Пишува: Ристе Костовски
Во време на глобализација на економските текови и зголемување на конкуренцијата, неопходно е компаниите да имаат воспоставени внатрешни механизми за креирање одржлива конкурентска предност. Еден од начините за генерирање поголема конкурентност е создавањето сопствен бренд. Брендот, во основа, може да биде име, знак или симбол според кој производот на една компанија се разликува од останатите. Додека, пак, за самиот процес на брендирање неопходен е стратегиски пристап и ефикасно планирање.
Што се однесува до нашата економија, во нашата земја има релативно мал број генерички брендови. Како причини за малиот број брендови би можеле да се наведат недостатокот на финансиски ресурси, како и недостатокот на знаење од оваа област. За надминување на ваквата состојба, неопходно е Развојната банка да обезбеди финансиски средства со прифатлива каматна стапка, кои би се канализирале преку деловните банки во вид кредитни производи. Исто така, од страна на Агенцијата за поддршка на претприемништвото или некоја друга институција, потребно е дефинирање и имплементирање програма за обука на менаџерите за креирање бренд-стратегии, со јасно дефинирани индикатори за следење на нејзините перформанси.
Понатаму, со цел моделот на брендирање да се дистрибуира до што е можно поголем број сектори (индустрии), потребни се координативни механизми во вид здруженија од соодветни сектори, по примерот на Здружението на месната и млечната индустрија, кое преку проекти ќе ја имплементира претходно споменатата програма и ќе ја следи ефикасноста на претходно споменатата кредитна поддршка во соодветната индустрија. Ова е особено важно за аграрниот сектор, каде што извозниот потенцијал е релативно мал, а и самата конјунктура на секторот е променлива.
За системот да биде ефективен на долгорочна основа, како и да може да ги апсорбира промените во интерното и екстерното опкружување, креаторите на политиките треба да ги зајакнат механизмите за имплементирање добар модел за управување со промени во рамките на компаниите. Исто така, со цел да се антиципира стратегискиот ризик во работењето на компаниите во подрачјето на креирање и имплементирање стратегии за брендирање, потребно е да се изгради ефикасен и ефективен модел на управување со ризици во компаниите.
Но, за овој процес да ги даде посакуваните ефекти, потребно е и самите компании да ги зголемат своите организациски капацитети за брендирање, преку креирање соодветна организациска култура и лидерство. На овој начин ќе се зголеми извозниот потенцијал на целата економија, со што ќе се зголеми и потенцијалот за раст на бруто-домашниот производ и благосостојбата на населението.

