Владината партија ВЛЕН го повика поранешниот градоначалник на Гостивар и лидер на едно од крилата на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, да даде објаснување за нереализираните проекти за водоснабдување и за швајцарската донација од седум милиони евра, во контекст на актуелната криза со водата во Гостивар.
Во партиското соопштение, ВЛЕН наведува дека Таравари во минатото ги обвинувал политичките противници за негрижа кон јавното здравје, додека како градоначалник ветувал трајно решение за водоснабдувањето и изградба на два нови резервоара.
„Прашањето е каде испарија седумте милиони евра швајцарска помош“, се наведува во реакцијата.
Партијата тврди дека ветените инфраструктурни проекти не биле реализирани и дека граѓаните очекуваат одговорност, транспарентност и безбедна вода за пиење.
ВЛЕН побара целосна одговорност за сите функционери кои, според партијата, потфрлиле во заштитата на јавното здравје, додавајќи дека никој не треба да биде заштитен поради политичка функција или партиска припадност.
Партијата оцени дека Таравари треба да одговара според истите стандарди што, како што наведува, ги барал од своите политички противници додека бил во опозиција.

