Парламентарните избори во Србија на 25 октомври ќе бидат судир меѓу политичкото искуство на Вучиќ и граѓанскиот бунт на студентите.
Пишува Петар Арсовски
Парламентарните избори во Србија речиси сигурно ќе се одржат на 25 октомври – нешто што се вклопува во претходните проценки дека за помалку од година и пол, Додик, Орбан и Вучиќ можат да завршат на политичко буниште. Александар Вучиќ овојпат отиде подалеку од својата вообичаена навика да ги најавува изборите во недоглед: парламентот е распуштен, указот е потпишан, а кампањата е формално започната. За откажување или одложување сега би биле потребни вонредна безбедносна или уставна криза – потег кој, како доказ за страв, би претставувал политичко самоубиство за власта. Се поставуваат три прашања: зошто баш сега, кои се можните исходи, и какви би биле последиците во Србија и во регионот по објавувањето на резултатите.
Зошто баш сега: пресметаниот ризик на Вучиќ
Прво прашање е зошто Вучиќ одлучи да оди на избори токму сега. Неговото образложение е дека политичките тензии ја загрозуваат демократијата – дијагноза која звучи како некој крадец, кој влегол во вашиот дом и потоа ви се јавува на телефон за да ви каже колку е загрижен дека алармот не ви е баш најдобар. Протестите траат речиси две години: една градежна трагедија прерасна во борба против систем изграден врз политичка неказнивост. Во тој амбиент Вучиќ безброј пати ги одбиваше студентските барања, за одеднаш да одлучи да оди на избори. Некои го толкуваат тоа како знак дека сега е сигурен во победата. Постојат различни анкети и различни толкувања на бројките, но мотивот е поинаков – посуптилен, иако не и помалку значаен: тој проценил дека ризикот од натамошно чекање станал поголем од ризикот на гласањето. Тоа само по себе може да биде охрабрувачки сигнал и за опозицијата, и за студентите.
Во овој момент истовремено отчукуваат неколку политички часовници. Прво, Вучиќ нема право на трет претседателски мандат, па СНС го номинираше за премиер. Второ, предвремените избори му овозможуваат центарот на политичката моќ да го префрли назад во Владата, пред новиот претседателски наследник да стане потенцијален извор на слабост и внатрепартиски конфликт. Трето, краткотрајната кампања, државната организациска машинерија и можноста да побара нов легитимитет пред следниот економски потрес, европски притисок или корупциски скандал – сето тоа ја прави есента погоден момент за гласање. И покрај сето тоа, изборите се ризик – иако внимателно пресметан и удобно тапациран.
Вучиќ останува потенцијален фаворит за освојување на најголем број гласови, зашто СНС располага со она што студентите допрва треба да го изградат: силна партиска инфраструктура, лојални градоначалници, заробени медиуми, јавни ресурси и детално познавање на теренот. Оваа инфраструктура и дава предност на владејачката коалиција, особено затоа што претходните избори покажаа дека кампањата и пребројувањето се делови од иста политичка операција – одвиена во амбиент на медиумска пристрасност, притисок врз јавниот сектор, злоупотреба на државните ресурси и сериозни неправилности, вклучително заплашување и насилство. Вучиќ, според тоа, ја започнува трката со високо и стабилно партиско јадро, но и со голема сива зона, која може дополнително да ја растегне и искористи.
Студентите: нова политичка сила или движење без институционален кичмен столб?
Сепак, политичката позиција на Вучиќ е послаба отколку што покажуваат претходните изборни резултати. Студентите постигнаа нешто што традиционалната опозиција со години не успеваше: ја сменија темата на разговорот, го изместија наративот. Политичката дебата повеќе не се врти исклучиво околу омиленото тројство на Вучиќ – стабилноста, националното достоинство и самиот Вучиќ. Студентите зборуваат за одговорност, функционални институции и достоен систем. Нивната најголема предност е општествениот кредибилитет: тие се ладен туш за етаблираните политички елити, но и повик за национално будење – ги мобилизираат младите апстиненти, урбаните професионалци и граѓаните против власта кои на опозициските партии гледаат како на изложба на стари кавги. Дополнително, децентрализираната структура ги направи отпорни на корупција и на политичко обезглавување. Затоа, дел од поновите истражувања дури им даваат на студентите по некој процентен поен предност – иако кон такви бројки треба да се пристапи со претпазливост. Истражувањата во Србија даваат значително различни резултати во зависност од тоа дали на испитаниците им се нудат имиња на познати партии, хипотетичка студентска листа или едноставен избор меѓу власта и промената, па исходот се предвидува со многу мала доза сигурност.
