Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, ја обвини Владата на Христијан Мицкоски и коалицијата Влен дека мешаат документи од различни години за да ја префрлат одговорноста за влезот на српската Алта банка во Северна Македонија врз претходната власт.
На прес-конференција, Адеми претстави хронологија на одлуки што, според него, покажува дека согласностите и постапките за преземањето на Стопанска банка – Битола биле спроведени во 2025 година, во мандатот на актуелната влада.
„Владата на Мицкоски и Влен се обидува да ја замагли вистината за Алта банка, мешајќи одлуки од различни години и прашања што немаат врска едно со друго. Но, официјалните документи зборуваат јасно“, изјави Адеми.
Одлуката од 2023 година се однесувала на државен имот во Србија
Адеми најпрво се осврна на владината одлука од 24 октомври 2023 година, која претставници на власта ја посочуваат во расправата за Алта банка.
Според неговото објаснување, таа се однесувала на заштитата на акции што Северна Македонија ги наследила преку сукцесијата на поранешна Југославија во банка што во меѓувреме била купена од белградската Алта банка.
Тој наведе дека српското законодавство му овозможува на акционер со повеќе од 90 проценти од акциите да ги преземе и преостанатите акции без согласност од малцинските акционери.
Тогашната влада, според Адеми, го задолжила Државното правобранителство да ги застапува државните интереси пред органите во Србија.
„Нашата влада не остана со скрстени раце. Напротив, го ангажираше Државното правобранителство да нè застапува во Србија, за докрај да ги заштити интересите и имотот на државата“, рече тој.
Адеми нагласи дека оваа постапка немала врска со преземањето на Стопанска банка – Битола.
Септември 2025: Согласност, дозвола и владина одлука
Како прв клучен датум во процесот на преземање, Адеми го посочи 1 септември 2025 година, кога, според него, Народната банка издала претходна согласност за стекнување квалификувано учество.
Следниот чекор, наведе тој, била дозволата на Комисијата за хартии од вредност од 10 септември 2025 година, со решение број 10-69, за понудата на Алта банка за преземање на битолската банка.
Адеми посебно ја посочи претседателката на Комисијата, Бујаре Абази, која ја означи како кадар на Влен. Според него, дозволата била објавена во „Службен весник“ на 22 септември.
Еден ден подоцна, на 23 септември, Владата донела одлука на предлог на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според Адеми, со неа 16 јавни институции биле упатени да ја разгледаат понудата на Алта банка за акциите што ги поседувале и да одлучат дали ќе ја прифатат или одбијат. За прифаќање биле потребни писмени изјави во утврдениот рок.
„Владата не беше набљудувач. Таа ја внесе понудата на Алта банка во сопствените процедури и ги мобилизираше јавните институции да постапуваат по неа“, изјави Адеми.
Прашања за проверките на сопствениците
Според изложената хронологија, понудата за преземање била успешна во октомври 2025 година, а во декември банката го добила името Алта банка.
Адеми побара премиерот и министрите од Влен да објаснат какви проверки биле направени за сопствениците, како постапиле јавните институции што поседувале акции и што конкретно одлучила секоја од нив.
Тој побара одговори и за улогата на Комисијата за хартии од вредност и другите институции во одобрувањето и спроведувањето на преземањето.
Власта ја посочува претходната влада
Настапот на Адеми е одговор на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и Влен за улогата на функционери и лица поврзани со ДУИ во случајот.
ВМРО-ДПМНЕ претходно го посочи поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими и отворањето на прашањето за Алта банка на владината седница од октомври 2023 година.
Влен, пак, побара проверка на трансакциите со акции на компанијата „АС Сењак“, во сопственост на Селаудин Арифи, сват на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Компанијата ги отфрли обвинувањата за влијание врз институциите и најави тужби за клевета.
Адеми порача дека јавноста треба да добие документи и конкретни одговори за секој чекор од преземањето.
„Оваа хронологија не може да се промени со политички изјави“, рече тој.

