стареењето на населението, миграцијата на медицинскиот персонал и растечките потреби на пациентите.
Алиу ја претстави Националната стратегија за дигитално здравје како еден од клучните реформски процеси во македонскиот здравствен систем. Според него, дигитализацијата треба да помогне во подобро поврзување на примарното, секундарното и терцијарното ниво на здравствена заштита, како и во намалување на административниот товар за здравствените работници.
Меѓу следните чекори што ги најави Министерството за здравство се воведување дигитални клинички патеки за пациентите, подобрување на системот за упатување и тријажа, како и развој на мултидисциплинарни тимови кои ќе овозможат подобра координација меѓу различните нивоа на здравствената заштита.
Посебен акцент беше ставен на пилот-проектот за теледерматологија, преку кој пациентите од руралните и оддалечените средини ќе можат побрзо да добијат пристап до специјалистички консултации без потреба од патување до поголемите здравствени центри.
„Малите земји не секогаш располагаат со најголеми ресурси, но можат да бидат најбрзи во адаптацијата, координацијата и спроведувањето на реформите“, изјави Алиу.
На состанокот во Рига, претставниците на земјите-членки на иницијативата разменија искуства за справување со недостигот на здравствен кадар и за користење на дигиталните технологии за зголемување на ефикасноста и достапноста на здравствените услуги.
Националната стратегија за дигитално здравје 2026-2030 претставува еден од клучните столбови на реформите што Министерството за здравство ги најавува во следниот период, со цел модернизација на системот и подобрување на пристапот на граѓаните до здравствена заштита.

