19.8 C
Скопје
11 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈА

КИППЕР тврдеше дека „Ланд“ е безбеден, сега Косово повлекува серија произведена од „Вита“

Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово нареди итно повлекување од пазарот на УХТ млекото „Ланд“ 3,2%, произведено од компанијата „Абразен“ ДОО, односно млекарницата „Вита“, откако добила официјална информација од надлежните институции во Северна Македонија дека во производот е утврдено присуство на афлатоксин М1 над дозволеното ниво.

Косовската агенција соопшти дека започнала официјална контрола и проверка на следливоста на производот, а дополнителните мерки кон производствениот погон РКС-014 ќе бидат утврдени во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој и Министерството за здравство на Косово.

Според косовските власти, храната се смета за небезбедна доколку содржи микотоксини над законски дозволените граници.

Случајот отвора ново прашање и за млекото „Ланд“ што се продава во маркетите Кипер во Северна Македонија.

Кипер на 14 август соопшти дека млекото „Ланд“ се набавува од повеќе партнерски млекарници – „Алпи-Сентис“ и „Суташ-Евро Млекара“ од Северна Македонија, како и „Вита-Абразен Рудине“ од Косово.

Тогаш компанијата тврдеше дека производот не содржи штетни или забранети состојки и дека е во согласност со соодветните стандарди за квалитет и безбедност.

Но, анализите на кои се повика Кипер во тоа соопштение се однесуваа на присуство на растителни масти и палмино масло. Компанијата наведе дека кај примероците од „Алпи“ и „Суташ“ не било откриено палмино масло, додека кај примерокот од „Вита“ не биле утврдени додадени растителни масти.

Новото предупредување на косовската Агенција за храна и ветеринарство, сепак, се однесува на афлатоксин М1, а не на палмино масло или други растителни масти.

Тоа значи дека претходното соопштение на Кипер само по себе не го побива најновиот наод за афлатоксин.

Афлатоксинот М1 е токсин што може да се појави во млекото кога животните консумираат добиточна храна контаминирана со афлатоксин Б1. Поради можниот ризик по здравјето, неговото присуство во млекото е строго регулирано.

Засега не е познато кој конкретен производствен лот на „Ланд“ 3,2% е опфатен со повлекувањето, ниту дали истиот лот бил пуштен во продажба и во Северна Македонија.

Клучно е и дали млекото „Ланд“ што во моментов се продава во Кипер потекнува од млекарницата „Вита“ или од другите два производители со кои соработува трговскиот синџир.

За целосно расчистување на случајот, надлежните институции во Северна Македонија треба да објават кога е земен спорниот примерок, кој е бројот на лотот, рокот на употреба, утврдената концентрација на афлатоксин М1 и на кои пазари бил дистрибуиран производот.

 

Related posts

Македонија под царински удар на САД: Анализа на потенцијалните економски последици

admin

Каде е Европа во новиот светски поредок?

admin

Северна Македонија е коспонзор на резолуцијата на САД за Украина

admin

Савески вети дека нема да држи предмети во фиока

admin

Таравари се зближува со Ахмети: Дали му го свртува грбот на Мицкоски?

admin

Албанија ја укинува платформата ТикТок два месеци пред парламентарните избори

admin