Пишува: Ристе Костовски
Изминативе денови беше објавен податок дека има околу 4.900 првачиња помалку во однос на минатата година. Доколку паралелно со овој индикатор се земат предвид и останатите показатели, како што се процентуалната годишна промена, нето-миграциското салдо и стапката на фертилитет, генералниот заклучок е дека со децении наназад имаме неповолни демографски движења. Причините за овие трендови се хетерогени: економската состојба, недовербата во институциите, нискиот квалитет на јавните услуги и слично.
Оттука, неопходни се квалитетни демографски политики за ублажување на овие состојби, бидејќи неповолните демографски движења денес генерираат структурни проблеми во економијата на долг рок. Имено, намалениот број првачиња оваа година во иднина ќе генерира помал број запишани студенти и ќе има импликации врз пазарот на труд. Воедно, диспропорциите во популационите движења во различни региони генерираат диспропорции во регионалниот развој.
Понатаму, падот на населението, како фактор на производство, негативно влијае врз потенцијалниот БДП и производните сили на економијата воопшто. Падот или стареењето на населението ја менува и структурата на потрошувачката, приватна и јавна, што во иднина создава притисок и врз фискалната политика.
Демографските текови се важни и за урбаниот развој и квалитетот на животот. Имено, преголемата централизација и пренаселеноста на одредено подрачје или подрачја создаваат притисок врз инфраструктурата и придонесуваат за понизок квалитет на живот.
Правилната популациона политика е важна за сите димензии на општествениот развој и за соодветно развојно планирање.
За надминување на демографските проблеми неопходна е стратегија, но не само на хартија, туку и инклузивен пристап и континуитет во нејзиното спроведување. Потребно е да се подобрува целокупниот амбиент за живеење и да се врати довербата во институциите.
Воедно, потребни се децентрализација, рамномерен регионален развој и локализиран пристап. Почнувајќи од локално, па сè до централно ниво, треба да се подобри квалитетот на јавните услуги и да се развива локалната економија.

