29.4 C
Скопје
15 јули, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАСТАВ

Во Брисел супер вторник без Северна Македонија

Северна Македонија не беше дел од супер вторникот во Брисел иако само пред неколку години важеше за најсигурна земја кандидат за членство во ЕУ.

Пишува: Соња Крамарска

Во европската политичка престолнина Брисел, имаше т.н. супер вторник за проширувањето. Во ист ден во вторникот (14.07.) се одржаа четири меѓувладини конференции на ЕУ со четири различни држави,  Црна Гора,  Албанија,  Украина и  Молдавија. На конференциите се случуваше церемонијално отворање и затворање на преговарачки кластери во зависност од тоа која од земјите до каде е во процесот на пристапување. Нарекувајќи ги „нашите четири ‘фронтранери’“, еврокомесарката за проширување Марта Кос рече дека тие држави направија огромен чекор напред.

До каде се четирите земји кои според Марта Кос предничат во трката за членство во  Европската Унија?  Украина и Молдавија  го отворија кластерот 6 од преговорите за членство кој се однесува на надворешната политика, одбраната и безбедноста за кој еврокомесарката во објавата на мрежата Х рече дека им се најсилен адут во оваа фаза од преговорите. Црна Гора ги отвори сите и затвори 18 од 33 поглавја а зад неа е Албанија со три затворени и 28 од 33 отворени поглавја. Состанокот во Брисел значи дека Албанија ги затвора преговарачките поглавја за науката и истражувањето, образованието и културата и за надворешните односи. Црна Гора – која се надева дека ќе стане членка во 2028 година – го направи истото со политиката на конкуренција и царинските правила.

„Како маратонец кој после бројни предизвици влегува во самата завршница на трката, Црна Гора полека но сигурно се приближува кон долгогодишната цел“, напиша неодамна Би-Би-Си на српски јазик.

Геостратешки промени во ЕУ

Според првите одгласи по супер вторникот, потегот на ЕУ е знак за важни политички и геостратешки промени во Европа. Особено затоа што во 2019 година францускиот претседател Макрон рече дека ќе го блокира секој обид за проширување додека се направат длабоки реформи во ЕУ. Но нападот на Русија врз Украина ги смени приоритетите. Брисел реши да ја смени играта кон Западен Балкан и кон соседите на Русија кои Путин ги сака во своја прегратка. „Идната безбедносна архитектура на нашиот континент е незамислива без Украина“, рече Кос. „Украинците ја претворија својата земја во воена сила со капацитети што малку други држави можат да ги достигнат, особено со нејзините брзо развивачки технологии за беспилотни летала“, вели таа.

Оттука, како што рече еврокомесарката за проширување, Европската комисија сака преостанатите четири преговарачки „кластери“ да се отворат „што е можно поскоро“ за Украина и за Молдавија, додавајќи дека тие се технички подготвени.

И Томас Бирн, ирскиот министер за Европа кој претседаваше со преговорите по започнувањето на мандатот на Ирска како земја претседавач со Советот на ЕУ, рече дека „ова е момент да им се покаже на луѓето дека процесот на проширување е реален“.

Како што забележаа повеќето странски медиуми осврнувајќи се на  супер вторникот во Брисел,перспективата за членство во ЕУ е моќен двигател за продемократски реформи, а приклучувањето ќе ја зголеми трговијата и ќе создаде работни места и севкупен економски прогрес.

Кос: „Ова не сме го виделе досега“

Несомнено е дека промената на владата во Унгарија доведе до овој нов импулс во политиката на проширување на ЕУ. Претходната влада на Виктор Орбан се противеше на идејата Украина и Молдавија да се качат на европскиот воз. Тој притоа ја користеше можноста за вето која им ја дава членството на земјите кои се веќе дел од Европската Унија во која Унгарија е членка од 2004 година. Таа година всушност се случи и најголемиот бран проширување на ЕУ со десет нови земји при што освен Унгарија, влегоа Кипар, Чешка, Словачка, Естонија, Латвија, Литванија, Малта, Полска и Словенија.

Денес девет земји се официјално кандидати за членство во ЕУ: Албанија, Босна, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Грузија, Молдавија, Украина и Турција. Разговорите за пристапување за Грузија и Турција се во прекин поради разни загрижености кои ЕУ ги искажува во различни фази од патот на овие две држави кон членство. Косово, исто така, аплицираше за членство, но не доби статус на кандидат.

Затоа и раководството на ЕУ искажа задоволство од настаните во вторникот. „Ова не сме го виделе повеќе од две децении. Последниот пат беше во 2002 година. Ова е супер вторник за проширувањето на ЕУ“, изјави за новинарите  комесарката за проширување Марта Кос.

За жал, Северна Македонија не беше дел од супер вторникот иако само пред неколку години важеше за најсигурна земја кандидат за членство во ЕУ. Дома, и ние Северна Македонија си ја викаме „фронтранер“ кој се наоѓа пред сите други кандидати во трката кон ЕУ, но во седиштето на Унијата не сме означени како такви. Всушност, во вторникот не бевме ни спомнати.  Тоа е големо назадување на земјатаи  пропуштање на моментумот кој настана по промената на стратегијата на ЕУ за проширување предизвикана од нападот на Русија врз Украина. (DW)

Related posts

Another BRICS in the World

admin

Данокот за донациите побрз од правдата за Кочани

admin

Кревката Маја Санду посилна од балканските „горостаси“

admin

Тинк-тенковите: Фабрики за идеи што Балканот сѐ уште не ги слуша

admin

Кошмарот од пактот Трамп-Путин не е завршен

admin

ИМА ЛИ МЕСТО ЗА СТРАВ ОД ПТИЧЈИОТ ГРИП?

admin