Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го обвини својот претходник Бујар Османи дека ги извртува фактите за преговарачката рамка со Европската Унија и дека нема политички кредибилитет да ја оценува позицијата на актуелната Влада.
Реакцијата следуваше откако Османи повторно објави видео во кое на табла ја објаснува структурата на преговарачката рамка и тврди дека Протоколот со Бугарија не е нејзин составен дел.
„Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам и повторувам. Еден чекор е поминат – Протоколот не е дел од рамката“, напиша Османи на Фејсбук.
Муцунски му возврати дека поранешниот министер добро знае што преговарал, што прифатил и во каква позиција ја оставил државата.
Според него, Османи е „последниот човек“ кој треба да држи лекции за тоа што било договорено во пристапниот процес.
Муцунски во реакцијата се осврна и на изборниот резултат на Османи во Чаир, оценувајќи дека политичар кој не ја добил довербата на своите сограѓани не треба да зборува за политички легитимитет.
„По таков пораз, многумина би покажале политичка одговорност и би се повлекле, наместо да продолжат да делат лекции“, напиша Муцунски.
Тој додаде дека позицијата на Владата останува непроменета од почетокот на мандатот и дека, спротивно на обвинувањата од опозицијата, власта не се откажала од своите позиции.
„Со дела покажавме доследност, принципиелност и јасна заштита на македонските национални интереси“, наведе Муцунски.
Јавната полемика повторно го отвори прашањето за правниот и политичкиот статус на билатералните протоколи со Бугарија во поширокиот пакет документи поврзани со пристапните преговори.
Османи тврди дека изјавите на актуелната власт го потврдуваат неговиот повеќегодишен став дека Протоколот формално не е дел од преговарачката рамка. Муцунски, пак, оценува дека поранешниот министер селективно ги толкува фактите и ја избегнува одговорноста за преземените обврски.
Европскиот пат на Северна Македонија останува блокиран поради, меѓу другото, и за неисполнетиот услов за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот.