Во вакви ситуации, претворањето на аморфната протестна енергија во гласови бара сосема поинаква организација од досегашната. На студентите им се потребни уверливи кандидати, финансии, присуство во руралните средини, дисциплинирана комуникација и обучени набљудувачи на илјадници избирачки места. Дополнително, сега ќе мора да објаснат како моралниот авторитет би го претвориле во функционална влада – без предвреме да се распаднат во расправии за Косово, Русија, Европската унија и економската политика. Движење кое денес е обединето од споделен и оправдан гнев лесно може да спласне кога ќе открие дека подготвувањето на буџет не е толку привлечно како блокадата и концертот на булевар или факултет.
Пред традиционалната опозиција, пак, стои уште понеблагодарна задача: да им помогне на студентите, без да ги задуши во прегратката. Повеќе одвоени листи можат да ѝ овозможат на СНС евентуалната предност да ја претвори во парламентарно мнозинство. Целосното повлекување на партиите, пак, би значело откажување од искусни организатори, контролори и локални мрежи. Најразумната формула можеби би биле: една доминантна листа со поддршка на студентите, дискретна логистичка помош од партиите и ограничена преодна програма – слободни медиуми, прочистен избирачки список, независно обвинителство и однапред најавени нови избори, организирани по фер правила и на слободен терен.
Сценарија по изборите: победа, пораз или оспорен резултат
Можеби најинтересното прашање е каква би биле Србија – и регионот – после изборите. Убедлива победа на Вучиќ сигурно би ја зацврстила српската автократија. Тој ќе тврди дека народот повторно го потврдил неговиот курс и ќе продолжи со досегашната геополитичка комбинација: европски пари, кинески инвестиции, проруски сентимент и стратешка двосмисленост во врска со Косово. Владите во соседството би го прочитале резултатот како доказ дека национализмот, медиумската доминација и трансакциската дипломатија сè уште носат победа, а апетитот за трансформација на Балканот кај меѓународната заедница би спласнал.
Состојбата е толку длабоко вкоренета, што дури и евентуалната победа на опозицијата би означила почеток, а не завршеток на трансформацијата на Србија. Во такво сценарио, првите месеци би биле најопасни. Вучиќ би задржал лојалисти низ целиот државен апарат, а секој институционален отпор би го претставил како одбрана на нацијата. Потенцијалната улична мобилизација на СНС веднаш би ја ставила на проба новата влада. Системот на Вучиќ се протега многу подалеку од самиот Вучиќ: тој почива на клиентелистички мрежи, заробени регулаторни тела, партизирани јавни претпријатија и послушни таблоиди. Новата власт би морала да го демонтира тој механизам без да го наполни со сопствени партиски војници – да ја разликува одговорноста од одмаздата, да го зачува административниот континуитет и, најтешко, да управува со очекувањата акумулирани во текот на долгите протести.
Сепак, опозициско мнозинство истовремено би го отворило најголемиот демократски простор во регионот во последните години. Тоа би можело да го оживее европскиот пат на Србија, да ја намали поддршката на Белград за дестабилизирачките политики во Босна и Херцеговина и да ја подобри политичката клима во врска со Косово и Црна Гора.
Најзапаливото сценарио: оспорен резултат и нова криза
Најзапаливо би бил тесен и оспорен изборен резултат – со паралелни прогласувања победа, обвинувања за измама и масовни протести – кои би можеле политичката криза да ја вратат од гласачките кутии назад на барикадите. Во таква ситуација, вообичаената европска наклонетост кон српската „стабилност” конечно би морала да помине сериозна ревизија, зашто историјата покажа дека стабилноста изградена околу еден „незаменлив” човек се потврдува како исклучително плоден извор на нестабилност. (DW)

